Превенција и скрининг Печати

Превенција

Бидејки не е позната причината за настанувањето на кациномот на црниот дроб, како и сите можни фактори на ризик, не е можно да се спроведе сигурна превенција на болеста.

Како превенција за ракот на црниот дроб се наведува избегнување на оние фактори на ризик на кои може да влијаеме и да ги контролираме. На некои фактори на ризик не можеме да влијаеме, како што се полот, возраста и генетската предиспозиција. Но, на некои фактори на ризик можеме да влијаеме и да ги контролираме.

Ризикот од појава на рак на црниот дроб може значително да се намали доколку се заштитиме од инфекција со вирусот на хепатит Б и Ц и доколку ја превенираме цирозата и другите црнодробни заболувања.

Хепатитот Б може да се превенира со сигурна и ефективна вакцина.

Постои вакцина против хепатит Б, која овозможува повеќе од 90% заштита за возрасните и децата. Заштитата трае со години и може да биде дури и доживотна. Вакцината може да се дава скоро на секој, вклучувајќи ги новороденчињата, децата и возрасните, па дури и оние со намален имунолошки систем. Новороденчињата често ја примаат вакцина против вирусот на хепатит Б уште во текот на првата година од својот живот, типично во 2, 4 и 9 месец од животот.

Бидејќи не постои вакцина против вирусот на хепатит Ц, следниве мерки, исто така, можат да играат важна улога во заштитата на здравјето.

Информирајте се за хепатитот Б и Ц

Дознајте сè за хепатитот Б и хепатитот Ц . Научете како тој се пренесува и како можете да се заштитите.

Дознајте го здравствениот статус на вашиот сексуален партнер

Не се впуштајте во незаштитен секс се додека не бидете сигурни дека вашиот партнер не е инфициран со вирусот на хепатит Б и Ц, или со некоја друга сексуално пренослива болест. Доколку не го знаете здравствениот статус на вашиот партнер, користете заштитни кондоми.

Користете стерилини игли

Никогаш немојте да користите заеднички игли или прибор за инјектирање. За намалување на ризикот од инфекција преку инфицирана крв неопходно е користење на игли и шприцеви за еднократна употреба или, доколку тоа не е можно, потребна е нивна правилна стерилизација. Ова се однесува на секоја опрема со која, поради било која причина се нарушува интактноста на кожата (бушење уши, тетовирање, акупунктурни игли, инравенска употреба на дрога и др.). Треба да се внимава и кога некој крвари или кога се исфрла медицинскиот отпад (игли).

Избегнувајте пирсинг и тетовирање

Иглите за пирсинг или тетовирање може да не бидат правилно стерилизирани и можат да го пренесат вирусот на хепатит. Често човекот може да се зарази при тетовирање со игли кои се натопени во заразено мастило.

Бидете внимателни при примање на крвни продукти во одредени земји

Сè до почетокот на 1992 година не постоеле тестови за откривање на вирусот на хепатит Ц во донираната крв. Затоа пред 1992 година, многу инфекции настанувале како последица на трансфузија со заразена крв, а која се давала кај лица кои имале потреба од трансфузија на крв или крвни деривати (конзервирани црвени крвни зрнца или крвни плочки-тромбоцити).

Денес во многу земји во светот се тестираат крвните продукти за трансфузија за евентуалното присуство на вирусот на хепатит Б и Ц. Сепак, тоа не мора да биде случај и во некои посиромашни земји. Затоа, доколку имате итна потреба од примање на крв или крвни пордукти додека сте во некоја друга земја, тестирајте се за хепатитот Б и Ц кога ќе се вратите дома.

Како заштита од ракот на црниот дроб се препорачува и следново:

Избегнувајте консумирање на алкохол и одредени лекови

Алкохолот ја забрзува прогресијата на секоја црнодробна болест и е водечки фактор за развој на цироза – ризик фактор за ракот на црниот дроб.

Цирозата е болест која настанува кога уништените клетки на црниот дроб (хепатоцити) се заменуваат со нефункционално фиброзно ткиво.

Цирозата може да се јави поради ексцесивно консумирање на алкохол, поради долготрајна примена на некои лекови (кортикостероиди), при изложеност на некои хемикалии, како и поради инфекции на црниот дроб со некои вируси или паразити. Околу 5% од лицата со цироза, ќе оболат од карцином на црниот дроб.

Наодите при аутопсија на пациенти, кои биле алкохоличари и кои умреле поради присутни циротични промени на црниот дроб, покажале истовремено присуство и на хепатоцелуларен карцином во 10 до 55%. Механизмот не е јасен, но се смета дека хроничниот воспалителен процес, кој секогаш ја придружува цирозата, игра одредена улога.

Прекумерно консумирање на алкохол значи консумирање на повеќе од два алкохолни пијалока дневно за мажите, и едно за жените (чаша вино, пола литро пиво или 0,3 dcl јак алкохол).

Избегнувајте консумирање на алкохол и ацетаминофен (Tylenol и други), бидејќи оваа комбинација доведува до тешки оштетувања на црниот дроб.

Избегнувајте изложеност на токсини од надворешната средина

Избегнувајте ја изложеноста на некои хемиски канцерогени, како што се пестицидите, разни бои и лакови, арсен и друго. Арсенот е потенцијално отровен и може да се најде во водата за пиење во некои краеви.

Избегнувајте го афлатоксинот. Во некои региони со висока инциденца на хепатоцелуларен карцином, утврдена е неговата поврзаност со присуството на микотоксинот - афлатоксин во храната. Афлатоксинот го создаваат габичките Aspergillus flavus и Aspergillus parasiticus, кои се развиваат во влажни услови. Афлатоксинот е јак канцероген и неговото канцерогено дејство се манифестира и при мали дози. При орално внесување на афлатоксинот, негов таргет орган е црниот дроб, но можна е појава на малигноми и на други органи.

Скрининг

Не постои целосно сигурен скрининг тест за ракот на црниот дроб. Докторите понекогаш го користат испитувањето на нивото на АFP во крвта, како скрининг тест за лицата со висок ризик за рак на црниот дроб.

Испитување на нивото на АFP во крвта

AFP е протеин кои нормално се наоѓа во феталната крв, а го произведува црниот дроб, жолчната кеса и ситемот за варење. Пикот на концентрацијата на AFP достига 3 mg/ml во 12- тата недела од бременоста. По раѓањето, нивото на AFP нагло опаѓа, па во крвта на здрав човек се наоѓа скоро во немерливи концентрации, помали од 20 ng/ml, освен за време на бременоста.

AFP е важен туморски маркер за дијагноза на хепатоцелуларниот карцином (рак на црн дроб), па може да биде корисен и како скрининг тест за негово рано откривање.

Зголемените вредности на AFP се чести во региони каде ракот на црниот дроб е ендемичен (Африка), како и кај пациенти со позитивен антиген на хепатитис Б (позитивен HbsAg).

Зголемениот AFP е еден од најсигурните поединечни показатели на малигната болест. Како таков тој би можел да се користи како скрининг метода кај лицата со ризик за развој на рак на црниот дроб.

AFP е ретко покачен кај здравите луѓе, а се зголемува само при неколку немалигни болести како: наследна тирозиноза, при актутен вирусен или медикаментозен хепатит (воспаление на црн дроб) и во состојби кога црниот дроб се обновува т.е. регенерира. При овие болести, вредностите на AFP се под 500 ng/ml и не укажуваат за присуство на рак на црниот дроб. Затоа, АFP е корисен туморски маркер за дијагноза на ракот на црниот дроб, каде овој маркер е над 500 ng/ml во крвта. Кај овој вид на карцином, AFP се кориси како помошна метода за поставување на дијагноза на туморот, како и за следење на болеста и следење на одговорот од применетата терапија.

Но, овој крвен тест не е 100% сигурен. Не сите малигни тумори на црниот дроб ствараат АFP, а исто така, и оние карциноми кои го продуцираат AFP, може да дадат зголемени вредности на овој маркер во крвта дури откога болеста значително ќе напредне. Од друга страна пак, нивото на AFP може да биде покачено и при други видови на карциноми (на пример при рак на тестис), како и при некои немалигни заболувања на црниот дроб.

Иако АFP скрининг тестот може да ги открие малите тумори на црниот дроб кај некои луѓе, сепак тие ретко рано се откриваат. Причина за тоа е што симптомите на ракот на црниот дроб обично се јавуваат дури тогаш кога тој е веќе напреднат. Ракот на црниот дроб расте многу брзо. Најчестиот тип на рак на црниот дроб, хепатоцелуларниот карцином, ја удвојува својата големина на секои 4 месеци.

Дијагнозата на ракот на црниот дроб е тешка, бидејќи симптомите на црнодробниот рак често се слични со симптомите на многу други медицински состојби и заболувања. Исто така, не постојат стандардни тестови за ракот на црниот дроб.

Доколку имате било кој симптом на црнодробниот карцином, како што се: неочекувано губење на телесна тежина, присутна абдоминална болка или тврдина во абдоменот и жолтица, веднаш јавете се кај вашиот лекар.