Симптоми и знаци кај карциномот на анус Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:33

Симптомите на аналниот карцином се слични со оние причинети од повеќе бенигни состојби, што често е причина за негово задоцнето дијагностицирање. Низа бенигни заболувања на аналната регија како што се хемороиди, анална фистула, кондилом, леукоплакија, може да се истовремено присутни со карциномот на анусот. Тоа ја прави клиничката слика посложена.

Раниот анален карцином макроскопски се манифестира како мало чворче слично на хемориодалните чворвчиња. Со зголемувањето тој може да премине во егзофитичен тумефакт или да има улцеро-инфилтративен раст.

Затоа, како најчести почетни симптоми, кои се јавуваат кај околу половина од пациентите, се:

  • крварење од анусот,
  • чувство на непријатност во пределот на анусот.

Поретко се јавува јадеж (најчесто во перианалните лезии), секреција и болка.

Во почетокот, тонусот на аналниот сфинктер (мускулот стегач на анусот) е сочуван, но може да се јави и спазам на сфинктерот поради присутната болка.

Со тек на време, како што туморот локално расте и се шири, може да дојде и до деструкција на сфинктерот, поради што се јавува фекална инконтиненција (неможност да се контролира празнењето на цревата).

Со својот директен раст, туморот може да го инфилтрира и sидот на вагината и да доведе до развој на ановагинална фистула (канал кој прави комуникација на анусот со вагината). Таа предизвикува големи проблеми кај пациентките, бидејчи доаѓа до изливање на фекасните маси во вагиналниот канал и изливање на измет од вагината.

Кај мажите, карциномот може да ја инфилтрира простатичната жлезда и да доведе до симптоми на простатит.

Со локалното ширење, кај локално напреднатиот анален карцином, може да дојде и до инфилтрација на мочниот меур со појава на потешкотии во мочањето.

Карциномот на анусот може по лимфен пат да ги зафати регионалните лимфни јазли. Лимфната дренажа на аналниот канал е двојна.

Подрачјето над назабената линија се дренира кон карличните лимфни садови, додека перианалната регија и делот под linea dentate се дренираат кон препонските (ингвинални) лимфни јазли.

Лимфогеното метастазирање се јавува рано во текот на болеста. Така, често при поставувањето на дијагнозата, може да постојат позитивни, метастатски регионални лимфни јазли.

Ингвиналната лимфаденопатија се манифестира во 30% од случаите, уште во раните стадиуми на болеста. Така да може да постојат зголемени лимфни јазли во препоните, кои може да ја пореметат лимфната дренажа и да доведат до лимфедем на долните екстремитети.

Хематогените метастази се поретки, но не се исклучени. Пациенти кои се доцна дијагностицирани и кои не се лекувани, можат да имаат и хематогени метастази во оддалечените ткива и органи во телото, или тие може да се јават покасно во текот на болеста.

Но, симптомите причинети од присуство на далечни метастази се ретко прв и единствен наод.

Доколку постојат далечни метастази, ќе се јават симптоми и знаци од зафатените органи.