Причини и фактори на ризик за ракот на белите дробови Печати

Основната причина за појавата на белодробниот карцином не е позната. Заболувањето е резултат на делувањето на бројни физички, хемиски и биолошки предизвикувачи, кај пациенети со предиспозиција за ова оболување.

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на белодробниот карцином кај некои луѓе. Но, проблемот е комплексен и до денес не се познати сите фактори на ризик.

Но, постоењето на еден или повеќе фактори на ризик, не значи дека и ќе дојде до развој на ова малигно заболување. Од друга страна пак, и лица кои немаат ниту еден фактор на ризик, заболуваат од белодробен карцином.

Како познати фактори на ризик за ова малигно заболување се наведуваат следните:

Возраст

Белодробниот карцином најчесто се јавува во напредната возраст. Тој е најчесто застапен во 6-тата деценија од животот.

Инциденцата на белодробниот карцином рапидно се зголемува од помалку од 1 на 100 000 жители пред 30 годишна возраст, на дури 329.9 на 100 000 жители, помеѓу 70 и 74 годишна возраст.

Според тоа, возраста е еден од ризик факторите за белодробниот карцином. Колку што е понапредна возраста, толку и ризикот за ова заболување е поголем.

Пол

Мажите почесто заболуваат отколку жените и тој однос е 2.4: 1.

Генетска предиспозиција (позитивна фамилијарна анамнеза)

Ова заболување почесто се јавува кај лица кои имале членови во своето семејство со белодробен карцином (родители, брат или сестра). Овој зголемен ризик во некои семејства може да биде поради една или повеќе причини. Така, тие може да имаат некои заеднички навики, како пушењето, потоа, да живеат во места со канцерогени супстанции како што е радонот. Тие може да имаат наследен зголемен ризик во своите гени.

Неколку генетски карактеристики се најдени во клетките на белодробниот карцином што може да го фаворизираат неговиот развој. Пред се, тоа се тумор супресорните гени, чии продукти ја контролират клеточната инфилтрација и чија инактивација (мутација) ги елиминира супресорните механизми што ја спречуваат малигната алтерација на клетките. Во оваа група спаѓаат повеќе гени, меѓу кои и генот p53, кој е поврзан со развојот на белодробниот карцином.

Пушење

Пушењето е главен фактор на ризик за настанувањето на белодробниот карцином. Околу 90 % од белодробните карциноми кај мажите и околу 83% кај жените, се оценети дека се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Ризикот за настанување на белодробниот карцином се зголемува со бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно), времетраењето на пушењето, возраста кога започнало пушењето, од вдишувањето на тутуновиот дим, како и од количината на катранот и никотинот во цигарите (од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Со вдишувањето на димот од цигарите се внесуваат аеросоли во долните партии на белите дробови. Димот содржи голем број на канцерогени супстанции, а меѓу нив се: полицикличните јаглехидрати, нитроамидите и бензопиренот, кои се едни од најсилните канцерогени материи.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од белодробен карцином отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај непушачите. Колку повеќе луѓе се откажат од пушење, стапката на белодробниот карцином кој се јавува кај пушачите ќе опаѓа и процентот на белодробни карциноми кои се јавува кај лицата кои се откажале од пушење ќе се зголемува.

Марихуана

Марихуаната содржи многу повеќе катран отколку цигарите. Марихуаната се вдишува многу длабоко и димот подолго време останува во белите дробови. Таа се пуши до крај каде и концентрацијата на катранот е највисока. Многу канцерогени супстанции, кои се најдени во димот од цигарите, ги има и во димот од марихуаната. Бидејќи марихуаната е недозволена со закон и се продава илегално, не е можно да се контролира дали таа содржи и габички, пестициди или други адитиви.

Медицинските студии укажуваат дека марихуаната може да предизвика и рак на устата и грлото.

Белодробни заболувања и трауми

Појавата на белодробниот карцином се доведува во врска со хроничната опструктивна белодробна болест. Пациенти кој боледуваат од ова хронично заболување имаат поголем ризик да развијат белодробен карцином. Кај повеќето од нив се развива т.н. „скар“ (лузна) карцином, кој се развива на претходно постоечка лузна во белите дробови. Овој тумор хистопатолошки е аденокарцином.

Така, туберкулозата на белите дробови го зголемува ризикот за белодробен карцином, посебно во деловите на белите дробиви кои се со лузни ( „скар“ карцином).

Лица кои биле веќе лекувани од белодробен карцином се со поголем ризик да развијат втор белодробен тумор отколку лица кои немале белодробен карцином. Воспаление и лузни во белодробното ткиво може да се јават и при вдишување на некои минерали, како и при бактериски и вирусни пнеумонии.

Пациенти со склеродермија, исто така, имаат зголемен ризик за развој на белодробен карином.

Канцерогени од животната средина и професионални канцерогени супстанции

Утврдено е дека бројот на заболени од белодробен карцином е поголем во индустриски развиените земји и во големите градови, отколку во руралните средини. Причина за тоа е аерозагаденоста. Загадениот воздух содржи во себе многу канцерогени супстанции, кои со дишењето се внесуваат во белите дроови.

Исто така, опишани се и други фактори на ризик како што се: професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (азбест, нафтени деривати и друго), изложеност на рударите во рудниците со јагленова прашина, хром, ураниум, никел и други.

Азбестоза

Изложувањето на азбест е сигнификантен фактор на ризик за одреден тип на белодробен карцином т.н. мезотелиом, кој започнува во плеврата (белодробната обвивка). Работниците кои се изложени на делувањето на азбестот и кои се пушачи го зголемуваат својот ризик за добивање на белодробен карцином дури за 50 до 100 пати.

Радон

После цигарите радонот се смета за втор по важност предизвикувач на рак. Како природно присатен радиоактивен гас, радонот е познат како канцероген и го зголемува ризикот за појава на ракот на белите дробови. За прв пат бил разгледуван кај рударите кои ископувале ураниумова руда со голем степен на изложеност на радонот.

Радонот може да се акумулира во домовите како и во други згради, но во многу пониска концентрација.

Некои од највисоките природни концентрации на радонот во Велика Британија биле откриени во југозападниот дел, но концентрации повисоки од просечно дозволените се најдени и во други делови на Британија.

Според една направена студија за изложеност на радонот се дошло до заклучок дека тој може да е одговорен за приближно 9% од вкупните случаеви на рак на белите дробови во државите од Европската унија.

Изложеноста на радонот го зголемува ризикот за добивање на рак на белите дробови кај двете групи, пушачи и непушачи, во ист процент, но неговиот ефект е поголем кај пушачите, кои се и со повисок ризик за појава на рак на белите дробови. На пример, при концентрација на 800 бекерели (Bq)/m3, апсолутниот ризик за појава на рак на белите дробови до возраст од 75 години помеѓу непушачите е околу 0,93%, додека пак кај пушачите тој достигнува 21,6%.

Просечната надворешна концентрација на радонот во Европа се проценува дека е околу 59 Bq/m3.

Радиотерапија на белите дробови

Лицата кај кои била спроведена зрачна терапија во пределот на белите дробови, имаат поголем ризик за белодробен карцином, посебно ако се и пушачи.

Посебно ризични пациенти се оние кои се третирани со радиотерапија поради Хочкин тумори, или жени кои биле озрачени по оперативен зафат на дојката, поради карцином на дојка. Ризикот е поголем, доколку се тие пациенти и пушачи.

Исхрана

Научниците ги испитуваат различните видови на храна со цел да утврдат како тие можат да го променат ризикот за добивање на белодробен карцином. Сепак, изхраната може да има мало влијание во настанувањето на белодробниот карцином, во споредба со она кое го има пушењето.

Јадењето на храна богата со масти од животинско потекло може да го зголеми ризикот за белодробен карцином.

Пиењето на алкохол може, исто така да го зголеми ризикот. Сепак, тешко е да се каже колку од ризикот кај лицата што пијат е всушност од тутуновиот дим, бидејќи многу луѓе и пушат и пијат.

Некои состојки во храната можат да помогнат во превенција на белодробниот карцином. Исхрана богата со свежо овошје и зеленчук го намалува ризикот за развој на карцином, а со тоа и за развој на белодробниот карцином.

Како протектори се сметаат антиоксиданците, како што се: витамин Ц, Е, селен и бета каротинот. Консумирање на храна богата со овие витамини и минерали може да го намали ризикот за настанување на белодробен карцином.

Земање на бета каротин супременти (таблети) не се препорачува, бидејќи тоа може напротив да го зголеми ризикот кај некои пушачи.