Причини и ризик фактори Печати

Епидемиологија

Карциноми кои примарно настануваат во црниот дроб се:

  • фиброламеларен карцином,
  • холангиокарцином (настанува од жолчните каналчиња во црниот дроб),
  • хепатобластом (најчест малиген тумор во детската возраст),
  • хепатоцелуларен карцином.

Хепатоцелуларниот карцином е најчест тип на карцином, кој примарно настанува во црниот дроб, а се јавува како последица на малигната трансформација на хепатоцитите (клетки на црниот дроб).

Посебна карактеристика на хепатоцелуларниот карцином е значителната разлика на неговата инциденца во различни делови на светот. Околу 85% од сите регистрирани случаи се забалежени во регионите на Источна и Југоисточна Азија и во некои делови на Африка, а тоа се подрачја каде инфекцијата со вирусот на хепатитот Б е ендемична.

Според податоците на UICC за инциденцата на хепатоцелуларниот карцином во различни популации, направена е поделба во три групи:

  • земји со многу висока инциденца - над 20/100 000. Тука спаѓаат: Кина, Тајван, Сингапур, Југоисточна Азија, Западна и Јужна Африка;
  • земји со средно восока инциденца – Јапонија, Јужна Европа, Бугарија, Полска, Унгарија, Франција, Белгија, Маорите на Нов Зеланд;
  • земји со ниска инциденца под 5/100 000 – Велика Британија, САД, Австралија, Израел, Скандинавија, Латинска Америка, Индија.

Причини и фактори на ризик

Основната причина за појавата на хепатоцелуларниот карцином не е позната. Заболувањето е резултат на делувањето на бројни физички, хемиски и биолошки предизвикувачи, кај пациенети со предиспозиција за ова оболување.

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на хепатоцелуларниот карцином кај некои луѓе. Но, проблемот е комплексен и до денес не се познати сите фактори на ризик.

Но, постоењето на еден или повеќе фактори на ризик, не значи дека и ќе дојде до развој на ова малигно заболување. Од друга страна пак, и лица кои немаат ниту еден фактор на ризик, заболуваат од хепатоцелуларниот карцином.

Како фактори на ризик за ова малигно заболување се наведуваат следните:

Возраст

Хепатоцелуларниот карцином обично е малигно заболување на старата популација. Најчесто се јавува на возраст над 60 години. Според тоа, возраста е фактор на ризик за настанување на овој малигном. Колку е понапредната возраста, толку и ризикот за настанување на ова заболување е поголем.

Пол

Хепатоцелуларниот карцином е почест кај мажите, отколку кај жените, а оваа разлика е поизразена кај популациите со висок ризик. Причината за ваквата разлика се смета дека е во врска со поголемата изложеност на машката популација на вирусните и хемиските етиолошки агенси како и различната чувствителност на нив, која е генетска или стекната.

Генетски фактори (позитивна фамилијарна историја за болеста)

Лицата со позитивна фамилијарна анамнеза, односно, кај кои некој од членовите од семејството боледува од карцином на црниот дроб, имаат поголем ризик за појава на ова малигно заболување.

Фактори на средината (хепатит и афлатоксин)

Значајните географски разлики во однос на зачестеноста на хепатоцелуларниот карцином укажуваат на важноста на факторите на средината во настанувањето на ова малигно заболување.

На прво место меѓу нив е инфекцијата со хепатитис Б вирусот (HBV) и внесувањето на микотоксичниот токсин - афлатоксин.

Хепатит Б и Ц

Корелацијата помеѓу инфекцијата со HBV и појавата на хепатоцелуларниот карцином е демонстрирана кај експерименталните животни, а многу епидемиолошки студии го потврдуваат овој факт.

Ризикот за појава на хепатоцелуларен карцином е 100 пати поголем кај носителите на вирусот на хепатитот Б и туморот се јавува, воглавно паралелно со преваленцата на вируот на хепатитот Б. Вирусната ДНК се вградува во генетскиот материјал на хепатоцитите, што доведува подоцна до развој на малигна трансформација на хепатоцитите.

Според тоа, иследувањата на молекуларно ниво укажувале на поврзаноста на вирусната инфекција со хепатоцелуларниот карцином. Откриена е интеграција на HBV - DNK во геномот на малигните клетки на хепатоцелуларниот карцином, како и во хепатоцитите на асимптоматските носители на антигенот на хепатит Б вирусот.

Хепатит Ц вирусот е, исто така, еден од можните причинители за хепатоцелуларниот карцином. Еден дел од пациентите со хепатоцелуларен карцином, кои не се поврзани со хепатит Б вирусот, се поврзани со хронична инфекција со хепатит Ц вирусот.

[ • Прочитајте повеќе за Хепатит Б и Хепатит Ц. ]

Афлатоксин

Во некои региони со висока инциденца на хепатоцелуларен карцином, утврдена е неговата поврзаност со присуството на микотоксинот - афлатоксин во храната. Афлатоксинот го создаваат габичките Aspergillus flavus и Aspergillus parasiticus, кои се развиваат во влажни услови. Афлатоксинот е јак канцероген и неговото канцерогено дејство се манифестира и при мали дози. При орално внесување на афлатоксинот, негов таргет орган е црниот дроб, но можна е појава на малигноми и на други органи.

Изложеност на торотраст

Торотраст (Thorotrast) контрасно средство кое содржи ториум диоксид кој е силен емитер на алфа-честички. Ова контрасно средство било употребувано во рендгенологијата во период од 1920 до 1950 год.

Утврдена е поврзаност помеѓу примената на оваа супстанција и појавата на примарни малигноми на црниот дроб, пред сé, на ангиосаркоми и холангиокарциноми. Најкусиот период помеѓу изложеноста на торотраст, при рендгенските иследувања, и појавата на црнодробниот малигном е 15 години.

Ова контрасно средство денес не се употребува.

Цироза на црниот дроб и алкохолизам

Цирозата е болест која настанува кога уништените клетки на црниот дроб (хепатоцити) се заменуваат со фиброзно, ожилјкасто ткиво.

Цирозата може да се јави поради ексцесивно консумирање на алкохол, поради долготрајна примена на некои лекови (кортикостероиди), при изложеност на некои хемикалии, како и поради инфекции на црниот дроб со некои вируси или паразити. Околу 5% од лицата со цироза, ќе оболат од карцином на црниот дроб.

Наодите при аутопсија на пациенти, кои биле алкохоличари и кои умреле поради присутни циротични промени на црниот дроб, покажале истовремено присуство и на хепатоцелуларен карцином во 10 до 55%. Механизмот не е јасен, но се смета дека хроничниот воспалителен процес, кој секогаш ја придружува цирозата, игра одредена улога.

Прекумерно консумирање на алкохол значи консумирање на повеќе од два алкохолни пијалока дневно за мажите, и едно за жените (чаша вино, пола литро пиво или 0,3 dcl јак алкохол).

Пушење

Се смета дека и пушењето и фактор на ризик за настанување на примарниот тумор на црниот дроб.

Арсен

Арсенот е, исто така, потенцијално отровен и може да се најде во водата за пиење во некои краеви.

Примарна хемохроматоза

Примарната хемохроматоза е генетски предизвикано пореметување на метаболизмот на железото. Железото се наоѓа во организмот во две форми: во форма на феритин, солубилна фракција која се наоѓа во цитоплазмата на клетките т.е. во липозомите, и во форма на хемосидерин. Нормално човековиот организам содржи 3-4 грама железо. Кај болните со хемохроматоза, железото достига до 20-40 грама. Најголем дел од железото е во форма на хемосидерин, па затоа често ова генетско заболување се вика и хемосидероза.

Кај болните со хемосидероза се јавува цироза на црниот дроб. Црниот дроб е зголемен, со цврста конзистениција и со тек на време се јавуваат и знаци на портална хипертензија т.е зголемен притисок во vena portae (се јавуваат проширени вени на хранопроводникот, течност во стомачната шуплина- асцит).

Хемохроматозата може да го зголеми ризикот за настанување на хепатоцелуларен карцином. Така карциномот на црниот дроб се јавува кај 15 до 30% од болните.