Причини и ризик фактори Печати

Малигни тумори на штитната жлезда (тиреоидна жлезда, thyroid gland.)

Малигните тумори на штитната жлезда се ретки и сочинуваат околу 1% од вкупниот број на малигни тумори кај човекот.

Овие тумори се јавуваат во сите возрасти, со тоа што кај мажот инциденцата расте со возраста, додека кај жената се карактеристични два пика на инциденцата – помалиот пик е на возраст од 7 до 30 години, а другиот, поголемиот пик на инциденцата се јавува во понапреднатата возраст.

Туморите на штитната жлезда се јавуваат 2 до 3 пати почесто кај жената, отколку кај мажот.

Инциденцата е повисока во земји каде што гушавоста е ендемична, но во некои земји инциденцата е висока и покрај нискиот процент на гушавост (струма).

Папиларниот карцином на штитната жлезда се јавува најчесто во региони богати со јод (Исланд, делови на Шкотска, Хаваите и други).

Причини и фактори на ризик

Како и за другите карциноми, така и за туморите на штитната жлезда, причините за нивното јавување не се познати. Но, постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на овие малигни заболувања кај одредени лица.

Сепак, присуството на еден или повеќе фактори на ризик, не значи и сигурно заболување од овие малигноми.

Исто така, заболуваат и лица, кои немаат ниту еден фактор на ризик.

Фактори на ризик за карциномите на штитната жлезда се:

Возраст

Инциденцата на анапластичните карциноми на штитната жлезда се зголемува со возраста. Така, таа е повисока после 60 годишна возраст

Пол

Туморите на штитната жлезда се јавуваат 2 до 3 пати почесто кај жената, отколку кај мажот.

Раса

Црната раса има поголем ризик да заболи од карцином на штитната жлезда отколку белата раса. Така припадниците на црната раса во Америка имаат 1.8 пати поголем ризик да заболат од карцином на штитната жлезда, отколку припадниците на белата раса.

Алкохол

Алкохолот во некој клинички студии бил докажан како фактор на ризик. Лицата кои консумираат поголеми количини на алкохол оболуваат 2.5 пати почесто од ова малигно заболување, отколку оние кои не консумираат алкохол и тој ризик е забележан и кај двата пола.

Претходна ирадијација

Еден од најзначајните фактори на ризик е претходното озрачување (радиотерапија) на штитната жлезда. Кај децата кои биле озрачени во пределот на вратната регија заради бенигни состојби, како на пример хиперплазија на тимусот, туберкулозен аденит (туберкулозно воспаление на лимфните јазли) и друго, по подолг латентен период од 10-20 години се јавуваат чворчиња (нодулуси) во штитнта жлезда (кај 25% од озрачените деца), а околу една четвртина од нив се малигни, најчесто папиларни карциноми на штитната жлезда.

Исто така, кај озрачените од атомска бомба во Хирошима и Нагасаки забележена е зголемена инциденца на тиреоидниот карцином.

После хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година, појавата на тиреодниот карцином во Украина е зголемена за 10 пати.

Генетски фактори

Фамилијарна предиспозиција (позитивна фамилијарна историја)

Утврдено е дека папиларниот и фоликуларниот карцином на штитната жлезда почесто се јавува во одредени фамилии. Ризикот да заболи едно лице од тиреоиден карцином е поголем, доколку еден или повеќе членови од блиското семејство се заболени од овој малигном.

Фамилијарни синдроми

Доколку лицето боледува од некои фамилијарни заболувања (синдроми), тоа има и поголем ризик да развие медуларен карцином на штитната жлезда.

Така, медуларниот карцином на штитната жлезда може да се јави во склоп на мултипна ендокрина неоплазија тип IIa. Тоа е автозомно доминантно наследен синдром, кој се карактеризира со медуларен тиреоиден карцином, феохромоцитом ( тумор на надбубрежната жлезда) и други паратиреоидни аденоми (бенигни тумори на параштитните жлезди).

Исто така, медуларниот тиреоиден карцином може да се јави и при мултипна ендокрина неоплазија тип IIb. И ова е наследен синдром, сличен на типот IIa, но со присуство на бројни неуроми (тумори на нервите) на усните и јазикот и мегаколон (проширено дебело црево).

Географски региони

Во одредени географски региони каде во исхраната има недостаток од јод и има ендемска гушавост (струма) забележена е повисока инциденца на тиреоидниот карцином, посебно на фоликуларниот карцином. Приближно 25% од сите карциноми на штитната жлезда се развиваат на претходно постоечките мултинодални струми.

Од друга страна пак, папиларниот карцином на штитната жлезда се јавува почесто во региони богати со јод (Исланд, делови на Шкотска, Хаваите и други).

Претходни заболувања на штитната жлезда

Одредени заболувања на штитната жлезда може да го зголемат ризикот за развој на тиреоидниот карцином. Тоа се: мултинодална гушавост и воспление на штитната жлезда (тиреоидит).

Мултинодуларна гушавост

Мултинодалната гушавост го зголемува ризикот за карцином на штитната жлезда и тоа приближно 80% за анапластичните тумори и 25% за сите карциноми на штитната жлезда.

Пациентите кои биле лекувани долг период со антитиреоидни лекови, како што е propil-tiouracil-от, поради присутен хипертиреоидизам (зголемена функција на штитната жлезда), се со зголемен ризик за развој на карцином.

Воспаление на штитната жлезда (тиреоидит)

Воспалението на штитната жлезда директно не е поврзан со поголем ризик за развој на карцином, но поради хипотиреоидизмот (намалена функција на штитната жлезда), кој често се развива природно или поради примената на лековиte, може да се зголеми ризикот за развој на карцином.

Автоимуни аспекти на тиреоидниот карцином

Неколкy автори објавиле повисок титар на антитела против тиреоидните клетки, кај пациентите со карцином на штитната жлезда, споредено со останатата популација.

Ова укажува на автоимуна компонента во развојот на тиреоидниот карцином.