Ширење на карциномот на грлото на матката Печати

Растот, т.е. ширењето на карциномот на телото на матката може да настане на три начина: со директен, локален, инфилтративен раст на туморот, со лимфогена и со хематогена дисеминација.

Директно ширење на туморот

Туморот започнува со неконтролирана делба на клетките на епителот на грлото на матката и со нивна малигна трансформација. Како што туморот расте, тој постепено директно ги зафаќа подлабоките слоеви на грлото на матката, а потоа се шири и надвор од грлото на матката, зафаќајќи ги параметриумите, sидот на вагината. Постепено ги зафаќа и околните структури и органи, како што се слузниците на мочниот меур и ректумот.

Ова е последица на директното ширење на туморот (per continuitatem).

Лимфогено ширење на туморот

Во подоцнешните етапи можно е лимфогено ширење на туморот и тоа во регионалните лимфни јазли. Така може да бидат зафатени ингвиналните лимфни јазли, парааорталните, а во некои случаи може да даде метастази и во оддалечените лимфни јазли како што се супраклавикуларните (лимфни јазли над кучната коска т.е. на вратот).

При постоење на метастатски пакети од лимфни јазли, можно е да се јават некои симптоми и знаци, кои се последица од компресијата на овие пакети на околните структури и органи.

Хематогено ширење на туморот

Хематогеното дисеминирање е ретко, посебно за време на дијагностицирањето на болеста. Затоа симптомите и знаците од далечните метастази ретко се јавуваат за време на дијагностицирањето на болеста.

Сепак, во напреднатите стадиуми на болеста може да дојде до ширење на туморот преку крвта во оддалечените ткива и органи.

При тоа, може да биде зафатен било кој орган и ткиво. Сепак, како најчести места на метастазирање на карциномот на грлото на матката се: белите дробови, црниот дроб, коските и мозокот.