Градус и стадиуми Печати

Патологија

Малигниот мезотелиом, приближно во 70 % од случаите, потекнува од десната плевра и е локализиран најчесто во долните партии. Приближно во 35% од случаите, мезотелиомот потекнува од левата плевра и 5% може да биде обостран. Мезотелиомот ретко е солитарен и кај најголем број на пациенти е дифузен.

Хистолошки се разликуваат 4 типови, и тоа:

Епителијален - овој тип е застапен во 35 до 40% од мезотелиомите и често е придружен со плеврален излив.

Мезенхимален – фибросаркоматозен тип, кој се карактеризира со задебелување на плеврата, но без придружен плеврален излив, т.н. „сув“ мезотелиом.

Мешан тип – туморот е изграден од епителијални и мезенхимални елементи, застапен е во 35-49% од сите мезотелиоми. Во мешаниот тип, доколку преовладуваат епителните елементи, тогаш е придружен со плеврален излив, а ако доминирааат мезенхималните елементи, тогаш е присутен т.н. „сув“ мезотелиом.

Анапластичен тип - застапен во 5-15% од мезотелиомите.

Стадиуми кај мезотелиомот

Стадиум на болеста претставува утврдување на нејзината проширеност. Одредувањето на стадиумот на болеста е клучен фактор за спроведување на адекватна терапија кај секој пациент одделно. Според тоа, стадиумот има тераписки и прогностички цели.

Клиничкиот стадиум на болеста се одредува според критериумите (TNM-tumor, nodus, metastasa) класификацијата и систем и AJCC системот на стадиумско групирање.

Клиничка класификација (TNM)

TNM класификација, односно pTNM класификација

Примарен тумор - Т

TX: примарниот тумор не може да се процени,

T0: нема клинички знаци за постоење на примарен тумор,

T1: примарниот тумор е ограничен на париеталната или висцералната плевра,

T2: туморот ги зафаќа која било од соседните структури: белите дробови, внатрешната градна фасција, дијафрагмата и срцевата обвивка (перикардот),

T3: туморот ги зафаќа било која структура: истостраните градни мускули, ребрата и медијастиналните органи или ткива,

T4: туморот се шири на било која структура, во спротивната плевра или на белите дробови со директно ширење, на перитонеумот или на органите во абдоменот и на вратните ткива.

Регионални лимфни јазли N

NX: регионални лимфни јазли не можат да се утврдат,

N0: нема метастази во регионалните лимфни јазли,

N1: присутни метастази во истостраните бронхопулмонални или хилусни лимфни јазли,

N2: присутни метастази во истостраните медијастинални лимфни јазли,

N3: присутни метастази во спротивните медијастинални лимфни јазли, во внатрешните мамарни, супраклавикуларни или скаленските лимфни јазли.

Далечни метастази M

MX: присуство на далечни метастази не може да се утврди,

M0: нема далечни метастази,

M1: присутни далечни метастази.

Стадиуми на болеста

Стадиум I

T1-2, N0, M0

Стадиум II

T1-2, N1,M0

Стадиум III

T3, N0-N1, M0

T1-3, N2, M0

Стадиум IV

Т4, кое било N, М0

кое било Т, N3, М0

кое било Т и N, M1