Следење по третман за рак на ректум Печати

Следење на болните со карцином на ректум

Завршувањето со терапијата не значи и прекинување на грижата кон болниот. Карциномот на ректумот бара доживотно следење (follow-up). Следењето на пациентот е од голема важност за рано откривање на рецидив или прогресија на болеста. Редовните рутински контроли овозможуваат рано и навремено откривање на рецидивите или прогресијата на болеста, со што се овозможува и навремено спроведување на адекватна терапија, при што и ефектот од спроведената терапија е подобар.

Контролните прегледи имаат за цел да ги идентификуваат пациентите кај кои може да се спроведе палијативен хируршки третман и да превенираат секундарен колоректален карцином. Сепак, не постои доказ дека редовното следење по успешен хируршки третман, го подобрува исходот на пациентите со ректален карцином.

Следењето се спроведува со контролни прегледи на секои 3 месеци во тек на 2 години, на секои шест месеци до период од 5 години, а потоа следењето е еднаш годишно.

При контролниот преглед се зема опсежна анамнеза и се прави физикален преглед по системи. Исто така се прават и рутински лабораториски испитувања (хематолошки, ензимски, електролитен статус, уреа и креатинин).

Вредноста на туморскиот маркер CEA во крвта се одредува нa секои 3 месеци во тек на 2 години, а потоа на секои шест месеци до период од 5 години, кај пациентите кај кои стадиумот на примарната лезија е одреден како = или >Т2.

Колоноскопија се прави по една година од завршувањето на третманот, и доколку таа покаже уреден наод, се повторува по 2-3 години.

Компјутерската томографија на абдоменот се прави доколку постои висок ризик од рецидив на болеста.

Клинички, лабораториски и радиолошки испитувања не се со докажан бенефит и би требало да се ограничат на пациенти со постоечки сомнителни симптоми и знаци за рецидив или прогресија на болеста.