• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третман на карциномот на тестисот PDF Печати

Третманот на карциномот на тестисот зависи од типот на туморот, како и од стадиумот на болеста.

Постои извесна разлика во третманот на семиномските и несеминомските карциноми, но сепак тој најмногу зависи од стадиумот на болеста, кој треба прецизно да се одреди пред започнувањето на третманот.

Кај високите стадиуми на болеста потребна е поагресивна и подолготрајна терапија отколку кај локализираната болест со низок стадиум.

Тераписки опции

Хируршко отстранување на тестисот (радикална орхиектомија)

Во сите случаи кога постои карцином на тестисот, независно од неговиот тип, прв (иницијален) третмански пристап е хируршко отстранување на тестисот. Операцијата се изведува со мал рез во препоната и од таму се вади тестисот т.е. се извлекува од скроталната кеса (ингвинален пристап). Постапката е позната под името „радикална ингвинална орхиектомиа“. Тоа е едноставен, рутински хируршки зафат кој овозможува брзо опоравување на пациентот. Воедно ова хируршко отстранување на тестисот овозможува и микроскопско одредување на типот на туморот, одредување на неговата големина и локална проширеност. Ова е важно за одредување на стадиумот на болеста како и за планирање на понатамошниот третман по операцијата.

Постоперативната терапија се состои од: радиотерапија и/или хемотерапија (со цитостатици).

Која од овие методи ке се примени, како и тоа дали ќе се примени само како самостојна метода или во комбинација со другата, зависи од типот на туморот и неговиот стадиум.

Радиотерапија

Овој метод на третман е резервиран само за раниот стадиум на семиномските карциноми.

Тие се многу осетливи на зрачната терапија. Раниот стадиум на семиномот , кога тој е ограничен само во пределот на тестисот се лекува само со радиотерапија. Но, во случаите кога семиномските карциноми се во повисок стадиум, тогаш иницијално се започнува со хемотерапија.

Радиотерапијата е локална терапија која ги уништува канцерските клетки само во регијата која ја третира. Се спроведува со специјални машини (линеарни акцелератори ) кои користат рендгенски зраци со висока енергија и се изведува како надворешно зрачење, т.е. зрачење кое доаѓа надвор од телото на пациентот.

Обично радиотерапијата се користи за озрачување на лимфните јазли во абдоменот, кои може да бидат зафатени со болеста.

Несеминомските карциноми се помалку осетливи на зрачната терапија и пациентите со овој тип на тумор обично не се подвргнуваат на овој третман. Кај нив се спроведува терпија со цитостатици (хемотерапија).

Хемотерапија

Хемотерапијата подразбира употреба на лекови (цитостатици) кои ги убиваат канцерките клетки во телото. Се спроведува со цел да ги уништи канцерските клетки кои се присутни во телото по извршениот хируршки третман.

Се спроведува по оперативниот третман кај несеминомските карциноми и во случаите кога не постојат видливи знаци за проширеност на туморот надвор од тестисот, но постои висок ризик од постоење на невидливи (микроскопски ) карциномски клетки заостанати по извршениот оперативен третман. Тие пациенти имаат висок ризик за проширување на болеста во другите делови на телото, заради што се спроведува постоперативна хемотерапија позната како адјувантна терапија.

Во случаите на повисоки стадиуми на болеста, кога таа е проширена и во други делови на телото, хемотерапијата се спроведува иницијално и кај несеминомсите и семиномските тумори. Се спроведува со давање на инфузии во вена. Тоа значи дека е системска терапија, бидејки лековите преку крвта се пренесуваат во целиот организам и делуваат како на канцерските, така и на нормалните клетки во организмот. Несаканите ефекти од хемотерапијата ќе зависат од специфицните лекови (цитостатици) кои се применуваат во третманскиот протокол, како и од нивната доза.

Во третманот на карциномот на тестисот најчесто се користат неколку лекови (цитостатици): Цисплатин (Platinol), Вепесид или VP-16 (Еtoposide) како и Бленоксан (Bleomycin sulfat). Тие го сочинуваат ткн. БЕП протокол кој сеуште прeтставува „златен стандард“ во терапијата на карциномот на тестисот. Toj циклично се повторува на секој 21 ден. Бројот на циклусите зависи од типот како и стадиумот на болеста. Вообичаено се даваат 2 до 4 циклуса на хемотерапија. По завршувањето на хемотерапијата, може да биде потребно хируршко отстранување на заостанатите туморски маси или пак радиотерапија на истите.

Како други цитостатици кои поретко се користат се: Ифосфамид (ifex), Велбан (vinblastine sulfate) и некој други лекови.

Многу лекари сметаат дека Платинолот е вистински „магичен куршум“ во лекувањето на карциномот на тестисот. Тој е и основната причина зошто карциномот на тестисот се вбројува во болест која се лекува.

Хируршко отстранување на заостанатите туморски маси по завршениот третман

Хируршкото отстранување на лимфните јазли во абдоменот (ретроперитонеална лимфаденектомија) претставува сложен хируршки зафат и бара голема стручност и искуство од страна на хирургот. Оваа процедура подразбира отстранување на лимфните јазли во абдоменот кои не се комплетно повлекле по хемотераписјиот третман.Доколку неможе да се изведе овој зафат, се применува циљана радиотерапија на заостанатиот тумор во абдоменот.

Несакани последици од третманот

Радиотерапијата влијае како на канцерските клетки така и на нормалните здрави клетки, со таа разлика што здравите клетки се обновуваат. Вкупната доза на зрачење се распределува во неколку неделни третмани (5 дена во неделата) со паузи за викендот кога пациентот не се зрачи туку одмара. Како и да е, телото мора напорно да „работи“ во текот на радиотерапијата за да може да го обнови ткивото оштетено со зрачењето. Пациентот може да се чувствува необично уморен, и во тој период треба да се одмара што е можно повеќе. Радиотерапијата не влијае на сексуалниот живот на пациентот. Но, радиотерапијата може да влијае на продукцијата на сперма. Вообичаено, влијанието е времено и повеќето пациенти повторно ја постигнуваат плодноста во рок од неколку месеци.

Други несакани ефекти од радиотерапијата влучуваат диареја, гадење и повраќање. Овие проблеми најчесто може да се контролираат со помош на лекови. Исто така, може да се појави и кожна реакција во пределот на третирање при што треба да се води грижа за неа. Лосиони и креми не смеат да се користат во овие предели без да се консултира доктор.

Хемотерапијата ги уништувака како канцерските клетки, така и нормалните здрави клетки во организмот зарaди што се јавуваат некои несакани ефекти за време на третманот. Hесаканите ефекти зависат како од самиот лек, така и од индивидуалниот одговор на пациентот. Овие лекови обично ги уништуваат крвните елементи, посебно белите крвни зрнца (леукоцити) и крвните плочки (тромбоцити), клетките кои го обложуваат системот за варење како и клетките на косата.

Затоа како најчести несакани последици за време на хемотерапијата се јавуваат: општа салбост, малаксалост, губиток на апетит, мачнина, гадење и евентуално повраќање.

Уништувањето на белите крвни зрнца може да доведе до намалена отпорност на организмот, а падот на крвните плочки може да доведе до поголем ризик од крварења.

Опагањето на косата (алопеција) е исто така чест несакан ефект.

Сите овие акутни несакани ефекти кои се јавуваат во текот на хемотерапијата можат да значително ублажат или отстранат примена на соодвети лекови.

Губитокот на апетитот може да биде сериозен проблем за пациентите кои се подвргнати на радиотерапија или хемотерапија. Истражувачите имаат дојдено до сознание дека пациентите кои јадат добро, подобро ги совладуваат несаканите ефекти од нивната терапија. Затоа, добрата и здрава исхрана е многу важен елемент за пациентот. Да се јаде добро, значи да се внесуваат доволно калории кои што ќе спречат губење на килограмите и ќе овозможат организмот да содржи доволна количина на протеини кои пак ќе овозможат обновување на кожата, косата, мускулите и другите органи. Голем број од пациентите откриле дека е подобро кога во текот на денот имаат повеќе оброци и ужина отколку да имаат три големи оброци.

Несаканите ефекти од терапијата се разликуваат од пациент до пациент и може да бидат различни дури и од еден третман до друг. Пациентите може да откријат дека се помалку заинтересирани за сексуална активност ако се уморни или се чувствуваат лошо. Докторите се обидуваат да ја испланираат терапијата на начин кој ќе овозможи минимум проблеми, а за среќа најголемиот број на несакани последици се со привремен ефект. Докторот може да ги објасни несаканите ефекти кои може да се јават поради терапијата и при тоа да предложи како пациентот да се справи нив.