• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Туморски маркер - карциноембрионален антиген (CEA) Печати

CEA е еден од првите користени туморски маркери. Спаѓа во групата на онкофетални антигени кои се нормално излачуваат во ембрионалниот и феталниот развој.

Кај возрасните се наоѓа во многу ниски концентрации, но туморите можат да го излачуваат во големи количини. CEA е гликопротеин, кој е поврзан со плазма мембраната на туморските клетки од каде може да се пропушта во крвта.

Иако CEA во зголемени концентрации е откриен кај лица со карцином на дебелото црево, зголеменото ниво на CEA не е специфично ниту за карциномот на дебелото црево, како ниту пак општо за малигните заболувања.

Зголемени вредности на CEA маркерот може да се најдат и кај низа други карциноми како кај: меланомот, лимфомот, ракот на панкреасот, на желудникот, на грлото на матката, на штитната жлезда, на црниот дроб, на јајникот, на белите дробови и на дојката. Но, во дијагностички цели најчесто се користи за карциномот на дебелото црево, посебно за метастатски карцином на дебелото црево.

Зголемени вредности на CEA маркерот може да се најдат и кај некои немалигни заболувања и состојби како што се: цироза, воспаление на цревата, хронична белодробна болест и панкреатит (воспаление на панкреас).

Контролирајќи ја здравата популација, утврдени се зголемени вредности на CEA кај 19% од пушачите, и кај 3% од непушачите.

Затоа CEA тестот не може во никој случај да ја замени патохистолошката дијагноза. Тоа значи, за да се постави дефинитивна дијагноза на карцином, потребно е да се направи микроскопски, патохистолошки преглед на материјалот земен при биопсија од сомнителната промена, односно туморот.

Како скрининг тест, исто така, CEA маркерот не е погоден и не се препорачува.

Бидејќи инциденцата на карциномот во општата популација е ниска, зголемениот CEA има неприфатливо ниска позитивна вредност на предвидување, со многу чести лажно позитивни резултати.

Бидејќи CEA маркерот во зголемени концентрации се јавува воглавно во доцните стадиуми на карциномот, неговото откривање не влијае на преживувањето на пациентот.

Истражувањата покажуваат дека на порастот на нивото на CEA во крвта му претходат клиничките симптоми на повторното појавување на болеста. Затоа со цел да се превенира појавата на рецидив на болеста, потребно е CEA тестот да се прави на секои 3 месеци, а понекогаш и порано. Зголемените вредности на CEA потребно е неколку пати да се проверат, со цел да се исклучи можноста од лабораториска грешка.

CEA се користи и како контрола на лекувањето. Тоа значи дека со одредувањето на нивото на CEA во крвта, за време на терапијата, се оценува и нејзината ефикасност. Обично вредностите на CEA се спуштаат на нормала по 1 до 2 месеци од хируршкиот третман.

CEA маркерот, покрај тоа што може да е покачен кај ракот на дебелото црево, може да биде покачен и кај други видови на карциноми, па затоа нивото на CEA може да се користи за пратење и на развојот на другите карциноми, како и за пратење на одговорот од дадената терапија.