Дијагностички процедури кај карцином на желудник Печати

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Постојат првични и дополнителни дијагностички процедури.

Првични дијагностички процедури

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Податок за често повраќање, за болка во горниот дел на абдоменот, која е независна од внесувањето на храна, како и податок за нагло губење на телесна тежина, слабост и маласалост, треба да го наведе лекарот да се посомнева за присутен карцином во желудникот.

Исто така, анамнестичките податоци за позитивна фамилијарна анамнеза (генетска предиспозиција за карцином на желудникот), како и присуство на некои предиспонирачки состојби на желудникот (хроничен атрофичен гастрит, гастрична дисплазија, гастрична полипоза, метаплазија на цревата), може да го наведат лекарот да се посомнева за постоење на ова малигно заболување.

По земањето на детална анамнеза, искусниот лекар, ако се посомнева за постоење на карцином, ќе назначи и други дополнителни испитувања со цел да се постави точна и рана дијагноза.

По анамнезата следи внимателен физикален преглед по системи.

Радиографски испитувања

Гастрографија со бариумска каша

Тоа е рендгенско снимање на желудникот со користење на бариумска каша. Пациентот пие бариумска каша, а потоа се прави рендгенска снимка на која се гледа желудникот исполнет со контраст.

Контрастното рентген снимање со бариумова каша на желудникот дава слични податоци во однос на откривање на улкуси (чир), полипи, тумори и други абнормалности. Снимањето е безболно и не бара седација.

Примената на двоен контраст при рендгенграфското испитување е посупериорна метода во однос на користењето на едно контрастно сретство, иако ни оваа метода не ја зголемува можноста за откривање на раниот карцином. Радиолошката дијагноза се поставува врз основа на постоењето на промени во структурата на желудникот. Тоа се пред се, дефекти во полнењето, губење на моталитетот, односно растегливоста на желудникот, нарушување на релјефот на желудечната слузница, со или без улцерации.

Сепак гастроскопијата дава многу подобар, подетален увид во реалната состојба, особено за болести кои се во рана фаза и кои можат да не се видат на гастрографијата со бариумова каша.


Ендоскопски испитувања

Гастроскопија со биопсија

Гастроскопијата е често изведувана процедура со која се овозможува директна визуелизација на внатрешноста на гастро-интестиналниот тракт (хранопровод-езофагус), желудник и дванаесетпалачно црево (дуоденум) со помош на гастроскоп кој е флексибилен, совитилив инструмент . Денешните гастроскопи ги пренесуваат сликите електронски додека постарите типови со помош на фибер-оптички систем.

Гастроскопија е иницијална процедура за потврдување на рефлуксен езофагит (рефлуксна болест), потврда на чир на желудникот и дуоденумот, но и за карцином на желудникот и хранопроводот.

Прегледот се изведува со ендоскоп, во случајов наречен гастроскоп. Има форма на цевка, долг е околу 100 см, со дијаметар од 9 мм. Во внатрешноста на гастроскопот се наоѓа оптичкиот системи и рaботен канал( преку кој по потреба се зема биопсија или се сопира крварење во хранопроводот или желудникот), на врвот се наоѓа камера и светло со што е овозможена дирктна виуелизација.

Примена на гастроскопија

Гастроскопијата се применува при многу состојби. Покрај тоа што со гастроскопија се врши детален преглед на слузокожата на хранопроводот, желудникот и дуоденумот и можат да се откријат воспаление, чир, стеноза (стеснување) на хранопроводот, исто така доколку има потреба може да се отстрануваат полипи (бенигни тумори), да се сопре крварење, на пример при „прскање“ на чир на желудник и да се земе примерок од слузокожа (биопсија) за понатамошно испитување.

Припрема на пациентот

Пред прегледот пациентот не смее ништо да јаде и пие. Со тоа ќе се овозможи задоволителна визуелизација но и ќе се избегне повраќање во текот на процедурата.

Изведба на гастроскопија

Гастроскопот е мека, совитлива цевка, која се спроведува до желудникот преку уста. Ова обично трае 5 минути и обично се изведува со истовремена интравенска (преку инфузија) седација. Алергиските реакции кон овие седативи се ретки. По изведбата на процедурата, пациентот доколку примил седатив (средство за смирување), не треба да управува со моторни возила се до наредниот ден.

Гастроскопијата се изведува во болница, како амбулантска процедура, односно пациентот не се хоспитализира за изведба на гастроскопија. Обично, доколку пациентот примил средство за смирување треба да остане уште 3 часа по процедурата во болница.

Комликации

Гастроскопијата и покрај тоа што е непријатна за пациентите, сепак е многу безбедна; комликации најчесто се јавуваат при интервентни процедури како дилатација (проширување) на стриктури (стеснувања) на хранопроводот, отстранување на полипи и сл.

Компликации кои најчесто се јавуваат:

  • перфорација (пробивање, пробушување) на ѕидот на хранопроводот, желудникот или доденумот.
  • инфекција на вратот, градите или стомачната празнина по перфорација (пробивање) на некој од органите за варење.
  • крварење-доколку се оштетат крвните садови, но најчесто по отстранување на полипи.
  • белодробни инфекции како резултат на повраќање или аспирација (вдишување) за време на процедурата.

Се преземаат сите мерки за да се минимизира ризикот од комликации. Постојат начини за рано откривање и следење на појавата на овие компликации. Многу ретко може да се јави потреба од хоспитализација, хируршка операција, хранење преку инфузија или трансфузија на крв. Иако може да дојде и до смртен исход од компликации при дилатација на езофагус (проширување на хранопровод), сепак тоа е екстремно ретко.

Посебни мерки на претпазливост се преземаат доколку пациентот:

  • има тешка срцева, белодробна или бубрежна болест,
  • има дијабетес,
  • има намален имунитет,
  • има лимфом, или прима хемотерапија,
  • има заболување на срцевите залистоци, пејсмејкер,
  • многу лесно крвари или зема лекови против згрутчување на крвта како аспирин.
Биопсија

Доколку при гастроскопијата се види суспектна промена на слузницата на желудникот, може да се земе парче од таа промена (да се земе биопсија) и да се испрати на патохистолошки преглед. Патологот, испитувајќи го под микроскоп земениот материјал при биопсијата, ќе ја постави дефинитивната хистолошка дијагноза за карцином на желудникот. Истовремено, патологот го одредува и степенот на диференцираноста (градус)на туморот.

Според тоа, дијагнозата треба да се постави со гастроскопска или хируршка биопсија и хистологијата треба да биде во согласност со критериумите дадени од Светската Здравствена Организација (СЗО).

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Иако генерално не е корисен за рана детекција на карциномот, AFP (alphafetoprotein) би можел да има дијагностичка вредност при карциномот на желудник.

Во однос на туморските маркери во крвта се испитуваат следниве:

  • CA (CA19-9 carbohydrate antigen) – може да покажува зголемени вредности при карцином на желудник, но исто така, може да биде зголемен и при холецистит, цироза, цистична фиброза, жолчни камења и панкреатит.
  • TPA (tissue polypeptide antigen) – се зголемува и при други болести како што се: холангит, цироза, хепатит, пневмонија и инфекции на мочните патишта.
  • CEA (carcinoembryonic antigen level) – е корисен при востановување на дијагнозата и при рекурентноста на туморите коишто ја секретираат оваа супстанца, како и во следење на прогресијата на болеста. Ако CEA е зголемен, враќање на нормалната вредност се очекува во рамки на 48 часа од комплетната ексцизија на туморот.

Ендоскопски ултразвук и лапароскопија можат да помогнат за оптимално одредување на операбилноста на туморот.


Дополнителни испитувања за одредување на стадиумот на болеста

Откога ќе се постави дефинитивна дијагноза на карциномот на желудникот, со цел да се разграничи дали се работи само за локализирана или локално напредната болест, или пак за метастазирана болест, се прават и дополнителни испитувања. Тие се битни за одредување на стадиумот на болеста, а со тоа и за примена на адекватна терапија за секој пациент одделно.

Карциномот на желудникот може по крвен пат да се расее во одалечените ткива и органи во телото. Може да биде зафатен било кој орган или ткиво.

Затоа се спроведуваат следниве дополнителни иследувања.

Рендгенграфија на граден кош

Рендгенграфска снимка на градниот кош се прави со цел да се исклучат или докажат присутни метастази во белите дробови.

Ехотомографскиот преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Оваа метода се користи кај карциномот на желудникот, со цел да се откријат присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Компјутеризирана томографија на абдоменот

Доколку со ехотомографскиот преглед се откријат некои суспектни метастази во лимфните јазли, во црниот дроб, или во некои други органи во абдоменот, се прави и компјутеризирана томографија на абдоменот. Таа е посупериорна метода во споредба со ехотомографскиот преглед на абдоменот.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Карциномот на желудникот може да даде коскени метастази, кои настануваат со расејување на карциномските клетки по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 90 минути од аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Радиоактивниот технициум се депонира во метастатските промени во сите коски од скелетот и на тој начин се добива снимка на која се гледаат метастазите како темни зони.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени во коските, кои не се гледаат на обична рендгенска снимка.

Првичните и дополнителните дијагностички процедури овозможуваат да се одреди прецизно клиничкиот стадиум на болеста, да се утврди дали станува збор за операбилен или неоперабилен тумор, и да се одреди адекватен третман, според стадиумот, кај секој пациент одделно.