Дијагноза кај карцином на тело на матка Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Главен, а често и единствен знак на туморите на телото на матката е постменопаузалното крварење. Вагиналното крварење е важен, драматичен знак, кој ги принудува пациентките да се јават на лекар, така што и дијагностицирањето на болеста во нејзините рани стадиуми е често. Пациентката се жали на вагинално крварење, кое се јавува неколку години по престанување на менструалниот циклус. Во почетокот крварењето е помало, но потоа е се пообилно и почесто.

Секое вагинално крварење, кое се јавува во менопаузата, треба да го наведе лекарот да се посомнева на постоење на тумор на генителните органи и да назначи и други дополнителни испитувања.

Кај помладите пациентки, кои сеуште имале редовен менструален циклус, се јавува продложено перименструално крварење, менструациите се подолготрајни, пообилни и се јавуваат ирегуларно, т.е. без да постои редовен менструален циклус.

Секое продолжени и ирегуларно крварење кај пременопаузалните жени, треба дополнително да се испита, за да се постави точната дијагноза т.е. причина за крварењето.

Исто така, лекарот при анамнезата ги испитува и присутните фактори на ризик кај пациентката. Кај пациентки со еден или повеќе фактори на ризик (гојазност, хипертензија, шеќерна болест, позитивна фамилијарна анамнеза и друго), потребно е да се направат и дополнителни испитувања.

По деталната анамнеза, следува детален физикален преглед. Тоа подразбила гинеколошки преглед под спекулум и дигитален ректален и вагинален преглед.

Доколку лекарот се посомнева за карцином на телото на матката, тој ќе направи и бимануелен карличен преглед под анестезија, со кој се одредува големината на шуплината на матката и евентуално се откриваат инфилтрати во параметриумите.

Во напреднатите стадиуми, матката е зголемена, фиксирана и се палпираат инфилтрати во параметриумите.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Хистолошка анализа на материјалот од експлоративната киретажа или биопсијата

Дефинитивната дијагноза се поставува со хистолошка анализа на материјалот добиен со експлоративна киретажа или биопсија од ендометриумот. Материјалот се испраќа кај патолог, кој го одредува хистолошкиот тип на туморот, како и неговиот градус, односно степенот на диференцираноста на туморот, кој е важен прогностички знак.

Цитолошкиот преглед по Papanicolau, кој е доста сигурен за рано дијагностицирање на карциномот на грлото на матката, за ендометријалниот карцином не е од големо значење, бидејќи не е доволно сигурен, освен кај локално напреднатите стадиуми на болеста, кога се откриваат малигни клетки на ендометриумот во брисот на ендоцервиксот (тоа е случај кога ендометријалниот го зафатил и грлото на матката).

Дополнителни иследувања

Откога ќе се постави дефинитивна хистопатолошка дијагноза на карциномот на телото на матката, се прават и дополнителни испитувања, со цел да се одреди клиничкиот стадиум на болеста, како и операбилноста на туморот.

Во случаи кога не постојат придружни заболувања (вообичаена е поврзаноста на ендометријалниот карцином со дебелината, високиот крвен притисок и шеќерната болест) кои би биле пречка т.е. контраиндикација за оперативен третман, операбилноста на туморот се утврдува со клинички преглед, но и со други дополнителни дијагностички имиџинг процедури.

Предоперативната подготовка се комплетира со стандардните лабораториски анализи, ЕКГ и графија на белите дробови.

Операбилноста се одредува и со следниве дополнителни имиџинг процедури:

Ехотомографскиот преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Оваа метода се користи кај карциномот на телото на матката, со цел да се откријат присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Пиелографија

Тоа е дијагностичка метода при која се прават повеќе серии на рендгенски филмови на целиот уринарен тракт кои се прават со вбризгување на специјален контраст во вена (интравенска пиелографија-ИВП) или со вбризгување на контраст во уретрата (ретроградна пиелографија).

Со ова метода се визуелизираат сите органи на уринарниот систем и може да се откријат одредени абнормалности. Со оваа метода се одредува и евентуалната зафатеност на уринарниот систем со директното ширење на туморот.

Цистоскопија

При цистоскопија, лекарот го испитува мочниот меур и надворешниот мочен канал (уретра), користејќи цевчест инструмент со вградена ламбичка и оптички леќи. Цистоскопијата се изведува така што овој цевчест инструмент т.н. цистоскоп се внесува преку надворешниот мочен канал дирекно во внатрешноста на мочниот меур. На тој начин, докторот има увид во состојбата на слузницата која го обложува од внатре мочниот меур. Лекарот директно гледа во внатрешноста на овие органи. Цистоскопијата треба по правило да се изведува со локална или општа анестезија.

Оваа дијагностичка метода помага да се открие евентуално зафатеноста на мочниот меур со директното ширење на ендометријалниот тумор.

Ендоскопски методи (аноскопија и сигмоидоскопија)

Ендоскопските методи овозможуваат визуелно иследување во подрачјето на целиот анален канал и делот на дебелото црево. Тоа е најсигурниот, најдеталниот преглед на слузницата на анусот и на делот од дебелото црево и со овој преглед можат да се утврдат и ситни абнормалности. Оваа дијагностичка метода е многу попрецизна од рендгенграфското испитување со двоен контраст.

Оваа дијагностичка метода е од голема корист за клиничкото одредување на стадиумот на ендометријалниот карцином. Ендометријалниот карцином може со своето директно ширење да ја зафати и слузницата на цревото и дури да доведе до појава на фистула, т.е. комуникација меѓу матката и ректумот.

Компјутеризирана томографија на абдоменот

Компјутеризирана томографија се препорачува кај сите пациентки со високо градусни тумори (G3) или со стадиум II на болеста, бидејќи со оваа метода може пецизно а се одреди нодалната зафатеност т.е. зголемувањето на регионалните и оддалечените лимфни јазли, како и екстраутерината (надвор од матката) проширеност на болеста.

Објавено е дека КТ имиџинг дијагностичката процедура е посебно корисна во одредувањето на длабочината на зафатеноста на миометриумот со туморот.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Лимфните јазли до 1 cm се сметаат за негативни (без метастази).

Лимфните јазли со големина од 1 до 2 cm се сметаат за суспектни, а лимфните јазли поголеми од 2 cm се сметаат за метастатски.

Со преглед на горниот дел од абдоменот се евалуираат лимфните јазли во таа регија како и црниот дроб.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

КТ се користи и за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

Магнетна резонанца на абдоменот

Ова е дијагностичка процедура каде се употребуваат магнетни радиобранови и компјутер за да се добие серија на детални слики на одредено заболено поле во телото. И ова е прецизна дијагностичка процедура која помага во поставувањето на дијагнозата и во одредувањето на локалната проширеност на туморот и одредувањето на стадиумот на болеста.

Утврдено е дека магнетната резонанца не е толку од помош во одредувањето на нодалната зафатеност (метастази во лимфните јазли) или перитонеалната зафатеност (метастази во перитонеум-стомачната обвивка), но била објавена висока сигурност од 82% во одредувањето на длабочината на миометријалната инфилтрација.

Туморски маркери

Циркулирачките туморски маркери се во фаза на испитување кај ендометријалниот карцином.

CA-125 e најдено дека е покачен кај 59% од пациентите со клинички напреднат или рекурентен ендометријален карцином.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Карциномот на телото на матката може да даде коскени метастази, кои настануваат со расејување на карциномските клетки по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени во коските, кои не се гледаат на обична рендгенска снимка.

Првичните и дополнителните дијагностички процедури овозможуваат да се одреди прецизно клиничкиот стадиум на болеста, да се утврди дали станува збор за операбилен или неоперабилен тумор, и да се одреди адекватен третман, според стадиумот, кај секоја пациентка одделно.

Патолошки стејџинг

Откога со сите расположиви дијагностички процедури ќе се докаже дека се работи за операбилен ендометријален карцином, се пристапува кон хируршки третман.

Во лекувањето на ендометријалниот карцином, терапија на избор е хируршкото отстранување на туморот, кое треба да се реализира кај секоја пациентка. Се состои од тотална абдоминална хистеректомија (оперативно отстранување на целата матка) со или без аднексектомија (оперативно отстранување на јајниците), како и евентуална селективна лимфаденектомија (оперативно отстранување на регионалните лимфни јазли).

Зафатот има, покрај тераписка улога и огромна прогностичка вредност, со оглед на информациите добиени од оперативниот материјал.

Патолошкиот (оперативен) стадиумот на болеста се одредува со хистопатолошка анализа на оперативниот материјал, по реализираната тотална хистеректомија, а според критериумите на FIGO митингот (1088год). Така се добиваат информации важни за планирањето на постоперативниот третман, зависно од факторите на ризик и од прогностичките фактори.

Само кај иноперабилните пациентки, стадиумот на болеста се одредува клинички со фракционирана експлоративна киретажа, со бимануелен карличен преглед под анестезија, со кој се одредува големината на шуплината на матката, инфилтратите во параметриумите, како и врз база на другите дијагностички процедури (КТ на абодмен, МРИ на абдомен и други).

Неопходно е да се нагласи дека ваквиот стејџинг е несигурен и да ниту една од дијагностичките, имиџинг методи не може да ги замени информациите добиени со оперативната екплорација т.е. патолошкиот стејџинг.