Црн дроб Печати

Црниот дроб е најголема жлезда во човековото тело. Се наоѓа позади ребрата, во горниот десен дел од абдоменот. Се состои од два дела т.н. лобуси: десен и лев.

Црниот дроб има бројни и многу важни животни функции, кои се битни за одржување на здравјето на човекот. Така, една од важните функции на црниот дроб е продукцијата на жолчка, која е неопходна за разградување на мастите, а помага и во апсорпцијата на супстанциите растворливи во масти, вклучувајќи ја и тука и апсорпцијата на витамините А, Д, Е и К. Жолчката се складира во жолчното кесе и се излачува во почетниот дел на тенкото црево (дуоденум), при процесот на варењето на храната. Според тоа, жолчката помага во разградувањето, односно варењето на храната.

Сите материи кои се апсорбираат од цревата, преку крвта, одат во црниот дроб во кој се одигруваат бројни важни метаболни процеси, при кои доаѓа до синтеза на многу супстанции неопходни за нормална функција на организмот.

Црниот дроб е важен и за детоксикација на некои отровни материи. Во него се прочистуваат отровните материи од крвта.

Црниот дроб е важен и за регулирање на шеќерот и холестеролот во крвта, како и за синтеза на повеќе белковини кои циркулираат во крвта.

И покрај фактот дека токму во црниот дроб се одвиваат многу животно важни функции, како и дека болестите на црниот дроб се наоѓаат на десетто место како причина за смрт, на него, односно на неговите заболувања, често не се обрнува доволно внимание. Причина за тоа делумно лежи во недоволното познавање на сите функции на црниот дроб, но и на фактот што симптомите на болестите на црниот дроб обично се неспецифични и настануваат постепено, подмукло.