Третмански опции за ракот на простатата Печати
Четврток, 29 Мај 2008 11:25

Не постои „единствен третман“ за сите пациенти со карцином на простата.

Секој пациент треба да се разгледува одделно и да се избере најдобрата тераписка опција за него.

За одредување на најадекватна тераписка опција за одреден пациент, се разгледуваат многу фактори, како на пример: стадиумот на болеста, Глисоновиот градус и збир, возраста на пациентот, неговата општа состојба и други фактори.

Тераписки опции на карциномот на простатата

Тераписки опции кои се применуваат во лекувањето на карциномот на простатата се:

Примената на тераписките опции зависи пред сè од тоа дали се работи за ран, за локално напреднат или за метастазичен карцином на простатата.

Активно следење на болеста (контролирано чекање)

Ракот на простатата е обично бавно растечки тумор и затоа понекогаш нема потреба од не­гово лекување.

Контролираното чекање, при кое докторот прави редовни испитувања за да провери дали има некои промени, може да биде првичен пристап.

Активното следење на болеста се покажала како добра опција за пациенти кај кои од некоја причина е одлучено да не се започне веднаш со хируршки третман или со радиотерапија.

Aктивното следење подразбира внимателно посматрање на болеста, со цел да се откријат евентуални знаци на прогресија. Тоа следење опфаќа:

  • испитување на ПСА во крвта,
  • анален преглед на секои 6 месеци,
  • биопсија на простата еднаш годишно.

Доколку дојде до влошување на симптомите или ако тестовите укажуваат на раст на кар­циномот, тогаш се започнува со одредена терапија која се планира индивидуално за секој пациент одделно.

Овој метод, односно, оваа тераписка опција може да биде добар избор за:

  • пациенти со низок градус на карцином, односно добро диференциран, кој има многу бавен раст,
  • пациенти со многу ран стадиум на карцином,
  • пациенти во понапредната возраст, над 70 години.
  • пациенти кои имаат сериозни заболувања, односно кога нивниот живот е загрозен. Така на пример, кај пациенти со сериозни срцеви заболувања, со висок крвен притисок, или со тешко контролирана шеќерна болест, онкологот може да одлучи дека е подобро тие само да се следат и да не им се даде терапија, со цел да се избегнат потенцијалните компликации.