Симптоми и знаци на карцином на вагина Печати

Карциномот на вагината најчесто се манифестира со вагинално крварење или исцедок со непријатен мирис, пропратен со чувство на жарење и печење во пределот на гениталиите.

Како што туморот расте и се шири во длабочина, вагиналните крварења стануваат пообилни, ирегуларни, пропратени со болка во карлицата, `рбетот и нозете.

Крварењето е најчест, важен и драматичен знак, кој ги принудува пациентките рано да се јават на преглед, така што дијагностицирањето на болеста во пораните стадиуми е доста често. Така, вагиналното крварење, кое се јавува по повеќе години од менопаузата, треба да биде доволно алармантен знак за да се отиде на лекарски преглед.

Може да се јави и оток на долните екстремитети, поради компресија на крвните садови од страна на метастатски зголемените лимфни јазли.

Како што туморот расте и се шири, тој може да ги зафати и околните структури и органи, како што се мочниот меур и задното црево. Доколку со туморот се зафатени и околните, соседни органи и ткива, симптомите се соодветни со зафатениот орган.

Така, при инфилтрација на мочниот меур се јавува: често мочање, печење при мочање, крв во мочката (хематурија).

Доколку со туморот е инфилтрирано задното црево (ректум) се јавува ректално страдање, т.е. се јавуваат симптоми како: тенезми (болни лажни нагони за празнење, грчеви), болно празнење на цревата, крв во столицата (мелена), пролив или запек.

При инфилтрација или компресија од надвор на уретерите (горните мочни патишта) доаѓа до појава на хидронефроза со појава на бубрежна слабост т.е. инсуфициенција.

Во понапреднатите стадиуми на болеста, може да дојде до развој на ректовагинални фистули и везиковагинални фистули.

Хематогеното дисеминирање е ретко, посебно за време на дијагностицирањето на болеста. Затоа симптомите и знаците од далечните метастази ретко се јавуваат за време на дијагностицирањето на болеста.

Сепак, во напреднатите стадиуми на болеста може да дојде до ширење на туморот преку крвта во оддалечените ткива и органи.

При тоа, може да биде зафатен било кој орган и ткиво. Сепак, како најчести места на метастазирање на карциномот на грлото на матката се: белите дробови, црниот дроб и коските.

Доколку се присутни оддалечени метастази, тогаш во клиничката слика ќе доминираат одредени симптоми и знаци од зафатениот орган или ткиво.

Така, доколку се присутни коскени метастази, ќе биде присутна и јака болка во коските, а можни се и патолошки скршеници на зафатената коска.

Доколку постојат белодробни метастази, ќе постојат потешкотии во дишењето како кашлица, напади на гушење, хемоптизии. Пулмоналните метастази се поретки.

Доколку постојат метастази во црниот дроб, ќе се јави болна осетливост под десниот ребрен лак и хепатомегалија (зголемен, палпабилен црн дроб). Доколку метастазите се опсежни и зафаќаат голем дел од црниот дроб, ќе се јават пореметувања на бројните метаболни функции во организмот, со појава на жолтица, општа слабост, малаксалост, па дури и појава на коматозна состојба.

При постоње на метастази во регионалните лимфни јазли може да се јави оток на нозете (при присуство на метастатски пакети на лимфни јазли во препоните). При присуство на метастази во парааорталните лимфни јазли, може да дојде до појава на болка, посебно изразена во слабинскиот дел и грбот, а се јавува како резултат на компресијата на зголемените лимфни јазли на нервите.

Од општи симптоми, кои се знак за напреднат процес се: општа слабост, малаксаност, губиток на апетит, слабокрвност, уремија и секундарни инфекции.