Ширење на ракот Печати

Патологија

Макроскопски хепатоцелуларниот карцином се манифестира како мека, добро васкуларизирана промена, претставена како солитарен примарен нодус (чвор) со присутни сателитски промени во околниот паренхим, или како многубројни дифузни лезии, што укажува на брза дисеминација или на мултифокален раст на туморот.

Карциноми кои примарно настануваат во црниот дроб се:

  • фиброламеларен карцином,
  • холангиокарцином (настанува од жолчните каналчиња во црниот дроб),
  • хепатобластом (најчест малиген тумор во детската возраст),
  • хепатоцелуларен карцином.

Хепатоцелуларниот карцином е најчест тип на карцином ( 90%), кој примарно настанува во црниот дроб, а се јавува како последица на малигната трансформација на хепатоцитите (клетки на црниот дроб).

Ширење на примарниот тумор на црниот дроб

Примарниот тумор на црниот дроб може да се шири на три начина и тоа со:

  • директно ширење,
  • лимфогено ширење,
  • хематогено ширење.

Директно ширење на туморот

Карциномот на црниот дроб се проширува со директно растење и зафаќање на околните органи и структури. Туморот се проширува директно инфилтрирајќи го околниот црнодробен паренхим и соседните органи: жолчното кесе, желудникот, дијафтагмата, почетокот на тенкото црево (дуоденум).

Хепатоцелуларниот карцином има тенденција да ги инфилтрира крвните садови - порталната и хепаталните вени, долната вена кава, дури и десното срце, создавајќи континуиран туморски сноп.

Лимфогено ширење на туморот

Лимфогеното метастазирање се јавува кај 40% од пациентите, при што првично се зафатени регионалните лимфни јазли.

Хематогено ширење на туморот

Хематогеното метастазиарње е значително поретко, но не и невозможно. Примрниот тумор на црниот дроб може преку крвта да се прошири и да даде метастази во оддалечените ткива и органи во телото. При тоа, на овој начин може да биде зафатен било кој орган или ткиво во телото.

Сепак, најчесто хематогените метастази се локализирани во белите дробови и во коските.