Причини и фактори на ризик за рак на хранопроводник Печати
Среда, 09 Јули 2008 11:31

Како и за другите карциноми, така и за карциномот на хранопроводникот, причините за негово јавување не се познати. Но, постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување кај одредени лица.

Сепак, присуството на еден или повеќе фактори на ризик, не значи и сигурно заболување од овој малигном.

Исто така, заболуваат и лица, кои немаат ниту еден фактор на ризик.

Како докажани фактори на ризик за карциномот на хранопроводникот се:

Пушење и ексцесивно консумирање на алкохол

Пушењето и преголемото консумирање на алкохол се доминантни фактори на ризик за настанување на карциномот на хранопроводникот, бидејќи и пушењето и алкохолот предизвикуваат хронична иритација и инфламација на езофагеалната мукоза.

Во една клиничка студија е докажано дека ризикот од настанување на овој карцином се зголемува со бројот на испушените цигари.

Се смета дека дури до 90% од карциномите на хранопроводникот, се асоцирани со пушењето и пиењето на алкохол.

Но, ризикот за развој на аденокарциномот на хранопроводникот кај пушачи е помал, отколку за карциномот на плочестите клетки (планоцелуларен карцином).

Ексцесивното консумирање на алкохол е главен ризик фактор за развој на планоцелуларниот карцином на хранопроводникот., но не е докажан и потврден ризик фактор за аденокарциномот.

Кога преголемото консумирање на алкохол ќе се комбинира со пушењето, ризикот за настанување на езофагеалниот карцином се зголемува експоненцијално.

Зголемената инциденца на аденокарциномот во изминативе три децении, сугерира на нов етиолошки фактор за езофагеалниот аденокарцином, а тоа е гојазноста. Утврдено е дека како што расте инциденцата на гојазноста, така расте и инциденцата на аденокарциномот на хранопроводникот.

Спротивно на ова, лицата со прекумерна телесна тежина имаат помал ризик да заболат од планоцелуларен карцином.

Исхрана

Бројни клинички студии покажале дека исхраната има улога во настанувањето на карциномот на хранопроводникот. Увидено е дека оние лица кои со исхраната внесуваат повеќе масти од животинско потекло, а помалку свежо овошје и зеленчук, се со поголем ризик за настанување на карцином на хранопроводникот.

Лица кои, поради начинот на исхраната, внесуваат поголемо количество на нитрозоамини, нитрозоамиди и други нитрозо соединенија, имаат поголем ризик за развој на карцином на хранопроводникот.

Состојби на хранопроводникот

Инциденцата на карциномот на хранопроводникот, исто така, е повисока кај оние лица кај кои се присутни предиспонирачки состојби како што се: тилоза, ахалазија на кардија, Barret-ов хранопроводник, прусутни дивертикули (проширувања) на хранопроводникот, каустични (со киселини) повреди и Plummer-Vinson синдром.

Карциномот на хранопроводникот може да се јави како втор примарен тумор, кај 2 до 4% од пациентите, со карцином на горните дишни патишта или со карцином на горните делови од системот за варење.