Дијагноза кај мекоткивните саркоми Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Симптомите зависат од локализацијата на примарниот сарком.

Ретроперитонеалните саркоми (саркоми во стомачна шуплина) обично се манифестираат со болка во грбот, со опструктивна уропатија (компресија на мочните патишта), оток на долните екстремитети.

Саркомите на главата и вратот даваат различни испади на кранијалните (мозочните) нерви, главоболка и друго.

Саркомите локализирани во системот за варење може да дадат крварење од цревата, како и други симптоми повразни со овој систем.

Саркомите локализирани во уринарниот систем може исто така да дадат пореметување во мочањето, и тоа: отежнато мочање, печење и болка при мочање, хематурија (крв во мочката) и во најтешки случаи и комплетна уринарна ретенција (неможност за мочање).

По земањето на детална анамнеза, искусниот лекар, ако се посомнева за постоење на карцином, ќе назначи и други дополнителни испитувања со цел да се постави точна и рана дијагноза.

По анамнезата следи внимателен физикален преглед по системи.

Доколу мекоткивните саркоми се локализирани на екстремитетите, ќе биде присутна голема туморска творба, која може да се напипа, а доколку туморот се проширил и на регионалните лимфни јазли, може да даде и оток на екстремитетот.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Рендгенграфија на зафатената регија

Рендгенска снимка на зафатената регија е првичната дијагностичка постапка, која може да покаже присуство на мекоткивен супстрат.

Компјутеризирана томографија

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

КТ се користи за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Магнетна резонанца (МРИ)

При прегледот со магнетна резонанца се користат силни магнетни полиња, со кои се добиваат неверојатно јасни и детални слики од внатрешните органи и ткива.

При МРИ не се изложува пациентот на дополнително озрачување, бидејќи се користат електромагнетни бранови. Тоа е безболна процедура без несакани ефекти.

Со КТ и МРИ на афектираната регија прецизно се проценува туморската инвазија. МРИ се користи почесто за проценка на туморите на екстремитетите и 'рбетниот столб, додека КТ се користи за абдоминалната и градна болест.

Артериографија и лимфангиографија

Ова се дијагностички процедури, при кои се вбризгува контраст во крвните или лимфните садови, после кој се прават рендгенски снимки и се гледа како контрастот минува низ артериите или лимфните садови. Оваа метода е основна за утврдување на васкуларната и лимфната инвазија на туморот, особено пред донесување на одлука за „спасување на екстремитетот“ или т.н. „limb salvage“ хирургија.

Рендгенграфијата на белите дробови, ехотомографски преглед на абдоменот и сцинтиграфски преглед на скелетот се дополнителни дијагностички процедури кои се потребни за дефинитивна проценка на стадиумот на болеста.

Биопсија

Сепак, за дефинитивно поставување на дијагнозата на саркомот потребно е да се земе материјал од мекоткивниот тумор, кој потоа се праќа на патолог, кој ќе постави дефинитивна хистопатолошка дијагноза.

Инцизивната биопсија е најчеста метода на биопсија за суспектниот мекоткивен сарком (голема и длабоко локализирана творба).

Друга техника е „tru cut“ или „core“ биопсија, со која се обезбедува доволно ткиво за хистопатолошка дијагноза.

За површински тумори, помали од 5 cm се применува ексцизивна биопсија, при која се отстранува туморот во целост.

Аспирациона биопсија и цитологија е резервирана за утврдување на рецидив на болеста, а многу ретко за утврдување на примарната дијагноза.

Точната хистопатолошка дијагноза изискува добро фиксирано и обоено ткиво, антитела за имунохистохемиски иследувања, за селектирани случаи ткивото треба да биде подготвено за електронска микроскопија, цитогенетски студии и молекуларни анализи.

Цитогенетските анализи откриваат клонални хромозомски аберации кај наголем број на саркоми, фузија на гените како резултат на хромозомски реаранжирани или прекубројни ring-хромозоми.

По поставувањето на хистолошката дијагноза, од голема важност е да се одреди степенот на диференцираноста на саркомот, т.е. неговиот градус (G). Тој има голема прогностичка и дијагностичка важност.

Мутацијата на p53 генот, поголема експресија на p53 и висок Ki (индекс на пролиферација) се асоцирани со висок степен на малигност и кратко преживување.