Симптоми и знаци на карциномот на желудникот Печати

Карциномот на желудникот тешко се открива во неговата рана фаза.

Обично, тој во почетокот е асимптоматски и често, за време на дијагнозата, веќе е локално напреднат.

Кога ќе се јават симптоми, тие се често неспецифични и болниот не обрнува внимание на нив. Симптомите се многу слични со симптомите на бенигните заболувања на желудникот.

Најчести симптоми кои се јавуваат кај карциномот на желудникот се:

  • чувство на печење во пределот на желудникот,
  • повраќање,
  • епигастрична болка (болка во горниот дел на абдоменот), како при чир на желудникот, но која е независна од внесувањето на храна, од земањето на антацидни средства или од повраќањето,
  • болка позади градната коска и во пределот на срцето често се јавува при тумори локализирани во пределот на кардијата (место каде хранопроводникот се спојува со желудникот),
  • пролив или запек,
  • крварење (крв во столицата или повраќање на крв),
  • отежнато или оневозможено голтање,
  • губиток на апетит,
  • нагло губење на телесна тежина ( кај 70%)
  • слабокрвност,
  • општа слабост и малаксаност.

Било кој од овие симптоми може да биде предизвикан од карциномот, но и од други, помалку сериозни заболувања како што се желудечна вироза или чир.

Сепак постоењето на овие симптоми бара и лекарски преглед.

Во некои случаи, првите симптоми и знаци на болеста можат да се јават како последица на присутни дистантни метастази.

Симптомите и знаците на метастатскиот карцином на желудникот, можат да бидат најразлични, зависно од тоа кои органи и ткива се зафатени.

Често кај овие пациенти е присутна слабост, абдоминална болка, хепатомегалија (зголемен и болен црн дроб), коскена болка.

Симптоми од страна на белите дробови, од мозокот или од јајниците се манифестираат зависно од метастатските промени во соодветните органи.

Опишани се повеќе паранеопластични синдроми кои се јавуваат со карциномот на желудникот, а, иако ретко, тие може да претставуваат и единствена манифестација на болеста.