Третман на карциномот на вулвата Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:41

Без оглед на стадиумот на болеста или хистопатолошкиот тип, третманот на карциномот на вулвата е, пред се, хируршки.

Радикалната вулвектомија подразбира отстранување на вулвата со поткожното масно ткиво, заедно со двете ингвинофеморални регии. Во случај на постоење на метастатси депозити во ингвиналните лимфни јазли, зафатот продолжува со влез во малата карлица и со отстранување на лимфните јазли долж надворешната илијакална артерија. Нормално, ваквиот радикален зафат е следен со висок морбидитет и морталитет.

Наспроти него, конзервативниот хируршки третман на карциномот на вулвата во облик на едноставна вувлектомија или само широка ексцизија, е резервиран само за лезии со максимален промер до 2 cm и продор во длабочина до 1 mm.

Радиотерапијата, како модалитет на третман, кај карциномот на вулвата може да се примени како: предоперативна, постоперативна, самостојна метода и како палијативна.

Предоперативната радиотерапија има за цел намалување на волуминозните, егзофитични вулварни тумори, кои се локално напреднати, со што се овозможува полесно изводлив и помалку опсежен оперативен зафат. Се спроведува со фотони, со електрони, или со нивна комбинација, зависно од локалниот статус и регијата која се зрачи, а дозите кои се даваат преоперативно се движат од 30-45Gy.

Постоперативната адјувантна радиотерапија се спроведува како надворешна радиотерапија. Може да се реализира преку едно директно ингвино-феморално зрачно поле, доколку постои промена во макар 1 лимфен јазол, или преку две ингвино-феморални полиња после спроведена едноставна вулвектомија. Се остварува доза до 50-60 Gy со користење на електрони, со линеарен акцелератор.

Во случај кога постојат позитивни повеќе од 3 ингвинални лимфни јазли од едната страна, или позитивни лимфни јазли во двете ингвинални регии, постоперативната зрачна терапија се планира така, за да ги опфати и метастатските ингвинални регии, заедно со карличниот лимфен базен. Се користи надворешна радиотерапија, со линеарен акцелератор, со примена на рендгенски зраци со висока енергија за озрачување на карличните лимфни јазли, во комбинација со електрони за додавање на дополнителна „boost“ доза на ингвино-феморалните регии.

Надворешната радиотерапија на карличниот лимфен базен дава посупериорни резултати во поглед на преживувањето, во однос на хурушкото отстранување на карличните лимфни јазли (карлична лимфаденектомија).

Дефинитивна радиотерапија (само како единствен тераписки модалитет) се применува кај пациентки кои одбиваат оперативен третман, или кај кои неможе да се изведе операција од било кои причини. Обично, тоа се пациентки во понапредната возраст, со локално напреднати тумори, често со присутни метастази во регионалните ингвинални лимфни јазли. Зависно од зрачената регија, се користат високоенергетски фотони и/или електрони до вкупна доза од 60-70Gy.

Палијативната радиотерапија се спроведува со цел да се ублажат симптомите предизвикани од далечните метастази. Палијативните зрачни дози, како и режимите на фракционирањето зависат од регијата која се зрачи, интензитетот на симптомите, како и од очекуваното преживување.

Компликации од зрачната терапија

Сувиот или влажен радиодермит (зрачно воспаление на кожата) се рани компликации од зрачниот третман на карциномот на вулвата, кои се решаваат со локална тоалета и употреба да генцијана виолет (локално мачкање на озрачената регија).

Доцните компликации, за среќа не се чести ( 6-11%), а се манифестираат со некротични промени на кожата и поткожјето.

Посебен проблем претставува лимфедемот на долните екстремитети (оток на нозете), кој се јавува како последица на порекинот на лимфната дренажа, поради развој на фиброза во ингвиналните регии од комбинираниот оперативен и зрачен третман.