Превенција и скрининг кај карцином на дебело црево Печати

Бидејки не е позната причината за настанувањето на кациномот на дебелото црево, како и сите можни фактори на ризик, не е можно да се спроведе адекватно спречување на болеста. Сепак, како превенција се наведува избегнување на оние фактори на ризик на кои може да влијаеме и да ги контролираме.

Денес се повеќе се спроведуваат испитувања за причините и превенцијата на карциномот на дебелото црево. Досегашните резултати од овие истражувања покажуваат дека ова малигно заболување постепено се развива од бенигните полипи. Откривањето на присутните полипи и нивно хируршко отстранување може да помогне во спречувањето на развој на карциномот на дебелото црево.

Врз основа на различни докази, превентивните мерки вклучуваат и правилна, здрава исхрана, со внесување на помалку масти, а поголема количина на овошје и зеленчук во исхраната.

Некои истражувачи сметаат дека нискокалоричната исхрана, сиромашна со масти од животинско потекло, а богата со растителни влакна, има влијание во превенцијата на ракот на дебелото црево.

Внесување на помала количина на црвено месо, редовна физичка активност, одржување на нормална телесна тежина, исто така го намалуваат ризикот од настанување на карциномот на дебелото црево.

Се истражува и ефектот на витамините А, Е, Д, Ц, на фолната киселина, калциумот, селенот, аспиринот, cox-2 инхибиторите во спречувањето и забавувањето на растот на полипите и карциномот.

Сеуште не постојат препораки за нивно користење во превенцијата на карциномот на дебелото црево, но истражувањата продолжуваат.

Калциумот, витаминот Д и фолатите, во последните објавени истражувања, се наведуваат како ветувачки хемопревентивни агенси.

Бројни истражувања го испитуваат влијанието на престанокот на пушењето, земањето на прехрамбени додатоци, аспирин и слични лекови, смалувањето на консумирање алкохол и зголемената физичка активност во превенцијата на карциномот на дебелото црево.

Откриено е да промените на одредени гени го зголемуваат ризикот од појава на рак на дебелото црево. На лицата, кои во своето семејство имат неколку членови заболени од рак на дебелото црево, може да им помогне разговор со генетски советник, кој ќе направи тест во кој се гледа дали дошло до некаква генетска промена, која би ја зголемила веројатноста за настанување на карциномот на дебелото црево. Ако дошло до такви промени, тоа не мора да значи дека и ќе се развие карциномот на дебелото црево, но во тој случај добро би било да се поразговара со доктор за начините на превенцијата и раното откривање на карциномот.

Скрининг кај карцином на дебело црево

Во САД годишно се дијагностицираат приближно 150 000 лица со колоректален карцином, и околу 50 000 лица умираат годишно. Сепак, ова малигно заболување, во голема мера може да се открие со редовен скрининг, во неговата рана, почетна фаза, кога е и лекувањето најуспешно.

Американското Друштво за Гастроинтестинална Едноскопија (American Society for Gastrointestinal Endoscopy) има своја wеб страница (www.screen4coloncancer.org), која е за едукација на популацијата за важноста на скринингот на карциномот на дебелото црево и за тоа како тој може да се превенира.

Доколку сте на возраст над 50 години или имате позитивна фамилијарна историја за карцином на дебело црево, треба да се консултирате со лекар, кој ќе ви ги пепорача скрининг тестовите за рана детекција на карциномот.

Скринингот го спасува животот.

Скринингот за колоректалниот карцином ги спасува животите на два важни начини:

  • со рано откривање и отстранување на преканцерозните полипи, пред да тие станат канцерозни,
  • со откривање на карциномот во раните стадиуми, кога тој може успешно да се лекува.

Секој маж или жена би требало да се подвргне на скрининг тестирање, почнувајќи на возраст од 50 години. Оние лица кои имаат висок ризик за развој на овој малигном, како и оние кои се со позитивна фамилијарна историја на болеста, треба да разговараат со својот лекар за тоа дали треба да почнат со скрининг и порано. Една студија открила дека смртноста од колоректалниот карцином опаднала за околу 5% (2002 - 2004 год), и тоа најмногу поради превенција преку скрининг и отстранување на преканцерозните полипи.


Скрининг тестови за колоректалниот карцином

Скринингот се прави кај лица кои немаат симптоми или знаци, кој би индицирале постоење на карцином.

Доколку постојат симптоми и знаци, тогаш се прават дијагностички процедури, кои веќе не спаѓаат во скрининг тестови.

Тестови кои се препорачуваат за скрининг на колоректалниот карцином се:

Тест за присуство на скриена крв во столицата

Се проверува столицата, бидејќи некогаш во неа може да се најдат мали количини на крв, кои не се видливи со голо око. Причина за микроскопска мелена (крв во столицата) може да бидат присутни бенигни лезии, или пак присутен карцином на дебелото црево, кој е во почетен, ран стадиум. Ова е едноставен и неинвазивен скрининг тест.

Доколку тестот е позитивен, треба да се направат дополнителни испитувања, со цел да се открие точната причина за крварењето.

Постоењето на траги од крв во столицата, не значи и сигурно постоење на карцином, но сепак бара понатамошно иследување, со цел да се исклучи или потврди присуството на карцином.

Секој позитивен наод, мора да биде евалуиран со колоноскопија.

Прочитај и: Важноста на тестот за окултно крварење како скрининг тест

Иригографија (рендгенолошко испитување на дебелото црево со двоен контраст)

Најчесто применувана иницијална скрининг метода е рендгенолошко иследување со двоен контраст т.н иригографија. Сепак, иригографијата не е толку детална како колоноскопија и секако со тој метод не можат да се отстрануваат полипи и земаат биопсии. Самата иригографија е поприфатлива за пациентите.

Флексибилна сигмоидоскопија

Тоа е преглед на дебелото црево со помош на флексибилен сигмоидоскоп. Сигмоидоскопот е тенка, светлосна сонда, со дебелина колку прст. Таа се внесува преку чмарот на пациентот и му овозможува на лекарот да ја гледа директно внатрешноста на цевото, односно, неговата слузница. Со оваа процедура можат да се видат присутните полипи или почетниот карцином на дебелото црево. Флексибилна сигмоидоскопија обично се изведува без анестезија. Процедурата е непријатна, но не треба да е болна. Тоа е брза процедура која се изведува за околу 5 минути.

Пред изведувањето на процедурата, на пациентот му се дава средство за прочистување, лаксатив со што се чисти дебелото црево. Дебелото црево треба да е потполно испразнето, бидејќи, во спортивно сигмоидоскопијата не е можно да се изведе. Иако самиот преглед е непријатен за пациентот сепак е релативно безбеден.

Колоноскопија

Колонoскопијата се применува за испитување на слузницата на дебелото црево, за отстранување на полипи во дебелото црево (мали, бенигни тумори), за земање примероци, биопсија на дебелото црево и друго.

Колонoскопијата е најсигурниот, најдеталниот преглед на дебелото цревo и со овој преглед можат да се утврдат и ситни абнормалности и болести во најраните фази. Оваа дијагностичка метода е многу попрецизна од иригографијата и може да го открие карциномот на дебелото црево уште во неговите рани, почетни стадиуми.

Пред да се изведе иригографијата, на пациентот му се даваат упатства. Така, пациентот не смее ништо да јаде и да пие 6 часа пред колоноскопијата. Пациентот треба да престане да зема лекови кои го зголемуваат ризикот од крварење, како што се на пример аспиринот и нестероидните антиинфламаторни лекови, неколку дена пред изведувањето на колоноскопијата. Исто така, пред изведувањето на процедурата, на пациентот му се дава средство за прочистување, лаксатив со што се чисти дебелото црево. Дебелото црево треба да е потполно испразнето, бидејќи, во спротивно колоноскопијата не е можно да се изведе. Иако самиот преглед е непријатен за пациентот, сепак е релативно безбеден. Доколку пациентот има тешка срцева, белодробна или бубрежна болест треба за тоа да го информира лекарот.

Долга, тенка свитлива цевка се спроведува преку анусот (чмарот) до дебелото црево. Ова обично трае околу 15 минути и обично се изведува со интравенска седација. Реакцијата кон лековите за смирување се релативно ретки.

Колонoскопијата се изведува во болнички услови како амбулантска процедура (т.е. пациентот не се хоспитализира) од страна на специјалист кој е посебно обучен за колоноскопија.

Виртуелна колоноскопија (КТ колонографија)

Друга понова опција е виртуелна колоноскопија со комјутерска томографија (CT). Таа дава уште попрецизен преглед на слузницата на дебелото црево, во целата негова должина. Се изведува со внесување на мала сонда преку чмарот на пациентот, при што се пумпа воздух во дебелото црево, со цел да го надува. Потоа со специјален КТ скен се прават снимки на дебелото црево.

Современите студии покажале дека оваа процедура е ефективна во откривањето на малите полипи. КТ колонографијата може е најдобра метода за ниско ризичните лица, кај кои конвенционалната колоноскопија била негативна, односно не покажала присуство на абнормалности во слузницата. Оваа процедура овозможува визуелизација на целото дебело црево и се изведува без седација на пациентот