• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Туморски маркери за рак на простата: ПАП и ПСА Печати

Туморските маркери се супстанции кои се наоѓаат во повисоки концентрации од нормалните, во крвта, мочката и/или ткивото на болните, со одредени видови на рак. Туморските маркери ги произведува самиот карцином или организмот, како одговор на присутниот карцином или некое друго бенигно заболување.

Нивното мерење и идентификација е корисно за поставување на дијагнозата на малигномите, како и за следење на успехот од терапијата.

Специфични туморски маркери, значајни за дијагноза и следење на ракот на простатата, се:

  • простатична кисела фосфатаза (ПАП),
  • простатичен специфичен антиген (ПСА).

Простатична кисела фосфатаза (ПАП)

Од лабораториските испитувања значајни за дијагноза на карциномот на простатата е и испитување на нивото простатична кисела фосфатаза во крвта.

ПАП е ензим кој што се користеше уште пред откривањето на ПСА, за дијагноза, за одредување на стадиумот на болеста, како и за следење на резултатите од применетата терапија.

Киселата фосфатаза ја излачуваат нормалните и туморските клетки на простатата, а исто така и други ткива. Овој туморски маркер нормално е присутен во крвта во многу мали количини. Во поголеми концентрации може да се најде кај некои болни со карцином на простата, посебно кога карциномот е проширен надвор од жлездата. Но,овој туморски маркер може да биде покачен и кај немалигните заболувања, како и во раните стадиуми на карцином на простатата.

Поради сигурноста на киселата фосфатаза во дијагнозата на раните стадиуми на карцином на простата, научниците се понадевале дека ќе може да се користи како метода за скрининг кај општата популација. Но, киселата фосфатаза може да биде покачена и кај 6% од болните со бенигна хиперплазија на простатата, па тестот не е доволно сензитивен и се користи во следењето на напреднатиот карцином на простата.

Зголемените вредности на киселата фосфатаза можат да се најдат и кај други малигни заболувања како што се: леукемија, нехочкин лимфом, карцином на тестисот, како и кај некој немалигни заболувања како што се: Gaucher-овата болест, Paget-овата болест, остеопорозата, цирозата на црниот дроб, велодробната емболија и хиперпаратироидизмот.

Простатичен специфичен антиген (ПСА)

ПСА е гликопротеин, чија улога е веројатно разградување на семеното згрутчување.

ПСА се секретира од епителните клетки на ацинусите и дуктусите на простатичната жлезда и заедно со ПАП се меша со простатичната течност на ејакулатот. ПСА е откриен во 1971 година, а изолиран во 1979 година.

Клетките на простатата имаат ПСА3 гени (простата канцер гени 3). Овие гени прават клетките да продуцираат мало количество на специфичен протеин (ПСА).

ПСА протеинот го создаваат како нормалните, така и карциномските клетки на простатата. Карциномските клетки создаваат многу повеќе ПСА протеин од нормалните. Кога нивото на ПСА3 протеинот е висок, тој се излива во мочта. Така, овој протеин може да се мери и со уринарен тест. Но, досега не се знае колку ќе биде корисен овој тест и ваков тест не е достапен насекаде. Досегашните резултати од клиничките студии ветуваат висок степен на сигурност и овој тест може во иднина да биде вообичаен и рутински. Засега се испитува само ПСА протеинот во крвта.

Високите вредности на ПСА во крвта може да бидат знак за карцином, но нивото на ПСА може да биде покачено и при бенигно зголемена простата како и при инфекции (простатит). Затоа, за да се исклучи можноста од постоење на инфекција, се прави уринокултура т.е. се испитува присуството на бактерии во мочта. Доколку постои уринарна инфекција, тогаш таа соодветно се лекува.

Не треба да се прави повторна контрола на ПСА најмалку еден месец по завршувањето на терапијата на уринарната инфекција.

ПСА е протеин кој го има нормално во крвта кај здравите мажи. Не постои едно нормално ниво на ПСА. Тоа значи дека вредностите на ПСА може да варираат од маж до маж и нормалното ниво се покачува со возраста. Но, сепак, следниве вредности се груби показатели нј нормалните вредности на ПСА.

  • ПСА вредности до 3 ng/ml се сметаат за нормални, кај мажи под 60 годишна возраст.
  • ПСА вредности до 4 ng/ml се сметаат за нормални, кај мажи од 60 до 69 години.
  • ПСА вредности до 5 ng/ml се сметаат за нормални кај мажи над 70 години.

Вредности повисоки од 5 ng/ml, но помалку од 10 ng/ml обично се јавуваат кај бенигната простатична хиперплазија. Вредности над 10 ng/ml, исто така, може да се видат кај бенигната простатична хиперплазија, но колку се повисоки вредностите на ПСА толку е поголема веројатноста за постоење на карцином.

Вредностите на ПСА под 4 ng/ml се сметаат за нормални, а над 10 ng/ml за високи. Вредностите од 4 до 10 ng/ml се средни вредности.

Понекогаш кај некои пациенти со веќе присутен карцином на простатата, нивото на ПСА во крвта е во нормални граници.

Но, општо земено, се смета дека колку се повисоки вредностите на ПСА во крвта толку е поголема шансата за постоење на карцином. Некои пациенти имаат вредности од стотина или илјадници ng/ml во моментот на дијагностицирање на карциномот. Колку е повисоко нивото толку е поголема веројатноста за постоење на напреднат или метастазиран карцином на простатата. Кога почнува да се развива карциномот на простатата и да расте, се продуцира сè поголемо и поголемо количество на ПСА, како што тој прогресира.

За да се утврди природата на болеста не е доволно само да се одреди ПСА во крвта, па затоа се надополнува со дигитален ректален преглед.

ПСА тестот исто така се користи, покрај за рана дијагноза на карциномот, и за следење на ефектот, односно, одговорот од применетата терапија. Успешната терапија го намалува туморот, а со тоа и бројот на карциномски клетки кои продуцират ПСА протеин. Затоа доаѓа до пад на нивото на ПСА во крвта.