Патологија на туморите на јајчникот Печати

Туморите на јајчникот се развиваат постепено во стомачната празнина и често достигнуваат големи размери, пред да ги забележи пациентката или лекарот.

Растењето на примарниот тумор, следено е со продор во соседните ткива и органи и, тоа ширење на туморот, предизвикува различни симптоми на притисок кај пациентката. Сколоноста кон ширење во перитонеалната празнина е причина и за појава на асцит (насобирање на течност во абдоменот).

По својата хистологија, оваријалните тумори се поделени во 3 групи:

  • Тумори кои настануваат од покривниот епител.
    Меѓу оваријалните тумори, најчести се епителните, односно, вистинските карциноми, кои во вкупниот број учествуваат со 85-90%. Тука спаѓаат: серозните, муцинозните, светлоклеточните, ендометроидните, а во поново време и borderline-туморите со граничен малигнитет.
  • Тумори кои настануваат од стромата на јајчникот.
    Значајна група се стромалните тумори, чија особина е хоронската активност. Тука спаѓаат: granulose cell, teca-cell, androblastom.
  • Тумори кои настануват од герминативниот епител.
    Тумори од герминативниот епител се: дисгерминомите, тератомите и ендодермалните синусни тумори.

Клиничка класификација по FIGO (Federation of international gynecology and obstetrics)

Стадиум на болеста претставува утврдување на нејзината проширеност.Одредувањето на стадиумот на болеста е клучен фактор за спроведување на адекватна терапија кај секоја пациентка ооделно. Според тоа, стадиумот има тераписки и прогностички цели.

За правилно хируршко-патолошко одредување на стадиумот на болеста кај пациентите со рак на јајчник, потребно е придржување кон хируршкиот протокол:

  • експлоративна лапаратомија преку верикален рез за да се овозможи проценка на состојбата во горниот абдомен,
  • задолжително е перитонеално испирање и земање на асцитна течност за цитолошка анализа, земање на испирок од абдоминалната шуплина и интраоперативна цитолошка анализа од типичните места (мала карлица, просторот околу дебелото црево, и просторот под дијафрагма),
  • внимателен комплетен и систематски преглед на целата абдоминална шуплина од дијафрагмата, па до подот на карлицата и земање на биопсија од сите сомнителни регии,
  • земање на примерок од перитонеум (абдоминалната обвивка) и тоа, како од сомнителните места, така и на слепо (најмалку 15-20 примероци) и/или лупење на перитонеумот,
  • целосна (супраколична) ресекција на абдоминалната обвивка,
  • апендектомија (отстранување на слепото црево),
  • одстранување на фиброзните (ожиљкасти) прирастоци,
  • карлична и парааортална лимфаденектомија (опертивно отстранување на лимфни јазли),
  • хистеректомија и аднексектомија (отстранување на целата матка со јајчниците) и чистење (луштење) на карличниот перитонеум.

За проценка и избор на адекватен третман, воведена е клиничката класификација на туморите по FIGO.

Стадиум I – Растот на туморот е ограничен само на јајчникот.

Стадиум Ia – Туморот е ограничен само на едниот јајчник, нема асцит, нема тумор на надворешната површина на јајчникот, капсулата на туморот е интактна.

Стадиум Ib – Туморот е ограничен на двата јајчника, нема присутен асцит, нема тумор на надворешните површини, капсулите на туморите се интактни.

Стадиум Ic – Тумори од Ia и Ib стадиум, но со тумор на површината на еден од двата јајчника, или со руптурирана (прсната) капсула, како и присуство на асцит, кој содржи малигни клетки, или со позитивен перитонеален испирок (присуство на малигни клетки во испирокот од перитонеумот).

Стадиум II – Растот на туморот го зафаќа едниот од двата јајчника со ширење во карлицата.

Стадиум IIa – Туморот се шири на матката или тубите.

Стадиум IIb – Туморот се шири во другите карлични органи.

Стадиум IIc – Тумори со стадиум IIa и IIb, но9 со тумор на површината на јајчниците или со руптурирана каппсула, или со присутен асцит ко содржи малигни клетки, или со позтивен перитонеален испирок (присуство на малигни клетки во испирокот од перитонеумот).

Стадиум III – Туморот го зафаќа едниот или двата јајчника, се шири во цревата и на големиот оментум, во малата калица или се зафатени ретроперитонеалните лимфни јазли.

Стадиум IV – Тумор со присутни метастази во далечните органи.

Степен на диференцијација на малигните клетки (градус)

GX - степенот не може да се процени;

G1 - добро диференциран тумор;

G2 - средно добро диференциран тумор;

G3 - лошо диференциран тумор;

G4 – недиференциран тумор.

Со хируршкиот зафат се дефинитивно одредува стадиумот на болеста и низа клиничко-патолошки карактеристики кои се важни за изборот на дополнителната терапија, по оперативниот зафат. Од големиот број на прогностички фактори, најзначајни се:

  • клиничко-патолошкиот стадиум на болеста и
  • големината на заостанатиот тумор по направената операција.