РАК НА КОЖА (CARCINOMA CUTIS, SKIN CANCER) - Превенција и скрининг Печати

Преку 90% од случаите на рак на кожата се јавува на површини кои се редовно изложени на сончевите зраци или на други извори на ултравиолетово зрачење. Немеланомскиот рак на кожата (базоцелуларниот и планоцелуларниот карцином) обично се јавува на површините на кожата кои се често изложени на сонце, додека пак меланомот најчесто се јавува на кожата на грбот кај мажите и на кожата на нозете кај жените.

Ракот на кожата може да се развие на претходно непроменета (здрава) кожа или на постоечките промени на кожата или слузниците (бемки, брадавки, сиво-беличести наслаги на слузницата (леукопатија)). Ракот на кожата е во постојан пораст. Причината за тоа, велат истражувачите, е исцрпувањето на атмосферската заштитна озонска обвивка. Нејзиното намалуваање е причина за пропуштање на повеќе и појаки количини на сончева светлина, со што и ризикот од појава на рак на кожата е поголем.

Но, не треба да се заборави дека и неприродните извори на УВ зраци, како што се лампите за сончање и солариумите, можат да бидат причина за појава на кожен рак.

Докторите сé почесто предупредуваат на штетното делување на солариумите. Иако, Светската здравствена организација (СЗО) ги прогласила солариумите за канцерогени, тоа не ги спречува многу луѓе да, заради добивање на исончан, темен тен, одат на третмани во солариум.

За ракот на кожата одсекогаш се сметало дека е болест на средната и старата генерација, но токму изложувањето на сонце и на други извори на јонизирачко зрачење го зголемил бројот на заболени и меѓу младата популација. Затоа, лицата кои се во ризична група за добивање на рак на кожата, треба да се предупредат за штетното делување на сончевите зраци и солариумот.

Се смета дека изложувањето на сончевите зраци и на другите извори на ултравиолетово зрачење е најголем фактор на ризик за настанување на кожниот карцином. Други фактори на ризик се генетската склоност (ракот на кожата е почест кај лица со светол тен, сини или зелени очи, светла или црвена коса), потоа, изложување на јонизирачки зрачења (рендгенски зраци и други врсти на зрачење), како и изложување на арсен, кој може да е присутен во некои хербициди.

Превенција на кожен карцином

Превенцијата на кожниот карцином се сосотои од избегнување на факторите на ризик, како и од редовни, рутински самопрегледи на кожата. За да го намалиме ризикот за рак на кожа треба што е можно помалку да се изложуваме се на сонце.

Запоменете:

  • Кога сте на сонце, заштитете ја кожата: носете заштитна облека како што се капи, кошули со долги ракави, долги сукњи или пантолони.
  • Ултравиолетовото зрачење е најјако во средината на денот, па затоа настојувајте да го избегнувате сонцето во тој дел од денот. Користете квалитетни средства за заштита од сонце, по можност со фактор на заштита од сонце најмалку 15. Нанесете средство за заштита од сонце барем пола час пред излегување на сонце и нанесувајте го на секои два часа.
  • Користете заштитни средства за сонце и во зима.
  • Редовно прегледувајте ја својата кожа како би откриле појава на некои сомнителни израстоци или промени на постоечките лезии на кожата.
  • Нов израсток, кој поминува покасно во кожна раничка, која тешко зараснува, се шири и повремено крвари, е сомнителна за кожен карцином.
  • Сомнителни промени на веќе постоечките израстоци се: промена на бојата, големината, изгледот на постоечката промена, појава на болка, воспаление, крварење и јадеж на промената.
  • Лезија сомнителна за кожен карцином е онаа која е асиметрична, со неправилни или неостри ивици, со неколку бои во неа или ако е поголема од 6 mm во пречник.

Америчката дерматолошка академија (ААД) и Фондацијата за рак на кожата ги препорачале следниве чекори за избегнување на ракот на кожата:

  • Што е можно помалку изложувајте се на сонце, посебно во период од 10 часот наутро до 4 часот попладне,
  • Нанесувајте заштитни креми за сонце, најмалку со фактор SPF-15 (Sun Protection Factor) или поголем, кој штити од УВА и УВБ зраците, на сите површини на кожата, кои се изложени на сончевите зраци,
  • Нанесувајте ја заштитната крема на секои два часа, дури и во облачните денови,
  • Повторно нанесете заштитна крема, по пливање или потење,
  • Носите облека која го покрива телото, како и капи кои го штитат лицето. Шеширите треба да го засенуваат и лицето и задниот дел од вратот. Носењето на заштитни наочари за сонце ќе ја намалат количината на зраците кои доаѓаат до окото, филтрирајќи дури и до 80% од зраците, со што се штитат и очите, посебно очната леќа,
  • Избегнувајте сончање во солариум,
  • Заштитите ги децата. Децата се посебно осетливи на сончевите зраци и често кај нив може да дојде до изгоретини поради прекумерно изложување на сонце. Детската кожа е нежна и побрзо гори. Затоа, децата треба да се заштитат така што нема да се изложуваат на сонце во период кога е тоа најјако, односно од 10 часот наутро до 4 часот попладне. Обилно и често нанесувајте креми за сончање кај децата на возраст од 6 месеци и постари.
    Не користите заштитни креми за сонце кај деца помали од 6 месеци, а ќе ги заштитите на тој начин што ќе го ограничите нивното изложување на сонце,
  • Запамтете: Песокот и камењета ги рефлектираат сончевите зраци, дури и кога сте под чадор за сончање. Снегот посебно добро ги рефлектира сончевите зраци, па затоа треба да се внимава при скијање.
    Рефлектирачките површини можат да рефлектираат дури и до 85% од штетните сончеви зраци.

Ризик за појава на малигниот меланом се „сомнителните бемки“

Ако некој примети дека бемката почнала да расте, веднаш треба да се јави на лекар. Стручна помош треба да се побара и ако се бемките асимерични, деловите околу границите на бемката назабени, нејасно ограничени, ако бојата нагло им се изменила. Покрај тоа, секоја бемка, која е поголема од 6 мм во пречник треба да се прегледа од страна на лекар специјалист-дерматолог.

Присуството на нетипични бемки на кожата укажува на зголемен ризик од настанување на меланом, посебно во семејства во кои има заболени од рак на кожата.

Секој карцином, ако рано се открие и отстрани на време, ја зголемува шансата за комплетно излекување. Кај меланомот не постојат одредени старосни граници, така да од овој вид на кожен рак можат да заболат сите.

Лекарите препорачуваат дека е подобро хируршки да се отстранат бемките кои се наоѓаат на места подложни на иритација. Така сите оние бемки кои се наоѓаат под градниците, каишите, косата, деловите на тело кои се подложни на депилација, треба хируршки да се извадат. Обично ваквите бемки тешко се забележуваат и не се обрнува внимание на нив пред адолесцентниот период, па затоа би било добро да се побара совет од дерматолог.

Ако детето има вродена бемка или таа се јави во покасниот период, треба интензивно да се избегнива изложување на сонце.

Најдобро време за превенција на ракот на кожата е детството. Седењето во сенка и по чадор за сонце, не гарантира и потполна заштита. Затоа, кога е некоја промена сомнителна, треба да се консултира дерматолог, кој доколку е потебно, ќе го упати пациентот до хирург кој ќе ја отстрани бемката. Дури после патохистолошкиот преглед на оперативниот материјал, ќе може да се каже дали бемката е канцерогена или е.

Самопреглед

Од голема важност за рано откривање на ракот на кожата е самопрегледот. Тој треба да се изведува еднаш месечно. Обично се изведува така што застануваме пред огледало и внимателно ја прегледуваме кожата по целото тело, вклучувајќи ја и кожата на стапалата.

Посебно, овие самопрегледи треба редовно да ги изведуваат лица кои имаат еден или повеќе фактори на ризик. Прегледот може да го изведуваме сами или со помош на член од нашето семејство. При тоа следи АBCD правилото. Ако се примети било кој знак според ова правило, треба веднаш да се консултира дерматолог.

ABCD - правилото според англо-саксонската литература е:

  • асиметрија (Аssumetry),
  • ирегуларност на рабовите (Border irregularity),
  • промена на бојата или темно црна боја (Color variation or dark black colour),
  • дијаметар поголем од 6 mm (Diameter greater than 6 mm)

Обратете внимание на осумте точки кои ќе ви помогнат да разграничите дали некоја бемка е сомнителна за рак на кожата или не. Тие се:

  1. дали постоечката бемка расте или дали се појавува нова бемка,
  2. дали бемката има неправилни и назабени ивици,
  3. дали се променила бојата на бемката во кафена или црна,
  4. дали бемката е поголема од 6 mm во пречник,
  5. дали е бемката воспалена или има црвени ивици,
  6. дали постои крварење, влажнење или стварање на крусти,
  7. дали постои јадеж,
  8. дали постои јазол околу бемката,

Важно: Доколку се примети било каква промена на кожата која е сомнителна, долго време постои, не заздравува и се шири, треба да се побара стручна помош.