Ширење на малигниот мезотелиом Печати

Локално ширење на туморот

Мезотелиомите растат претежно локално, вршејќи директна инфилтрација на градниот sид и ребрата, медијастинумот, хранопроводникот, душникот, големите крвни садови (аорта и горната вена кава), дијафрагмата и срцевата обвивка (перикард).

Според тоа и клиничката слика на малигниот мезотелиом може да биде најразлична, во зависност кои од овие спомнати органи и структури се зафатени со туморот.

Можна е појава на Horner-ов синдром, кои го карактеризира постоење на клинички тријас: птоза (спуштен очен капак, миоза (стеснување на зениците) и ендофталмус (вдлабнатост на очното јаболко во очната дупка).

Така, доколку туморот со своето локално ширење го зафати хранопроводникот или го притиска од надвор, може да се јави отежнато голтање.

Доколку туморот врши компресија на душникот, се јавува отежнато дишење.

Доколку дојде до компресија на големата вена кава (vena cava superior) се јавува т.н. синдром на вена кава. Горната вена кава е главна вена во градниот кош која ја носи крвта од горните делови на телото до срцето.

Синдромот на вена кава е делумна оклузија на вена кава. Делумната оклузија доведува до намален проток на крвта низ оваа вена. Симптомите на синдромот на вена кава супериор се: промена на гласот, кашлица, конфузна состојба, зголемени и проширени вени во горните делови на делото, посебно во рацете, вратот и лицето, оток на рацете, вратот и лицето и отежнато голтање.

Според тоа, синдромот на вена кава претставува збир на симптоми и знаци, кои настануваат поради опструкција на венската и лимфната дренажа во горниот дел на градниот кош, главата и вратот и горните екстремитети.

Клиничката слика на овој синдром прв ја опишал William Hunter во 1757 година, кога во повеќето случаи, овој синдром се јавувал како последица на туберкулозни и сифилични воспаленија на белите дробови, а само 37% бил предизвикан од малигна болест.

Можно е да се јави и перикардна (срцева обвивка) тампонада доколку е присутен излив (течност) во перикардната кеса.

При директна инвазија на градниот sид се јавуваат интензивни болки во градите.

Туморот преку дијафрагмата може да се прошири и во абдоминалната шуплина, која резултира со симтоми на зголемување на абдоменот и потешкотии.

Лимфогено ширење на мезотелиомот

Метастазите по лимфните патишта, ретко се утврдуваат клинички, но доста се често присутни.

Системски манифестации

Метастазите по крвен пат, во оддалечените ткива и органи, се чести при напредната болест, меѓутоа овие метастази најчесто остануваат клинички неманифестирани. Најчесто малигниот мезотелиом метастазира во црниот дроб, белите дробови, коските, бубрезите и надбубрежната жлезда.