• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Светскиот макробиотичар Едвард Еско одговара на прашања од макробиотиката

Ова се одговорите на еден од најпознатите светски макробиотичари, Едвард Еско, на прашањата кои му ги поставувале учесниците на разни семинари и предавања, кои тој ги одржувал ширум светот.

Како да се живее во склад со природата?

Една од првите работи која им ја препорачуваме на луѓето е да водат сметка за тоа што јадат секој ден. Затоа што, како што сега откриваат современите нутриционисти и медицината, храната е главен фактор на здравјето и болеста. Постојат бројни докази дека современата исхрана богата со масти, со рафинирани производи и слично, е поврзана со појавата на срцеви заболувања, со рак и со многу хронични болести. Затоа, како прв чекор, им сугерираме на луѓето да почнат да ја менуваат својата исхрана и да и се вратат на традиционалната исхрана.

Дали го избегнувате месото?

Во најголем број на случаи, да. Јас лично не сум јадел месо 30 години.

Според резултатите од големата студија која ги проучува прехрамбените навики во Кина, исхраната базирана на билки е поздрава од исхраната базирана на месо. Дали се сложувате со тоа?

Да. Доказите за тоа се многубројни. Поради тоа, во последниве 10 години многу луѓе престанаа да јадат месо и преминаа на исхрана со многу помалку масти, како што се рибата и морските плодови или сојата и сојините производи, богати со растителни белковини. Денес многу луѓе се сложуваат дека исхраната богата со месо не е добра за здравјето. И оваа епидемиолошка студија за Кина (Студија за здравјето на Кина), само во широки размери и на научен начин, го потврдува она што веќе многу луѓе го знаат.

Големиот пораст на заболени од срцеви болести е навистина цивилизациски проблем на Америка и Запад. Се сложувате ли со тоа?

Дефинитивно се сложувам. Кога ќе ги погледнете Јапонија, Филипини, Африка и другите краеви на светот каде луѓето не консумираат толку намирници од животинско потекло, ќе видите дека процентот на срцеви заболувања кај нив е многу помал од оној во САД и во другите развиени земји. Истото важи и за многуте видови на рак. Популациите кои консумираат малку животински масти имаат многу помал процент на рак на дебело црево, на простата, на дојка и други видови на рак.

А додатоците на исхраната - суплементите? Дали и тие спаѓаат во макробиотика?

Наша цел е да сите потребни хранливи состојки ги добиваме од намирниците кои секојдневно ги консумираме. Ако јадеме добро избалансирани разновидни намирници, немаме потреба од вештачки додатоци. Како привремено решение, луѓето кои се хранат на современ, неправилен начин, можат понекогаш да користат додататоци на исхраната (суплементи). Но, не препорачуваме долготрајна примена на суплементи.

Дали е точно дека макробиотската исхрана влечи корени од јапонската исхрана?

Макробиотската исхрана вклучува елементи од традиционалната јапонска исхрана. Макробиотската исхрана не е јапонска исхрана, туку вклучува во себе повеќе традиционални исхрани од различни култури. На пример, и вашата баба најверојатно јадела интегрален леб, кисел купус, грав, леќа и други растителни намирници, а многу помалку намирници од животинско потекло, отколку ние што ги јадеме денес.

Американските Индијанци јадат пченка, мешункаст зеленчук и дињи, што сè спаѓа во макробиотска храна. Ако се вратиме неколку генерации наназад ќе видиме дека луѓето, повеќе или помалку, се хранеле така како што препорачува и макробиотиката. Во намирниците пред Втората светска војна, имало само околу 5 -6 хемикалии. Денес во намирниците има неколку илјади хемикалии. На преминот од 19-тиот во 20-тиот век сите јаделе, повеќе или помалку, органска храна. А ако ја погледнете статистиката на нивното здравје, верувале или не, ќе видите дека во тој период срцевите заболувања биле многу ретки. На преминот од 19-иот и 20-иот век, од рак боледувале 1 од 27 луѓе. Денес од рак заболува секој трет човек. Овие промени корелираат со преминот од традиционална исхрана на модерна, преработена храна богата со масти и вештачки додатоци, хемикалии.

 

Прочитајте и: