Дијагноза кај карцином на дебелото црево Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Карциномот на дебелото црево се манифестира со два главни симптома: појава на измени во „навиките“ на празнењето на цревото и со крварење (крв во столицата). Според тоа, анамнестичкиот податок за постоење на овие симптоми, треба да го наведе лекарот да помисли на можен карцином на дебелото црево. Исто така, податокот за нагло губење на телесната тежина, за слабокрвност, општа слабост и малаксаност, се сомнителни за постоење на карцином на дебелото црево. Анамнестички податоци за претходно постоење на некои предиспонирачки состојби на дебелото црево, бараат подетално испитување на причините за постоечките симптоми и знаци. Постоењето и на други фактори на ризик за настанување на карциномот на дебелото црево, кај одделни пациенти, исто така бара нивно детално иследување.

По земањето на детална анамнеза, искусниот лекар може да се посомнева за постоење на карцином и да назначи и други, дополнителни испитувања, со цел да се постави точна и рана дијагноза.

По анамнезата следи внимателен физикален преглед по системи.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Радиографски испитувања

Иригографија (рендгенолошко испитување на дебелото црево со двоен контраст)

Најчесто применувана иницијална метода е рендгенолошкото иследување со двоен контраст т.н иригографија. Методата е сензитивна, но можно е 5 до 10 % од промените да не бидат уочени и дијагностицирани. Типичен изглед на карциномот на дебелото црево, при примена на двоен контраст е сликата на „изгризено јаболко“, која е формирана од концентрична лезија, додека пак егзофитичните, карфиолести промени се прикажуват како дефекти во полнењето. Доколку постојат фистули кон соседните органи, вагината или мочниот меур, тие може да се видат на рендгенграфијата со контраст.

Сепак иригографијата не е толку детална како колоноскопија и секако со тој метод не можат да се отстрануваат полипи и земаат биопсии. Самата иригографија е поприфатлива за пациентите.


Ендоскопски испитувања

Колонoскопија со биопсија

Колонoскопијата се применува за испитување на слузницата на дебелото црево, за отстранување на полипи во дебелото црево (мали, бенигни тумори), за земање примероци, биопсија на дебелото црево и друго.

Колонoскопијата е најсигурниот, најдеталниот преглед на дебелото цревo и со овој преглед можат да се утврдат и ситни абнормалности и болести во најраните фази. Оваа дијагностичка метода е многу попрецизна од иригографијата и може да го открие карциномот на дебелото црево уште во неговите рани, почетни стадиуми.

Подготовка на пациентот

Пред да се изведе иригографијата, на пациентот му се даваат упатства. Така, пациентот не смее ништо да јаде и да пие 6 часа пред колоноскопијата. Пациентот треба да престане да зема лекови кои го зголемуваат ризикот од крварење, како што се на пример аспиринот и нестероидните антиинфламаторни лекови, неколку дена пред изведувањето на колоноскопијата. Исто така, пред изведувањето на процедурата, на пациентот му се дава средство за прочистување, лаксатив со што се чисти дебелото црево. Дебелото црево треба да е потполно испразнето, бидејќи, во спортивно колоноскопијата не е можно да се изведе. Иако самиот преглед е непријатен за пациентот сепак е релативно безбеден. Доколку пациентот има тешка срцева, белодробна или бубрежна болест треба за тоа да го информира лекарот.

Изведба на колоноскопија

Долга, тенка свитлива цевка се спроведува преку анусот (чмарот) до дебелото црево. Ова обично трае околу 15 минути и обично се изведува со интравенска седација. Реакцијата кон лековите за смирување се релативно ретки.

Колонoскопијата се изведува во болнички услови како амбулантска процедура (т.е пациентот не се хоспитализира) од страна на специјалист кој е посебно обучен за колоноскопија.

Друга понова опција е виртуелна колоноскопија со комјутерска томографија (CT). Таа дава уште попрецизен преглед на слузницата на дебелото црево, во целата негова должина.

Компликации

Колоноскопијата и полипектомија (отстранување на полипи) се многу безбедни методи и сериозни компликации се многу ретки. Овде спаѓаат:

  • алергиска реакција кон лековите кои се користат за смирување
  • перфорација (пробивање) на ѕидот на дебелото црево ( еднаш на 2000-5000 интервенции)
  • крварење-најчесто при полипектомија (еднаш на 300-500 интервенции)
  • инфекција на дебелото црево или на други органи
  • срцев удар, срцев застој, проблеми со дишењето (многу ретко)

Се преземаат сите мерки за да се минимизира ризикот од комликации. Постојат начини за рано откривање и следење на појавата на овие компликации. Многу ретко може да се јави потреба од хоспитализација, хируршка операција, хранење преку инфузија или трансфузија на крв.

Посебни мерки на претпазливост се преземаат доколку пациентот:

  • има тешка срцева, белодробна или бубрежна болест,
  • има шеќерна болест,
  • има намален имунитет,
  • прима хемотерапија,
  • има заболување на срцевите залистоци, пејсмејкер,
  • многу лесно крвари или зема лекови против згрутчување на крвта како аспирин на пр.
  • има алергија кон лекови
  • доколку е пациентка при бременост, или сомневање на бременост.
Биопсија

Доколку при колоноскопијата се види суспектна промена на слузницата на дебелото црево, може да се земе парче од таа промена (да се земе биопсија) и да се испрати на патохистолошки преглед. Патологот, испитувајќи го под микроскоп земениот материјал при биопсијата, ќе ја постави дефинитивната хистолошка дијагноза за карцином на дебелото црево. Истовремено, патологот го одредува и степенот на диференцираноста (градус)на туморот.

Според тоа, дијагнозата треба да се постави со колоноскопија или хируршка биопсија и хистологијата треба да биде во согласност со критериумите дадени од Светската Здравствена Организација (СЗО).


Дополнителни испитувања за одредување на стадиумот на болеста

Откога ќе се постави дефинитивна дијагноза на карциномот на дебелото црево, со цел да се разграничи дали се работи само за локализирана или локално напредната болест, или пак за метастазирана болест, се прават и дополнителни испитувања. Тие се битни за одредување на стадиумот на болеста, а со тоа и за примена на адекватна терапија за секој пациент одделно.

Карциномот на дебелото црево може по крвен пат да се расее во одалечените ткива и органи во телото. Може да биде зафатен било кој орган или ткиво.

Затоа се спроведуваат следниве дополнителни иследувања.

Рендгенграфија на граден кош

Рендгенграфска снимка на градниот кош се прави со цел да се исклучат или докажат присутни метастази во белите дробови.

Ехотомографскиот преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Оваа метода се користи кај карциномот на дебелото црево, со цел да се откријат присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Компјутеризирана томографија на абдоменот

Доколку со ехотомографскиот преглед се откријат некои суспектни метастази во лимфните јазли, во црниот дроб, или во некои други органи во абдоменот, се прави и компјутеризирана томографија на абдоменот. Таа е посупериорна метода во споредба со ехотомографскиот преглед на абдоменот. КТ дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Таа е посупериорна метода во споредба со конвенционалните рендгенграфски испитувања, затоа што во повисок процент може да покаже проширеност или метастази во регионалните лимфни јазли.

Лимфните јазли до 1 cm се сметаат за негативни (без метастази).

Лимфните јазли со големина од 1 до 2 cm се сметаат за суспектни, а лимфните јазли поголеми од 2 cm се сметаат за метастатски.

Со преглед на горниот дел од абдоменот се евалуираат лимфните јазли во таа регија како и црниот дроб.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

КТ се користи и за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Карциномот на дебелото црево може да даде коскени метастази, кои настануваат со расејување на карциномските клетки по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 90 минути од аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Радиоактивниот технициум се депонира во метастатските промени во сите коски од скелетот и на тој начин се добива снимка на која се гледаат метастазите како темни зони.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени во коските, кои не се гледаат на обична рендгенска снимка.

Првичните и дополнителните дијагностички процедури овозможуваат да се одреди прецизно клиничкиот стадиум на болеста, да се утврди дали станува збор за операбилен или неоперабилен тумор, и да се одреди адекватен третман, според стадиумот, кај секој пациент одделно.

Компјутеризирана томографија на абдоменот

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.