Следење по третман Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:42

Следење на болните со карцином на хранопроводникот

Завршувањето со терапијата не значи и прекинување на грижата кон болниот. Езофагеалниот карцином бара доживотно следење (follow-up). Следењето на пациентот е од голема важност за рано откривање на рецидив или прогресија на болеста. Редовните рутински контроли овозможуваат рано и навремено откривање на рецидивите или прогресијата на болеста, со што се овозможува и навремено спроведување на адекватна терапија, при што и ефектот од спроведената терапија е подобар.

Следењето на пациентите опфаќа детална анамнеза и физикален преглед, кој се изведува еднаш месечно, во тек на првата година по финализирањето на третманот, а потоа на два месеци, во текот на втората година и понатаму на секои три месеци.

Езофагографија со бариумски контраст и рендгенграфија на белите дробови се прави на секои шест месеци, во првите две години по завршувањето на лекувањето, а потоа еднаш годишно.

Езофагоскопија со евентуална биопсија од суспектната промена се прави при постоење на симптоми на локален рецидив.