Симптоми и знаци кај карциномот на штитната жлезда Печати

Клиничката слика кај раниот карцином на штитната жлезда е оскудна. Освен тврд чвор (нодус) во жлездата, не се забележува никаква друга симптоматологија. Во овој стадиум основно е да се испита природата на тврдината. Постоењето на безболна тврдина во пределот на вратот, во ниво на штитната жлезда, која долго време трае и се зголемува, треба да биде доволна причина да се отиде на лекарски преглед.

Не постои анамнестички податок, клиничко-лабораториски тест или знак при физикалниот преглед кој е карактеристичен за тиреоидниот карцином, со исклучок на мерењето на калцитонинот, кој се користи за откривање на медуларниот карцином на штитната жлезда.

За среќа, повеќето тврдини во пределот на штитната жлезда се бенигни. Но, дефинитивната хистопатолошка дијагноза се поставува со пункција на сомнителната тврдина и со цитолошки преглед на материјалот, земен со пункцијата.

Останатите клинички симптоми зборуваат за локално напреднат тумор, а со тоа и за полоша прогноза на болеста.

Ретко малигните тумори на штитната жлезда може да доведат до изразена компресија или инфилтрација на душникот, кои би довеле до акутна опструкција на душникот, а која би барала итна хируршка интервенција како трахеотомија (правење на отвор во душникот) или тотална тиреоидектомија (оперативно отстранување на целата штитна жлезда). Исклучок е анапластичниот карцином на штитната жлезда, кој има брз раст и кој брзо доведува до зафаќање на околните структури, како што е душникот. Овој хистолошки тип на карцином има голем потенцијал за метастазирање и брзо, по крвен пат, дава метастази во далечните органи.

Така, во зависност од локалната проширеност на туморот, како и од присуството на далечни метастази, разликуваме локални и системски манифестации.

Локални манифестации

Најголем број на пациенти со добро диференцирани карциноми на штитната жлезда се со присутни асимптоматски зголемени лимфни јазли во вратот. Дисфонијата (засипнат глас, поради парализа на рекурентниот нерв), дисфагија (отежнато голтање), диспнеа (отежнато дишење), кашлица, напади на гушење, болка, се ретки симптоми, со исклучок кај болните со анапластичен карцином. Овие клинички знаци зборуваат за напредната фаза на болеста.

Анапластичниот карцином се препознава со својот брз раст, зафаќањето на соседните структури и неговата фиксација за душникот, што се манифестира со тешкотии во дишењето.

Системски манифестации

Хипотиреоидизмот (намалена функција на штитната жлезда) ретко се јавува кај добро диференцираните карциноми, додека кај анапластичниот карцином може да се види и нагол губиток на телесна тежина.

Тиреотоксикозата ретко се јавува кај болните со карцином на штитната жлезда, бидејќи туморите се обично нефункционални.

Кај пациентите со медуларен карцином (20-30%) и тоа особено со присутни далечни метастази се жалат на постојана (ендокрина) дијареа, која го исцрпува болниот. Простагландините, вазоактивните интестинален полипептид и серотонинот може да бидат произведени од туморските клетки и тие може поединечно или заедно во комбинација да бидат одговорни за дијареата (пролив). Може да се јави и Кушингов синдром, кој се јавува како последица на зголемената секреција на ACTH од медуларниот карцином.

Поради тоа што медуларниот карцином често метастазира во пределот на медијастинумот, при рендгенграфска снимка на градниот кош се забележува проширен медијастинум. Затоа, овој наод кај пациенти со палпабилни тумори во пределот на штитната жлезда треба да го наведе лекарот да се посомнева за постоење на медуларен карцином. Поретко овој наод е виден и кај другите хистолошки типови на тиреоиден карцином.

Паранеопластични синдроми

Паранеопластичните симдроми се чести кај напреднатиот медуларен карцином на штитната жлезда. Така може да се јави:

  • Кушингов синдром (поради зголемена продукција на ACTH од страна на туморот),
  • Хипокалциемија (зголемена продукција на калцитонин од медуларниот карцином).