Причини и фактори на ризик за кожен карцином (CARCINOMA CUTIS, SKIN CANCER) Печати

Точната причина за појава на ракот на кожата (carcinoma cutie, skin cancer) не е позната, но се докажани некои фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување. Лицата кои имаат еден или повеќе фактори на ризик имаат поголеми шанси за развој на кожен карцином.

Фактори на ризик за настанување на кожен карцином

Како ризик фактори за рак на кожата се наведуваат:

Боја на кожата

Ракот на кожата почесто се јавува кај белата раса, посебно кај лица со светол тен (светла бенкичава кожа), со сини или зелени очи, со црвена или светло сина коса. Посебно е чест во Скандинавските земји.

Позитивна фамилијарна анамнеза (наследни, генетски фактори)

Кожниот карцином почесто се јавува кај лица кои имале во своето блиско семејство болен од кожен карцином.

Возраст

Инциденцата на немалигниот кожен карцином значително се зголемува по 50 годишна возраст (33% за секоја декада) и повеќе од 95% од кожните кациноми се јавуваат кај пациенти над 40 годишна возраст.

Пол

Кожниот карцином е почест кај мажите во споредба со жените и тоа: базоцелуларниот кожен карцином – за 1.5 до 2 пати, а планоцелуларниот кожен карцином – за 2 до 3 пати.

Претходни патолошки кожни состојби

Ракот на кожата е почест кај лица со бенки на кожата, со сенилна кератоза на кожата, вирусна инфекција со папилома вируси, хронична инфламација или траума.

Сенилната (актинична или соларна) кератоза се манифестира со добро ограничени макули со груба, задебелена , лушпеста површина која може да биде кафена, црвена, сива (пепелава) или црна, со пречник од неколку милиметри до неколку сантиметри. Се јавува на кожата на главата, на вратот и на екстремитетите и се смета за преканцерозна состојба, и покрај тоа што вистинскиот процент на нејзината трансформација во кожен карцином не е познат.

Изложеност на хемиски канцерогени супстанции

Забележено е дека кожниот карцином се јавува почесто кај работници кои се изложени на дим, парафин, асфалт и друго.

Изложеност на сончеви зраци и други извори на ултравиолетово зрачење

Сончевата и другата ултравиолетова ирадиајција се главен фактор на ризик за појава на кожен карцином. Најчесто ракот на кожата се јавува на региите кои се изложени на сонце или на други извори на ултравиолетово зрачење. Изложувањето на сонце се смета дека е главен фактор за појава на кожниот карцином.

Ултравиолетовите зраци (УВ) според нивната бранова должина може да се поделат во три групи: УВ-А (320-400 nm), УВ-Б ( 290-320 nm) и УВ-Ц (200-290 nm).

УВ-Ц зраците ефикасно се филтрираат од атмосферскиот озон, па според тоа имаат мало влијание на настанувањето на кожниот рак, додека пак УВ-Б зраците само делумно се филтрираат и можат да предизвикаат изгореници, хронични кожни оштетувања и кожен карцином. Со оштетување на озонската обвивка и изложеноста на овие зраци е уште поголема.

УВ – А зраците се користат во солариумите за потемнување на кожата, но и тие предизвикуваат дополнителни оштетувања, покрај оние предизвикани со УВ-Б зраците.

Освен изложувањето на Сонце, кое е сé поштетно поради озонските дупки, како фактор на ризик за настанување на кожниот карцином, а кај некој и најважен фактор е сончањето во солариум. Научниците од цел свет укажуваат дека дозата на УВ зрачење во солариумот е 2 до 10 пати поголема отколку од Сонцето. Ако при тоа се додаде дека кај нас, ниту лампите не се менуваат по пропис, ниту се користат специјални заштитни наочари за солариум (ретко кога ги има во козметичките салони), последиците од зрачењето се уште поголеми.

Заблуда е дека сончањето во солариумот е побезбедно отколку изложувањето на сончевите зраци. И во двата случаи, дејството на УВ зрачење е кумулативно, а тоа значи дека, со зголемувањето на времето на изложување на Сонце или со сончање во солариум, ризикот за појава на рак се зголемува.

Децата имаат многу нежна и посветла кожа. Тие се најзагрозени и кај нив често се јавуваат изгоретини од прекумерно неконтролирано сончање. Изгоретините од сонце во детството се многу опасни и ризични, а со годините ризикот се зголемува посебно во понапредната возраст, кога и кожата ја губи својата еластичност, влажност и станува сува и поосетлива.

Препораки за солариум

  • не смеат да користат солариум лица помлади од 16 години, лица со светол тен, со голем број на бемки или лица кои се склони кон добивање на пеги,
  • пред солариумот не треба да се користат козметички средства и дезодоранси,
  • првото изложување на солариум не смее да трае подолго од 5 минути и никако не смее да биде повеќе пати во денот,
  • се смета дека 20 сеанси годишно во солариум, во период од 30 години, го зголемува ризикот за настанување на кожен карцином за околу 10%.

Изложеност на јонизирачко зрачење

Ракот на кожата се јавува како доцно соматско оштетување предизвикано од изложеност на кожата на јонизирачко зрачење. Имено, во минатото се користело јонизирачко зрачење ( доза >10Gy) за лекување на бенигни состојби на кожата, како акни, псоријатична кератоза, хемангиоми. Таквото јонизирачко зрачење предизвикува радиодерматит (радијациско воспаление). Радиодерматитот се карактеризира со кожна атрофија, депигментација, телеангиектази (проширени капилари), алопеција (испаѓање на влакната) и кератоза. По еден подолг временски период, кај 20 до 40 % од овие пациенти се јавува планоцелуларен (или базоцелуларен доколку лезијата е на лицето) карцином на кожата.

Исто така, појавата на планоцелуларен карцином на кожата е забележан на рацете кај рендгенолозите, стоматолозите и рендген технолозите, при несоодветна заштита и изложеност на ирадијација на кожата на рацете. Со осовременување на радијациската апаратура и со спроведување на адекватна заштита од јонизирачко зрачење, ризикот за појава на рак на кожата, предизвикан од јонизирачко зрачење, драстично е намален.

Интересно е да се одбележи дека ракот на кожата е редок во региите со радиодерматит предизвикан од зрачење со високи дози, кои се применуваат во терапија на малигните заболувања (5%).Ова се објаснува со големиот број на изумрени клетки како резултат на високата остварен доза, со малиот број на генетски оштетени клетки што се виабилни (способни за живот) и со краткото преживување на болните.

Имуносупресија

Ризикот за појава на рак на кожата е за 16 пати поголен кај пациенти кај кои е извршена трансплантација на бубрег, кај болни од СИДА и кај болни од рак што се лекуваат со хемотерапија и кортикостероиди. Овие тумори се поагресивни, често се мултиони и најчесто се планоцелуларни по хистолошки тип. Некои податоци укажуваат и на фактот дека потенцијалот за појава на ракот на кожата се зголемува при изложеност на УВ зрачење истовремено со примена на имуносупресивни лекови.

Сепак од рак на кожата може да заболи било кој, а не исклучиво лицата со фактори на ризик. И младите, здрави луѓе, со темна боја на кожа, коса и очи, можат да заболат од кожен карцином.