Ширење на карциномот на дебелото црево Печати

Растот, т.е. ширењето на карциномот на дебелото црево може да настане на четири начина: со директен, локален, инфилтративен раст на туморот, со лимфогена, хематогена и перитонеална дисеминација.

Директно ширење на туморот

Карциномот на дебелото црево започнува со абнормален, неконтролиран раст и делење на жлездените клетки на слузницата на дебелото црево.

Почетно, инвазивниот раст на карциномот е кон субмукозниот и мускулниот слој на цревниот sид, а потоа постепено продира до серозата.

Пробивајќи го sидот на дебелото црево, карциномот директно ги зафаќа и инфилтрира околните ткива и органи.

Со директното ширење на карциномот, може да дојде и до перитонеална дисеминација.

Лимфогено ширење на туморот

Метастазирањето во лимфните јазли е прогресивно и го следи анатомскиот лимфен пат, проширувајќи се од лимфен јазол до друг, без „прескокнување“. Кога карциномот е ограничен на цревниот sид, што значи не го преминал надворешниот слој на tunica muskularis propria, лимфните метастази се сретнуваат само во 10%. Меѓутоа, ако карциномот ги инфилтрира сите слоеви на sидот на дебелото црево, значително се зголемува процентот на метастази во лимфните јазли и тој изнесува околу 60%.

Зголемувањето на бројот на позитивни лимфни јазли, индицира и полоша прогноза на болеста.

Ширење на туморот по крвен пат

По крвен пат, карциномот на дебелото црево може да се прошири во било кое оддалечено ткиво или орган во телото.

Сепак, најчесто, со метастази е зафатен црниот дроб, поретко белите дробови, и коските.

Ретко метастазира во мозокот. Метастатски промени во мозокот се јавуваат во 1% случаи.