Ширење на ракот Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:35

Патологија

Раниот анален карцином макроскопски се манифестира како мал чвор, сличен на хемороидален. Со зголемувањето тој може да премине во егзофитичен тумефакт или да има улцеро-инфилтративен раст.

Опишани се повеќе хистолошки типови на аналниот тумор, што е во врска со присуството на различни типови на епител во подрачјето на анусот.

Околу 80% од сите примарни лезии на анални карциноми се епидермоидни, а тие може понатаму да се класифицираат како: планоцелуларен тип (70 до 80%), базалоиден (20-30%) и мукоепидермоиден (1-5%) карцином.

Во останатите 20%, спаѓаат аденокарциномот со потекло од аналните жлезди и ректалната слузница, меланомот и недиференцираниот карцином.

Раст на туморот

Карциномот на аналниот канал се шири најчесто со директен раст кон околината, или, пак, по лимфен пат, додека хематогеното (по крвен пат) метастазирање се јавува поретко.

Директно ширење на туморот

Директната екстензија на аналниот карцином доведува до постепено зафаќање на сите слоеви на sидот на анусот. По инфилтрирањето на целиот sид, карциномот, пробивавајќи го sидот, продолжува да се шири кон околното (периректално) ткиво и соседните органи. Така постепено ги зафаќа: вагиналниот септум (кај жените), простатата (кај мажите) и мочниот меур. Ширењето на аналниот карцином воглавно се одвива во проксимална (кон горе) насока. Ширењето кон долу (дистална екстензија) е ограничено од цврстата поврзаност на мукозата кон внатрешниот анален сфинктер (мускул стегач на анусот). Ова објаснува зошто во многу случаи карциномот на аналниот канал клинички се манифестира како тумор на долниот дел на задното црево (ректум).

Всушност, тој започнува во слузницата на анусот, но со неговото директно ширење, брзо го зафаќа и долниот дел на ректумот.

Лимфогено ширење на туморот

Лимфната дренажа на аналниот канал е двојна.

Подрачјето над назабената линија се дренира кон карличните лимфни садови, додека перианалната регија и делот под linea dentate се дренираат кон препонските (ингвинални) лимфни јазли.

Лимфогеното метастазирање се јавува рано во текот на болеста. Така, често при поставувањето на дијагнозата, може да постојат позитивни, метастатски регионални лимфни јазли.

Ризикот од настанување на метастази во регионалните лимфни јазли е поголем кај големите тумори и тумори кои продираат во длабина. Според тоа, колку е примарниот тумор поголем и колку е неговиот продор во длабочина поинтензивен, толку е поголема и можноста за постоење на метастатски лимфни депозити. Така, метастатски депозити се најдени во 30% од површинските тумори, а дури 63% од случаите на лошо диференцирани тумори и при подлабока инфилтрација на туморот.

Ширење на туморот по крвен пат

Хематогените метастази се поретки, но не се исклучени. Пациенти кои се доцна дијагностицирани и кои не се лекувани, можат да имаат и хематогени метастази во оддалечените ткива и органи во телото, или тие може да се јават покасно во текот на болеста.