Симптоми и знаци кај карциномот на панкреасот Печати

Раните симптоми на карциномот на панкреасот се неспецифични и слични со симптомите на многу бенигни состојби. Поради тоа, ниту пациентите, па ни лекарите не им обрнуваат внимание.

Дури и наодите од помалку инвазивните иследувања, направени во оваа фаза од болеста, како што е, на пример, ехотомографијата на абдоменот, се во границите на нормалата и не го прикажуваат присутниот тумор, во неговата рана фаза.

Поради тоа, дијагнозата на заболувањето, кај најголемиот број на пациентите се поставува кога болеста е веќе во напреднат стадиум и кога веќе се манифестирале еден или повеќе симптоми од класичниот тријас: болка, жолтица и губење на телесна тежина. Овие симптоми веќе укажуваат на локално напреднат стадиум на болеста.

Симптомите на болеста зависат, пред се, од локализацијата на туморот и неговата проширеност.

Кај најголем број од болните (90%) првата манифестација на болеста е жолтицата пропратена со нагло губење на телесната тежина.

Основни симптоми и знаци на карциномот на панкреасот може да бидат: жолтица, болка и слабеење. Можни се и други симптоми на болеста, но тие не се специфични само за ракот на панкреас.

Се препорачува консултација со лекар при појава на некои од следниве симптоми и знаци: жолтица (жолта пребоеност на кожата и белките на очите), болка во горниот и среден дел на стомакот и грбот, нејасно губење на телесна тежина, губење на апетитот, малаксаност.

Како неспецифични симптоми се јавуваат гадење, повраќање, запек, слабост, јадеж по кожата, асцит.

Абдоминалната болка е присутна во 50 до 90% од случаите и во почетокот таа е дифузна, се јавува повремено, често зависи од завземената положба на болниот, а понекогаш може да се јави по земање на храна, поради што личи на болка предизвикана од чир во желудникот. Болката е најчесто локализирана во горниот дел на абдоменот (епигастриум), но една четвртина од пациентите имаат и болка во грбот. Болката во грбот е знак за напредната болест и постоење на инфилтрација во ретроперитонеумот.

Повеќе паранеопластични синдроми може да се манифестираат заедно со карциномот на панкреасот, а, иако ретко, тие може да бидат и единствената манифестација на болеста.

Се јавуваат: миграторен тромбофлебит и системски нодуларен паникулит или т.н. Вебер-Кристијаново заболување. Овој синдром се карактеризира со полиартритис и појава на црвени поткожни чворчиња кои понекогаш се некротични.

Овие симптоми може да бидат придружени со трески, абдоминална болка, масна некроза на косите, некроза на белите дробови и на другите органи.

Причината за појава на овој синдром е покаченото ниво на ензимот од панкреасот, липазата.

Ракот на панкреасот е многу тежок за окривање поради следново:

  • нема никакви збележителни знаци и симптоми во раната фаза на болеста,
  • знаците и симптомите, кога се манифестираат, личат на симптоми и знаци од многу други болести,
  • панкреасот е скриен зад органите во абдоменот и како таков е тешко достапен за иследување