Причини и фактори на ризик за ракот на јајчникот Печати

Како и за другите карциноми, така и за карциномот на јајчникот, причините за негово јавување не се познати. Но, постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување кај одредени лица.

Сепак, присуството на еден или повеќе фактори на ризик, не значи и сигурно заболување од овој малигном.

Како фактори на ризик за ракот на јајчникот се наведуваат следниве:

  • Фамилијарна историја за рак: Жените кој имаа мајка, сестра, ќерка со рак на јајчник, имаат зголемен ризик да и самите заболат од овој малигном. Исто така, жени кои имаат фамилијарна историја за рак на дојка, на матка, на дебело црево или на задно црево можат, исто така, да имат зголемен ризик за развој на оваријален карцином.
    Ако неколку жени во една фамилија имаат рак на овариумот или на дојката, посебно на млада возраст, ова се смета за јака фамилијарна историја, а тоа значи и постоење на јак ризик за развој на рак на овариумот.
    Доколу имате изразена фамилијарна историја за рак на јајчник и на дојка, би можеле да поразговарате со вашиот лекар, кој би ви предложил генетско тестирање, како за вас, така и за другите женски членови од вашата фамилија. Генетските тестови можат понекогаш да покажат присуство на специфични генетски промени кои го зголемуваат ризикот за рак на јајчникот. Се анализира DNA, за да се откријат евентуалните генетски промени (алтерации), кои би инидицирале зголемен ризик за развој на рак на јајчникот.
  • Присутна лична историја за канцер: жените кои имале рак на дојка, на матка, на дебело црево или на ректум имаат поголем ризик и за рак на јајчникот.
  • Возраст над 55 години: Повеќе жени со рак на јајчник се на возраст над 55 години. Со напредувањето на возраста расте и ризикот за ракот на јајчникот.
  • Нулипаритет: Постарите жени кои никогаш не забремениле и не раѓале имаат поголем ризик за развој на рак на јајчникот.
  • Менопаузална хормонална терапија: (давање на полови хормони- естроген, прогестерон или и двата, кај жени по менопауза, со цел да се надокнадат хормоните, кои веќе не се продуцираат од јајниците): Некои студии покажале дека жените кои земаат само естроген (естроген без прогестерон) во тек на 10 или повеќе години може да имат зголемен ризик за рак на јајчник.
  • Гојазност: Некои научници ја наведуваат и гојазноста како ризик фактор, но нејзината улога како ризик фактор сеуште не е доволно проучена, и ако гојазноста е ризик фактор, тој не е така јак фактор.
  • Еколошки фактори и исхраната: Податоците за честотата на ракот на јајчникот кај Јапонките и Кинескињите, каде инциденцата е 1-2 случаи на 100 000 жени, говорат во прилог за значењето на исхраната и еколошките фактори, за кои, за жал, многу малку се знае. Разни клинички студии укажуваат на поврзаноста на ракот на јајчникот со исхраната богата со месо и масти од животинско потекло.

Сепак, многу жени, кои имаат некои од наведените фактори на ризик, нема и да заболат од рак на јајчник. Од друга страна, пак, често заболуваат и жени кои немаат ниту еден од овие фактори на ризик, освен возраста.

Како најизразени предиспонирачки фактори (фактори на ризик) за ракот на јајчникот се наведуваат:

  • нулипаритет (теорија на залудна овулација);
  • BRCA1 i BRCA2 ген (фамилијарно наследување);

Некои видови на тумори на јајчникот се јавуваат многу често или скоро исклучиво во одредени возрасни групи. Така на пример, бенигните тумори на јајчникот се јавуваат обично во просек на 45 години, гранично малигните – Borderline туморите на 47 години, а манифестниот карцином на јајчникот на 55 години.

Инциденцата на епителните тумори има два пика. Првиот пик е до 40-тата од животот, потоа се јавуват послабо, за да вториот пик (врв, максимум) го достигнат околу 60-тата година од животот. Некои тератоми се типични тумори кај младите девојки. Повеќето тумори на јајникот, кои настануваат пред 25-тата година од животот, се по потекло од половите клетки.

Ракот на јајникот, се почесто јавува кај жени кои имаат нормална овулација, но никогаш не забремениле. Теоријата на Cramer и Welch се обидува овој факт да го објасни со траумата на површниот епител на јајникот, која се јавува со секоја овулација, како и со процесот на репарирањето на овие трауми, при кој процес делови од површниот епител остануваат „заробени“ во внатрешноста на јајчникот. Во вториот чекор, директна или индиректна стимулација на овој заробен епител може да доведе до негова малигна трансформација. Во прилог на ова одат и податоците за помалиот ризик за настанување на рак на јајчникот кај:

  • жени кои раѓале повеќе деца,
  • жени кои користеле орални контрацептивни средства,
  • жени кои покасно имале прва менструација (менарха),
  • жени кај кои порано настапила менопаузата.

Сите овие жени имале помал број на залудни овулации во текот на животот, а со тоа и помал број на лузни кои се обновиле, репарирале.