Симптоми и знаци кај карцином на црн дроб Печати

Црниот дроб е орган кој има голема функционална резерва, заради што симптомите и знаците на малигното заболување се притаени и подмолни. Тие често се и неспецифични. Тегобите ретко се јавуваат во раните стадиуми на болеста, па затоа ракот на црниот дроб често се вика „тивка болест“. Како што туморот расте се јавуваат и симптомите на болеста.

Доколку малигномот се развил, а претходно не постоела цироза на црниот дроб, клиничкта слика се карактеризира со зголемен и болен црн дроб, кој може да се напипа под десниот ребрен лак. Присутната тумроска маса предизвикува болка во абдоменот.

Кога хепатоцелуларниот карцином се јавува на циротичен црн дроб, доминантни се симптомите на црнодробна слабост (хепатална декомпензација).

Најчести симптоми на примарниот карцином на црниот дроб се:

  • болка под десниот ребрен лак која може да се шири во грбот и према рамото,
  • присуство на течност во стомачната празнина,
  • губиток на телесна тежина,
  • губиток на апетит,
  • општа слабост и малаксаност,
  • жолтило на кожата и белките на очите, поради зголемените количини на билирубин во крвта,
  • темна мочка која се јавува поради зголемената количина на билирубин во крвта и мочта,
  • покачена телесна температура,
  • мачнина и повраќање,
  • портална хипертензија.

Особено драматична клиничка слика се манифестира при руптура на туморот, при што се јавува јака пробивна абдоминална болка, состојба на шок поради интензивно крварење во стомачната празнина.

Портална хипертензија

Ширењето на туморот во порталниот (vena portae) и хепаталниот венски систем може да доведе до знаци на портална хипертензија.

Порталната вена (vena portae) донесува 75-80% крв во црниот дроб. Порталната крв содржи околу 40% повеќе кислорот отколку крвта која се враќа во срцето од системската циркулација. Порталната вена го снабдува со крв и хранливи материи црнодробниот паренхим (клетките на црниот дроб, хепатоцити). Таа ги носи скоро сите хранливи материи кои се апсорбираат во системот за варење, освен мастите кои го заобиколуваат црниот дроб.

Артериската крв од црнодробната артерија (arteria hepatic) донесува само 20-25% крв во црниот дроб и таа воглавно се дистрибуира меѓу непаренхимските структури.

Карциномот на црниот дроб со својот раст и уништување на нормалното ткиво на црниот дроб, доведува до намалување на протокот на крвта во порталната вена, а крвниот притисок расте. Овој покачен притисок доведува до враќање на крвта низ порталната вена, што доведува до појава на портална хипертензија.

Асцитот е течност која се собира во стомачната празнина, а обично е последица на порталната хипертензија и неговата појава укажува на локално напреднат карцином на црниот дроб.

Може да се види и оток на рацете и нозете, како и спленомегалија (зголемена слезенка).

Една од најсериозните последици на порталната хипертензија е развојот на варикозни крвни садови. Околните вени се проширени (варикозни), бидејќи преку нив минува крвта заобиколувајќи го црниот дроб, поради големиот отпор што постои во порталниот крвоток. Таквите крвни садови се многу тенки и извијугани. Варикозните крвни садови најчесто се јавуваат во хранопроводникот и желудникот. Постои голема опасност да овие крвни садови прснат и доведат до драматично крварење.

Крварењето во системот за варење се јавува поради пореметениот механизам на згрутчувањето на крвта, обично предизвикано поради недостаток на витаминот К, смалената концентрација на белковини за згрутчување на крвта, како и поради нискиот број на крвни плочки (тромбоцити - крвни клетки кои нормално го започнуваат процесот на згрутчувањето на крвта).

Може да дојде до развој на енцефалопатија (оштетување на мозокот) која предизвикува ментална конфузија, а во најтешки случаи и до кома и смрт. Развојот на енцефалопатијата обично е поврзан со други компликации, како што се крварење од системот за варење, инфекции и друго.