• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Конизација - кога, како и зошто се изведува Печати

Конизација е хируршки зафат со кој се отстранува вагиналниот дел на грлото на матката во облик на конус или купа. Првата конизација ја извел Dr. Listranc во 1815-тата година.

Термините конизација или конусна биопсија на грлото на матката често се користат како синоними за интервенции со различен опсег, и тоа од биопсија во форма на конус на грлото на матката, па сè до ампутација на вагиналниот дел на грлото на матката.

Со конизацијата мора да се отстрани целиот заболен дел од грлото на матката. Во зависност од проширеноста на промената (лезијата), варира и длабината на конусот (до потполна ампутација на грлото на матката).

Индикации за конизација:

  • Цитолошки наод (позитивен ПАПА тест) кој укажува на малигнитет, а со колпоскопија тој неможе да се види, односно неможе да се открие лезијата.
  • Цитолошки наод кој укажува на поекстензивна промена од онаа која е оценета со колпоскопскиот преглед или со биопсијата.
  • Сомнеж за постоење на микроинвазивен карцином, врз основа на цитолошкиот или колпоскопскиот преглед, или врз основа на хистолошкиот преглед од биопсијата.
  • Цитолошки наод кој укажува на атипичност на цилиндричните клетки.
  • Позитивен наод од ендоцервикалната киретажа.
  • Промена која се шири во цервикалниот канал (каналот на грлото на матката), а која неможе во целост да се утврди со колпоскопијата.

Конизацијата е истовремено и дијагностичка и тераписка процедура. Таа е дијагностичка процедура, бидејќи со хируршкото отстранување на промената и со хистолошки преглед на променетотот ткиво на матката може да се одреди хистолошкиот тип на малигниот тумор, степенот на диференцираноста на туморот (градусот - G), и зафатеноста на хируршките (ресекциони) ивици на конусот. Доколку се хируршките извици интактни, односно, доколку не постои лезија на базалната мембрана и зафатеност на крвните и лимфните садови со туморот, оваа хируршка интервенција е истовремено и тераписка. (слика 1, 2 и 3).

Кај млади жени кои немаат родено, ако туморот е ограничен и не е навлезен во лимфните јазли и крвотокот, конизацијата, покрај дијагностичка може да биде и конечна оперативна терапија. Во понатамошен период се неопходни периодични гинеколошки прегледи.

Со други зборови, доколку се работи за т.н микроинвазивен рак и ако конизацијата е „во здраво“, т.е не преминува преку границите на резот, и станува збор за жена која нема родено, тогаш таа конизација е терапевтска.

Како се изведува конизацијата - техника на изведување

Оптимална конизација подразбира отстранување на целата промена која е видена со колпоскопијата (односно со Луголовиот раствор на јод, пред започнувањето на ексцизијата), отстранување на зоната на трансформација и барем една третина од цервикалниот канал (каналот на грлото на матката).

Кога не е видлива горната граница на промената, или кога постои зафатеност на жлездените крипти, врвот на конусот може да биде премногу низок или е конусот недоволно длабок за да се во целост отстрани лезијата. Тогаш, резидуалната (заостанатата) промена постои на остатокот на грлото на матката, кој не бил оперативно отстранет со конизацијата. За да се избегне оваа компликација се оди кон отстранување на поголем дел од ткивото, во вид на цилиндер. По конизацијата се прават сериски пресеци на отстранетото ткиво и со микроскопски хистопатолошки преглед се анализира интактноста на базалната мембрана и евентуалната зафатеност на крвните и лимфни садови со малигното ткиво.

Компликации од конизацијата

Компликациите од конизацијата се интраоперативни и постоперативни.

Најважна интраоперативна компликација е крварењето.

Во постоперативни компликации спаѓаат: крварење, стеноза (стеснување или затварање) на цервикалниот канал, компликации во бременоста и инфекции.

Аменореја

Аменореја (латински - amenorrhoea) е состојба која се одликува со изостанок на менструација во тек на најмалку 6 месеци.

Таа може да биде физиолошка и патолошка.

Физиолошката аменореја е нормално изостанување на менстрацијата во периодот пред пубертетот, во текот на бременоста, за време на доењето и по менопаузата.

Примарна аменореа настанува кога кај физички и полово зрели девојки првата менструација (менарха) не се јави до 16 –та година од животот. Присутна е кај 1% од женската популација.

Секундарната аменореа претставува немање на менструација во тек на 3 циклуси или во тек на 6 месеци која жени кои веќе имале менструација. овој вид на аменореја се јавува кај приближно 1% од жените.

Патолошката анемореа кај ракот на грлото на матката се јавува како последица на стеснување или затварање на отворот на грлото на матката, поради ширењето на туморот или нигов притисок врз каналот на матката.. А може да се јави и како последица од конизацијата, која доведува и до насобирање на крвта во шуплината на матката (хематометра), бидејќи таа неможе да истекува надвор поради затворениот цервикален канал.

Хематометра

Хематометра е насобирање на крв во шуплината на матката, поради неможно истекување низ стеснетиот или сраснат канал на грлото на матката.

Поради сраснувањето на отворот на грлото на матката, пациентките воошто не крварат од вагината (аменореа), што е пропратено со болки во долниот дел на абдоменот. Со инфицирање на насобраната крв во телото на матката може да се развие гноен процес (пиометра), кој е пратен со јаки болки и висока телесна температура.