• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Алтернативи методи кај канцерот
Лековитите својства на билката бозел (Sambucus nigra) Печати

Во денешно време сè повеќе луѓе се заинтересирани за растенијата кои ги има во природата, а кои може да се јадат. Поради загриженоста од нездравите додатоци и вештачки произведената храна, расте бројот на луѓето кои бараат природни состојки. Многу растенија содржат богатство од витамини, минерали, растителни белковини и други корисни состојки, кои благотворно делуваат на здравјето на човекот и во превенцијата и лекувањето на многу заболувања.

Билките од природата, кои може да се јадат, се чисти и без вештачки ѓубрива, хемикалии и други канцерогени агенси. Многу одамна во човековата историја, многу природни билки послужиле како мошне важна храна. Некои истражувачи откриле дека дивите растенија кои може да се јадат, содржат корисни хранливи состојки, кои целосно изостануваат од нашиот денешен начин на исхрана.

Бозелот (Sambucus nigra) е билка која расте на планинските места како грмушка, а на ниските места како дрво, кое достигнува височина до 5 метри. Лековитите својства на бозелот се содржани во сите делови на билката: цветот, плодот, листот, кората и коренот. Тие содржат витамини А, Б1, Б2, Ц, етерични масла, горки сустанции, јаболкова киселина, сахароза и друго.

Често цветовите и плодовите од бозел се користат за припремање на чаеви, сокови, џемови, вино и слично. Бозелот е познат народен лек од многу оддамна. До крајот на 19 век на лондонските улици се продавало вино од бозелови плодови, кое им служело на работниците и патниците за освежување во текот на зимските денови. Се верувало дека гранчињата од бозел во џебот штитат од реума.

Цветовите на бозелот се ситни, бели или бледожолтеникави, собрани во соцветија со облик на штит. Плодовите се ситни и тркалести. Кога се зрели, имаат црно-сина боја. Во фитотерапијата се употребуваат главно цветовите, кои се собираат во мај и јуни, по убаво и суво време. Исушените цветови имаат голема склоност да апсорбираат влага и затоа треба да се чуваат во добро затворени, непропустливи амбалажи.

Плодовите на бозелот (Sambucus nigra) полни се во витамин Ц, флавоиди и растителни белковини, кои се борат против вирусите. Тие се ефикасни во спречувањето на настинката и грипот.

Клиничките истражувања во Израел покажале дека бозелот не само што го намалува ризикот од настинка и грип, туку ја намалува тежината и го скратува времетраењето на настинката и грипот. Истражувачите од одделението за вирусологија на Хебрејскиот иниверзитет во Ерусалим откриле дека пациентите кои биле болни од грип и кои земале бозел, се опоравиле два пати побрзо, отколку оние болни кои земале таблета плацебо (лажен лек). Научниците заклучиле дека активната материја во бозелот може да го скрати грипот за 4 дена.

За превенција на настинка и грип користете екстракт од топчиња на бозел, или цвет од бозел. Доколку користите екстракт, земајте го една до две лажици дневно. Ако се јават симптом на настинка и грип, може да го земате екстрактот од бозел и почесто, односно 4 лажици дневно.

Чајот од бозел е многу корисен. Бозелот е популарна билка меѓу сите народи за лекување заболувања на дишните органи. Најпознат е по тоа што предизвикува зголемено потење. Според некои автори, тоа доаѓа оттаму што цветовите на бозелот го намалуваат прагот на дразба на центарот за регулирање на потењето.

Како резултат на тоа, пиењето на топол чај од бозел предизвикува обилно потење. Позитивните ефекти од потењето се ослободување од токсините и намалување на високата телесна температура. Овие ефекти се особено важни при лекување на грип, настинка и воспалени дишни органи.

Чајот од бозел се приготвува на следниот начин: една чајна лажица (10 g) од исушени цветови се попарува со чаша жешка вода. Садот стои покриен 20 -30 минути, се процедува и се пие засладен со мед, по половина чаша три до четири пати дневно, 15 минути пред јадење.

Како чај за потење многу голема ефикасност покажува мешавината од еднакви количества цвет од бозел, липов цвет и лист од нане. Од оваа мешавина се зема една супена лажица, се залева со две чаши жешка вода, се вари 10 минути, се процедува. Чајот се пие врел. Потоа треба да легнете и покриени со покривка да мирувате. Поради содржината на слуз, чајот од бозел ја смирува сувата кашлица. Оттаму многу често се среќава во комбинираните билни препарати, кои се користат било како сирупи или таблети против кашлица.

Плодовите од бозел се користат како благо средство против запек, а дејството им се припишува на смолите и на пектините. Малку луѓе знат дека од пресните зрели плодови може да се подготви вкусен џем. Џемот од плодовите на бозелот не само што е вкусно јадење со пријатен мирис, арома и вкус, туку претставува одлично средство кое го поттикнува празнењето на цревата, кога не се советува земање на јаки средства за запек, било поради воспаление на цревата или грчеви. Посебно е корисно кај малите деца. Тоа е безопасно, а сепак сигурно средство против запек.

Деца што имаат проблеми со столицата, може да ја нормализираат со две до три лажички од овој џем.

Младите лисја на бозелот и сокот од неговите плодови се богат извор на витамини, пред се на витаминот Ц и каротинот. За закрепнување на организмот се препорачува чај што се приготвува од шест до осум лисја бозел, кои се попаруваат со чаша врела вода и отстојуваат 20 минути. Чајот се пие пред јадење.

Бозелот помага и при неуралгии, при ишијас и болки во крстот (лумбаго). Како природен лек против овие болести се користи сокот од бозел, кој може да се пие ладен или топол. Пиење на сок од бозел, два пати дневно доведува до брзо оздравување од овие болести. Сокот од бозел со голем успех ја лечи и неуралгијата на нервот тригеминус (нерв на лицето).

Многу е корисно и виното припремено од зрелите плодови на бозел. Тоа не само што е вкусен напиток, туку е вистинско средство за јакнење на организмот, посебно после физичка или психичка пренапрегнатост. Виното од зрелите плодови на бозел ја регулира столицата, ја прочистива крвта, ги намалува стомачните и цревните грчеви, го подобрува апетитот и ја подобрува циркулацијата на крвта во организмот. Топлото варено вино од бозел е најдобро природно средство против настинка, грип, бронхит, па дури и воспаление на белите дробови.

Виното од бозел многу лесно се припрема.

Сок од цветовите на бозелот

Состојки

  • 1 лажица цветови од бозел,
  • 1 kg шеќер,
  • 0.5 литри вински оцет,
  • 1 лимон,
  • 5 литри вода.

Припремање

Во водата се става шеќерот и се додава винскиот оцет. Се вари 30 минути, на тивок оган. Потоа се додава цветот од бозел и исецканите парчиња лимон и се вари уште 5 минути. Се остава смесата да отстои преку ноќ, а другиот ден се процедува низ газа и се става во шишиња, кои треба добро да се затворат.

Вино од бозел

Состојки

  • 10-12 цветови на бозел,
  • 4-5 литри вода,
  • 70 dkg. шеќер,
  • 2-3 лимони,
  • 3 децилитри јаболков или вински оцет.

Припремање

Шеќерот се раствара во топлата вода. Потоа се чека сирупот да се излади. Во изладениот сируп се додава лимонот, оцетот и цветовите од бозел. Ваквата смеса ја оставаме да отстои 24 часа. Потоа виното го процедуваме, го ставаме во стаклени шишиња, кои добро ги затвораме. Шишињата ги оставаме да одстојат на топло 2 недели, повремено протресувајќи ги. По 2 недели виното е спремно за употреба. Вкусното вино се пие после јадење, по 0.5 децилитри или по една мала шољичка.

Џемот, сокот или виното од бозел ја намалуваат нервната напнатост и помагаат при несоница.

 

Најчитани текстови