• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагноза на карциномот на тестисот (дијагностички постапки ) PDF Печати

Самопреглед

Доколку со самопрегледот се откријат некои од симптомите и знаците на болеста, спомнати претходно, неопходно е да се направат и други медицински постапки со кои ке може да се постави точната дијагноза.

Лекарски преглед

Првиот чекор до точната дијагноза е лекарскиот преглед,а потоа следуваат и другите дијагностички постапки доколку тие се потребни, но за тоа секако одлучува лекарот.

Лекарскиот преглед опфака: анамнеза и физикален преглед.

Анамнеза:

Пациентот дава податоци за минатите заболувања и сегашните тегоби.

Физикален преглед:

Физикалниот преглед e детален преглед на пациентот како:

  • Опипување на сите достапни лимфни јазли, почнувајќи од оние на вратот, потоа во пазувите и во препоните.
  • Преглед на градниот кош, слушање на работата на белите дробови, односно ослушнување на дишењето како и на работата на срцето со слушалки.
  • Преглед на абдоменот и гениталните органи (пенисот и тестисите).

Уште при самиот преглед, урологот ке утврди дали ке бидат потребни и некои други дополнителни дијагностички постапки.

Ултразвучен преглед

Доколку е присутна безболна тврдина во тестисот, следната дијагностичка процедура е ултразвучен преглед на тестисот. Оваа метода е едноставна, специфична и сензитивна Тоа е метода која со голема сигурност може да ја постави правата дијагноза. Карциномот на тестисот има специфични ултразвучни карактеристики, со кои се разликува од оние на бенигните маси или на хидроцелата (водена циста).

Преглед на специфични туморски маркери во крвта

Во поставувањето на дијагнозата помага и одредувањето на нивото на специфичните туморски маркери, а тоа се алфафетопротеинот (АФП) хуманиот хориогонадотропин (бХЦГ), како и ензимот-лактат дехидрогеназа (ЛДХ) во серумот. Нивните вредности може да бидат повисоки од нормалните (референтни) вредности, но, може да имаат нормални вредности доколку е туморот мал. Затоа нивното ниво во крвта се користи и во одредување на проширеноста на туморот, предвидувањето на прогнозата, следењето на одговорот на терапијата, како и при следењето на пациетите по завршувањето на терапијата и повлекувањето на болеста. Повторно покачување на туморските маркери над нивото на референтните вредности значи и активирање на болеста (повторување на болеста-рецидив на болеста).

Хируршко отстранување на тестисот и патохистолошка дијагноза

Доколку со претходниве дијагностички постапки е откриена тврдина во тестисот, која е високо суспектна (сомнителна) за карцином, следи хируршко отстранување на целиот тестис. Операцијата се изведува со мал рез во препоната и од таму се вади тестисот т.е. се извлекува од скроталната кеса (ингвинален пристап).

Овој хируршки пристап го минимизира ризикот од расејување на карциномските клетки за време на хируршкиот третман. Постапката е позната под името „радикална ингвинална орхиектомиа“.

Оперативниот материјал се испраќа на микроскопско испитување во патохистолошка лабораторија, каде специјалист-патолог го одредува типот, големината на туморот, како и неговата локална проширеност. Со тоа се добива дефинитивна патохистолошка дијагноза за присуство на карцином на тестисот. Со радикалната орхиектомија се добива хистолошкиот тип на туморот.

Дијагностички постапки за утврдување на проширеноста на болеста и одредување на стадиумот

Се вршат со цел да се утврди евентуално постоење на проширеност на карциномот, односно присуство на метастази. Со овие методи се утврдува стадиумот на болеста, кој е многу важен за планирањето на терапијата. Тука спаѓаат: рендгенографија на граден кош - за утврдување на евентуално присутни метастази во белите дробови, ЦТ на абдомен за метастази во лимфните јазли како и во органите во абдоменот.