Симптоми и знаци кај малигниот мезотелиом Печати

Симптомите и знаците кои произлегуваат од присутниот малигни мезотелиом можат да се поделат на: локални, системски и паранеопластични синдроми.

Локални манифестации на болеста

Почетен симптом е диспнеата (отежнато дишење), која е поврзана со присуството на плевралниот излив (присутна течност во плевралниот простор) и градните потешкотии при сувиот мезотелиом (без присуство на излив).

Поголем број од пациентите може да се асимптоматски и случајно се откриваат при рендгенска снимка на белите дробови.

Пациентите се жалат на сува, упорна кашлица, губење на апетит, општа слабост и малаксаност, губиток на телесна тежина и отежнато голтање, доколку е зафатен хранопроводникот.

Можна е појава на Horner-ов синдром, кои го карактеризира постоење на клинички тријас: птоза (спуштен очен капак, миоза (стеснување на зениците) и ендофталмус (вдлабнатост на очното јаболко во очната дупка).

Така, доколку туморот со своето локално ширење го зафати хранопроводникот или го притиска од надвор, може да се јави отежнато голтање.

Доколку дојде до компресија на големата вена кава (vena cava superior) се јавува т.н. синдром на вена кава. Горната вена кава е главна вена во градниот кош која ја носи крвта од горните делови на телото до срцето.

Синдромот на вена кава е делумна оклузија на вена кава. Делумната оклузија доведува до намален проток на крвта низ оваа вена. Симптомите на синдромот на вена кава супериор се: промена на гласот, кашлица, конфузна состојба, зголемени и проширени вени во горните делови на делото, посебно во рацете, вратот и лицето, оток на рацете, вратот и лицето и отежнато голтање.

Според тоа, синдромот на вена кава претставува збир на симптоми и знаци, кои настануваат поради опструкција на венската и лимфната дренажа во горниот дел на градниот кош, главата и вратот и горните екстремитети.

Клиничката слика на овој синдром прв ја опишал William Hunter во 1757 година, кога во повеќето случаи, овој синдром се јавувал како последица на туберкулозни и сифилични воспаленија на белите дробови, а само 37% бил предизвикан од малигна болест.

Можно е да се јави и перикардна (срцева обвивка) тампонада доколку е присутен излив (течност) во перикардната кеса.

При директна инвазија на градниот sид се јавуваат интензивни болки во градите.

Туморот преку дијафрагмата може да се прошири и во абдоминалната шуплина, која резултира со симтоми на зголемување на абдоменот и потешкотии.

Системски манифестации

Туморот може по крвен пат да метастазира во белите дробови, црниот дроб и коските. Но, метастазите ретко клинички се манифестираат.

Паранеопластични синдроми

Паранеопластичните синдроми се клинички синдроми кои се јавуваат како последица на постоење на одредени биолошки активни супстанции, синтетизирани од страна на малигните клетки.

Само треската е паранеопластичен синдром кој се поврзува со малигниот мезотелиом.