Причини и фактори на ризик за карцином на анусот Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:31

Аналниот карцином е редок малигном, сочинува само мал процент (1,6%) од сите карциноми на дигестивниот тракт.

Како и за другите карциноми, така и за карциномот на анусот, причините за неговото јавување не се познати. Но, постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување кај одредени лица.

Сепак, присуството на еден или повеќе фактори на ризик, не значи и сигурно заболување од овој малигном.

Исто така, заболуваат и лица, кои немаат ниту еден фактор на ризик.

Како докажани фактори на ризик за карциномот на анусот се:

Возраст

Ризикот за појава на аналниот карцином се зголемува со возраста. Така, во групата до 50 годишна возраст, инциденцата е 1 на 100 000, а кај популацијата на возраст над 80 години достигннува 6.1 на 100 000

Инфекции

Епидемилошките испитувања покажале дека ризикот за развој на карцином на анусот е поголем кај оние кои практикувале рецептивен анален секс, што сугерира за инфективната природа и етиолошката улога на еден или на повеќе агенси, кои се пренесуваат при сексуалниот однос. Пред се, тука се спомнуваат: инфекциите со Human papilloma -16 вирусот, Human papilloma -18 вирусот, херпес симплекс вирусот тип 2, како и ХИВ вирусот (вирусот на сида).

Во многу случаи на анален карцином најдено е присуство на комплекс HPV-DNA во туморските клетки.

Human papilloma (HPV) вирусна инфекција. Една студија го испитувала туморското ткиво од паноцелуларниот анален карцином, од пациенти во Данска и Шведска. Било увидено дека постоела висока пропорција да аналниот карцином е позитивен на HPV типовите. (90% на туморите кај жените, 100% на туморите кај хомосексулаците и 58% од туморите кај хетеросексуалните мажи).

Во една друга направена студија, HPV-16 вирусот, бил детектиран во 84 % од испитаните примероци на аналниот карцином.

Сексуална активност

Лица кои имале повеќе сексуали партнери или практикувале анален секс, се сопоголем ризик за инфекција со HPV вирусот, а со тоа и за развој на карцином на анусот. Аналниот карцином е многу почест кај хомосексуалците.

Имуносупресија

Ризикот за појава на карцином на анусот е поголем кај пациенти кај кои е извршена трансплантација на бубрег, кај болни од СИДА и кај болни од рак што се лекуваат со хемотерапија и кортикостероиди. Примената на имуносупресивни лекови го зголемува ризикот од анален карцином. Така, околу сто пати повисока инциденца е регистрирана кај пациенти со претходна трансплантација на бубег и кај болни од АИДС (сида).

Пушење

Пушачите имаа неколку пати поголем ризик да заболат од карцином на анусот отколку непушачите.

Бенигни анални лезии

Некои бенигни лезии на анусот како што се: воспалителните заболувања на цревата и на анусот, хемороидите, аналните кондиломи, аналните фистули и лузни го зголемуваат ризикот од појава на анален карцином. Воспалението кое резултира од бенигните анални лезии, како што се хемороидите и аналните фистули, се смета дека може да е причина за зголемениот ризик за анален карцином.

Кондиломите се бенигни израстоци кои се јавуваат надвор од анусот т.е.на самиот анус и во долниот дел од аналниот канал. Кондиломите се предизвикани од инфекција со Human papilloma вирусот (HPV). Лицата кои имале кондиломи се со поголем ризик да развијат анален карцином.