Симптоми и знаци на болеста Печати

Ендометријалниот карцином вообичаено започнува со растење на полипоидна, вулнерабилна маса од ендометриумот на матката.

Од тука произлегува и главниот, често и единствен знак на болеста, а тоа е постменопаузалното крварење. Во почетокот ова крварење е оскудно, но подоцна станува сé пообилно, почесто и ирегуларно т.е. без некој ред во јавувањето.

Друг симптом е продолжено менструално крварење кај пациентки кои имаат сеуште редовен менструален циклус (пациентки во пременопауза). Но, кај нив се јавува покрај продолжено перименструално крварење и крварење помеѓу редовните менструации (ирегуларно крварење).

Крварењето е најчест, важен и драматичен знак, кој ги принудува пациентките рано да се јават на преглед, така што дијагностицирањето на болеста во пораните стадиуми е доста често. Така, вагиналното крварење, кое се јавува по повеќе години од менопаузата, треба да биде доволно алармантен знак за да се отиде на лекарски преглед.

Поретко се јавува вагинален исцедок, често со непријатен (смрдлив) мирис, како и болка во пределот на долниот дел на стомакот и во слабините.

Како што туморот расте, тој постепено директно ги зафаќа подлабоките слоеви на матката и постепено го инфилтрира миометриумот (мускулниот слој на sидот на матката) и се шири кон цервикалниот канал (грлото на матката), со конечна инфилтрација на грлото (цервиксот) на матката.

Ова е поседица на директното ширење на туморот (per continuitatem).

Во подоцнешните етапи можно е лимфогено ширење на туморот и тоа во регионалните лимфни јазли.

Така, туморот од фундусот (горниот дел, базата на матката, кој е на спротивниот крај од грлото на матката) на матката се дренира во парааорталните лимфни јазли (околу големата артерија - аорта).

Туморот кој се наоѓа во средните и долните делови од телото на матката се дренира во карличните лимфни јазли, па сé до површинските ингвинални (препонски) лимфни јазли, каде се дренираат некои од лимфните садови на телото на матката.

При постоење на метастатски пакети од лимфни јазли, можно е да се јават некои симптоми и знаци, кои се последица од компресијата на овие пакети на околните структури и органи.

Така, поради притисок на венскиот систем и венската стаза, може да дојде до оток на долните екстремитети.

Присуството на зголемени парааортални лимфни јазли може да доведе до појава на болка во слабинскиот дел и во грбот, кои се јавуваат како последица на компресија на нервите од страна на метастатските лимфни пакети.

Помалку чести симптоми се од страна на мочниот меур и дебелото црево, а кои се јавуваат како последица на нивната компресија од страна на зголемената матка или пак поради нивна инфилтрација со туморот.

Во тој случај, доколку е инфилтриран мочниот меур или е притиснат од туморот, може да се јават дизурични тегоби, како печење при мочањето, често и болно мочање, а при инфлитрација на мочниот меур или развој на фистула, може да дојде и до појава на крв во мочката.

Доколку е инфилтрирано дебелото црево или притиснато од туморот се јавуваат потешкотии во празнењето, па може да дојде до појава на запек или пролив или во понапреднати стадиуми да се јави и крв во столицата.

Сепак, овие симптоми се знак за локално напреднат тумор на телото на матката, и ретко се првични симптими и знаци на болеста.

Хематогеното дисеминирање е ретко, посебно за време на дијагностицирањето на болеста. Затоа симптомите и знаците од далечнитѕе метастази ретко се јавуваат за време на дијагностицирањето на болеста.

Сепак, во напреднатите стадиуми на болеста може да дојде до ширење на туморот преку крвта во оддалечените ткива и органи.

При тоа, може да биде зафатен било кој орган и ткиво. Сепак, како најчести места на метастазирање на карциномот на телото на матката се: белите дробови, црниот дроб, коските и мозокот.

Доколку се присутни оддалечени метастази, тогаш во клиничката слика ќе доминираат одредени симптоми и знаци од зафатениот орган или ткиво.

Така, доколку се присутни коскени метастази, ќе биде присутна и јака болка во коските, а можни се и патолошки скршеници на зафатената коска.

Доколку постојат белодробни метастази, ќе постојат потешкотии во дишењето како кашлица, напади на гушење, хемоптизии.

Доколку постојат метастази во црниот дроб, ќе се јави болна осетливост под десниот ребрен лак и хепатомегалија (зголемен, палпабилен црн дроб). Доколку метастазите се опсежни и зафаќаат голем дел од црниот дроб, ќе се јават пореметувања на бројните метаболни функции во организмот, со појава на жолтица, општа слабост, малаксалост, па дури и појава на коматозна состојба.

При постоење на метастази во мозокот, често се јавуваат неуролошки симптоми како: интензивни главоболки, повраќање, дупло гледање, пореметена равнотежа.