Симптоми и знаци кај карциномот на вулвата Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:33

Со оглед на достапноста на самопреглед, вообичаено е дијагностицирање на вулвата во раните стадиуми. Најчесто се јавуваат макроскопски кожни промени на вулвата, кои се пропратени со чувство на печење, јадеж па дури и крварење. Поретко, поради срам од преглед во понапредната возраст, при првиот преглед се открива болест во напреднат стадиум.

Како најчест симптом на лезиите на вулвата се печење и јадеж. Овие симптоми сигурно не се и специфични за карциномот на вулвата, бидејќи тие се чести симптоми посебно кај вагиналните габични инфекции, инфекции со трихомонас или при атрофичните промени. Ваква симптоматологија, покрај тоа, се јавува и кај уринарната инконтиненција (неможност да се задржи мочката и неволно истекување на мочта), при шеќерна болест и хипертиреоза (зголемена функција на штитната жезда). Чувството на јадеж може да биде и од алергиска природа, како и од психогена природа.

Болките ретко се јавуваат кај карциномот на вулвата, пред се затоа што еластичноста на ткивото не го ограничува растот и ширењето на туморот. Ако се и јават во раните стадиуми, болките се обично почесто резултат на присутната придружна инфекција, отколку на напреднатиот карцином.

Крварењето, исто така е редок ран симптом на карциномот на вулвата. Релативно често се јавува непријатен мирис, поради секундарната инфекција на улцерозните лезии.

Најчеста причина за јавување на лекар е општата лоша состојба, со истовремено присуство на горенаведените симптоми.