Причини и ризик фактори Печати

Тумори на вагина

Карциномите на вагината се најретки гинеколошки малигноми и учествуваат само со 1-3% од сите гинеколошки малигноми. Често се поврзани со карциноми на грлото на матката или вулвата и се јавуваат почесто кај жени во понапредната возраст.

Примарниот карцином на вагината е малигна лезија, која потекнува од слузницата на вагината. Во последниве години забележано е опаѓање на инциденцата на примарните вагинални тумори, можеби поради многу попрецизните дијагностички критериуми, кои ги елиминирале од оваа категорија примарните карциноми кои потекнуваат од соседните органи, како што се грлото, телото на матката и вулвата, а кои можат со своето ширење и раст да ја зафатат и вагината.

Причини и фактори на ризик

Како и за другите карциноми, така и за карциномот на вагината, причините за негово јавување не се познати. Но, постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување кај одредени жени.

Сепак, присуството на еден или повеќе фактори на ризик, не значи и сигурно заболување од овој малигном.

Како докажани фактори на ризик за карциномот на вагината се:

Возраст

Староста е еден од факторите на ризик за карциномот на вагината. Колку што е жената во понапредната возраст, толку е поголем и ризикот за настанување на ова малигно заболување.

Студиите на Herbst и неговите соработници покажале дека 47% од пациентките со примарен планоцелуларен карцином на вагината биле 60 годишни, па и постари, со пик на инциденцата од 50 до 70-та година од животот. Средната возраст на пациентките со карцином на вагината е од 60 до 65 години.

Herbst и соработниците не нашле ниту една друга очигледна причина или асоцирачки фактори, кои би ги предиспонирале овие пациентки да развијат малигном на вагината, освен нивната понапредната возраст.

Претходно спроведена радиотерапија во пределот на карлицата

Во етиологијата на вагиналниот карцином, посебно место и се придава на радиотерапијата, посебно кај пациентки помлади од 40 години, кои пред 10 и повеќе години биле лекувани со зрачна терапија поради присутен друг малигном на гениталните органи. Радиотерапијата била сугерирана како посебна причина за развој на примарниот планоцелуларен карцином на вагината, во една серија од 43 пациентки. Кај 5 пациентки се развил инвазивен карцином на вагината, кој се јавил 7 или повеќе години од спроведената радиотерапија за инвазивниот карцином на грлото на матката. Според тоа, овие примарни тумори на вагината се означуваат како секуднарни, зрачно индуцирани карциноми. Prudе и соработниците истакнале дека овие лезии биле предизвикани од ирадијацијата.

Но, анализата на 1200 пациентки, третирани пред повеќе од 20 години со радиотерапија, поради присутен карцином на грлото на матката, на Универзитетот во Вашингтон, не покажала пораст на инциденцата на карличните секундарни малигноми.

Според тоа, сеуште постојат контраверзни мислења за тоа дали претходната радиотерапија го зголемува ризикот за настанување на вагиналниот карцином или не.

Dietilstilbestrol (DES)

Во последниве 10 тина години , интересот се фокусира на зголемената инциденца на јасно-клеточниот аденокарцином на вагината кај млади жени, кои биле за време на својот интраутерин период експонирани на dietilstilbestrol (DES), хормонски препарат кој во минатото бил користен за одржување на ризичната бременост. Овој лек бил препишуван во период од 1940 до 1971 година кај некои жени кои имале ризик за спонтан абортус. Околу 1 од секоја 1000-та жена, чија мајка примала DES за време на бременоста, развива јасно-клеточен аденокарцином на вагината или на грлото на матката. Јасно-клеточните аденокарциноми се почести на вагината, отколку на грлото на матката. Ризикот е поголем доколку мајките примале DES во тек на првите 16 недели од бременоста.

Herbst и соработниците забележале дека ризикот за настанување на вагинален карцином бил поголем за оние пациентки кои биле изложени на DES за време на првите 16 недели од нивниот интраутерин развој и ризикот опаѓал кај пациентките чија експозиција на DES започнала во 17-та недела или покасно.

Средната возраст на пациентките со јано-клеточен аденокарцином, индуциран од DES била 19 години. Најмладата пациентка била на 7 годишна возраст, а најстарата пациентка на 42 годишна возраст.

Повеќето DES ќерки денес се на возраст помеѓу 30 и 60 години, така да бројот на нови случаи на вагинален и цервикален јасно-клеточен карцином е во опаѓање во последниве 20 години. Како и да е, овој вид на карцином неодамна бил откриен кај жена во нејзините рани 40 ти години од животот, и докторите сеуште не знаат точно колку долго жената останува со зголемен ризик за развој на DES индуциран аденокарцином.

И покрај тоа што жените кои биле изложени на DES имаат зголемен ризик за развој на јасно-клеточен аденокарцином на вагината, сепак кај околу 40% од жените со овој вид на карцином не можело да се докаже изложеност на DES или на други лекови. Денес е јасно дека изложеноста на DES не е и единствен фактор на ризик за настанување на јасно-клеточниот карцином на вагината, бидејќи тој се јавува и кај жени кои не биле изложени на дејството на овој хормонски препарат. Така бил откриен јасно-клеточен аденокарцином на вагината и пред да почне да се применува DES терапијата.

Инфекција со Human papilloma вирус

HPV инфекцијата која се пренесува по сексуален пат има улога на промотор во канцерогенезата.

При тоа, од вкупно 100 типови на HPV, посебно некои одредени типови се објавуваат како високо ризични.

HPV е изолиран во 80% од сите вагинални карциноми. Се смета дека овој вирус трансформирајќи ги клеточните протеини кои се енкодирани со вирусните гени Е6 и Е7 можат да ги блокираат продуктите на тумор-супресорните гени p53 i pRb во клетката и на тој начин да доведат до нејзина неконтролирана, абнормална делба.

HPV се класифицира во група на високоризични генотипови (HPV 16, 18, 31 i 45) и група на нискоризични генотипови (HPV 6 i 11).

Според најновите сознанија, нискоризичните генотипови (HPV 6 i 11) не можат да предизвикаат инвазивен карцином, туку само бенигни промени како што се гениталните кондиломи.

Инфекцијата со високоризичните (онкогени) HPV типови е силно поврзана со настанувањето на вагиналниот и цервикалниот карцином. Тие се обвинуваат како високо ризични, бидејќи нивната поврзаност со преканцерозните лезии е многу голема. Затоа, од голема вредност е HPV типизацијата во одредувањето на ризикот за настануавањето на вагиналниот и цервикалниот карцином.

HPV инфекцијата е фактор кај повеќе од половина од сите дијагностицирани вагинални карциноми. Инфекцијата може да биде поврзана во дури 8 од 10 случаи (80%) на преканцерозни лезии на вагината. HPV 16 вирусот е највисоко ризичен вирус за настанување на вагиналниот карцином. HPV16 и HPV 18 вирусите се присутни во 65-80% од преканцерозните лезии.

HPV инфекцијата е една од најчестите сексуално преносливи болести во развиените земји во светот. Оваа бактериска инфекција се пренесува со сексуален контакт и повеќето жени не се свесни дека се инфицирани затоа што немаат никакви тегоби. Така, околу 8 од 10 жени ќе бидат инфицирани со овој вирус во некој период од нивниот живот. Кај многу жени, инфекцијата сама исчезнува, без примена на терапија и без да предизвика некој симптоми и знаци.

Според тоа, редовните скрининг ПАПА тестови, како и тестовите за индентификација на високо ризичните HPV вируси, се од големо значење за рано откривање на преканцерозните лезии, како и за откривање на раниот стадиум на карциномот на вагината.

Инфекција со HIV (Human Immunodeficiency Virus)

HIV е вирус кој предизвикува СИДА. Жените со HIV имаат ослабен имунитет и поради тоа полесно го прифаќаат HPV вирусот кој од своја страна е одговорен за појавата на вагиналниот и цервикалниот карцином. Научниците сметаат дека имуниот систем е одговорен за елиминацијата и забавување на прогресијата на канцерските клетки. Поради тоа, ракот на вагината и на грлото на матката кај жени со истовремена HIV инфекција напредува многу побрзо од истиот кај жена со нормален имунитет. Покрај HIV и други состојби кои доведуваат до слабеење на имуниот систем, исто така се проследени со зголемен ризик за појава на рак на вагината и грлото на матката.

Инфекција со Herpes simplex вирус (HSV)

Жените кои имале генитална херпес инфекција имаат нешто поголем ризик за развој на вагинален карцином. Најчесто поврзуван вирус, од групата на херпес вируси, со појавувањето на вагиналниот карцином е HSV вирусот тип 2.

Промени на клетките на вагината

Состојбата наречена VAIN (вагинална интраепителна неоплазија) е преканцерозна лезија, која може со тек на време да се развие во инвазивен карцином. При VAIN постојат промени во епителните клетки на вагината, кои не се канцерски, но со висок ризик да преминат во канцрески клетки. VAIN е слична со CIN, преканцерозни промени кои водат до развој на карцином на грлото на матката.

Карцином на грлото на матката

Жените кои имаат цервикален карцином или цервикални преканцерозни лезии (цервикална интраепителна неоплазија или цервикална дисплазија) имаат поголем ризик за развој и на вагинален карцином. Причина за тоа е што цервикалните и вагиналните карциноми имаат слични фактори на ризик, како што е на пример HPV инфекцијата.

Неодамнешна студија открила дека кај жените кои имаат вагинален карцином по третман на цервикален карцином, DNK промените во вагиналните карциномски клетки биле исти како и кај претходните цервикални канцерски клетки. Причината за ова сеуште не е позната.

Вагинала механичка дразба

Механичката дразба на песарите, кои се користат како влошки за корегирање на пореметената статика на гениталните органи (како на пример при пролапс на матката т.е. спуштена матка), кај жени во понапредната возраст, се смета како фактор на ризик за развој на вагинален карцином.

Пушење

Инциденцата на вагиналниот карцином е повисока кај жените кои пушат, посебно кај помладите жени.

Пушењето е фактор на ризик и за развој на цервикалниот карцином. Жените кои пушат имаат релативен ризик за цервикален карцином од 3.0.