• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Хепатални (црнодробни) проби Печати

Видови на хепатални (црнодробни) проби

Денес се употребуваат цел низ на тестови кои се означуваат под терминот црнодробни или хепатални проби. Но, овој назив е погрешен, бидејќи постојат многу мал број на лабораториски тестови, чиј исход зависи само од морфолошко –анатомскиот статус и функција на црниот дроб. Самиот назив „хепатални проби“ е недоволно дефиниран и поради тоа што поедини болници и други здравствени установи имаат различен низ на тестови за оваа цел. Затоа е правилно секогаш да се точно наведат лабораториските тестови, кои треба да се изведат.

Најчести параметри за одредување на хепаталните проби се:

  • одредувањето на билирубинот во крвта (вкупниот и директниот) и
  • вредностите на ензимите: трансаминази – AST (аспартат аминотрансфераза), ALT (аланин аминотрансфераза), GGT (гама глутамилтрансфераза) и AP (алкална фосфатаза).

Дијагностичка вредност на хепаталните проби

Ензимите на црнодробно – жолчниот систем можат да се поделат во 3 групи:

  • ензими кои се синтетизираат во црниот дроб,
  • индикаторни ензими,
  • ензими локализирани во епителот на жолчните патишта.

Кај болестите на црниот дроб и жолчните патишта, одредувањето на активноста на разните ензими во серумот, има многу голема дијагностичка вредност. Во последниве години, со развојот на клиничката ензимологија, дојде до нагло зголемување на можноста за испитување на црнодробно – жолчниот систем. Со тоа е подобрена и диференцијалната дијагностика на тие болести.

Со многу сензитивни и специфични ензимски тестови можно е многу рано да се откријат многу патолошки процеси, кои се очитуваат како промена во пропустивоста на клеточната мембрана. Имено, последица од зголемената пропустливост на клеточната мембрана е зголеменото излегување на енимите од оштетените клетки, а со тоа расте и нивната концентрација во серумот на пациентот.

Одредувањето на хепаталните проби има многу важна дијагностичка вредност кај сите видови на хепатит, кај цироза на црниот дроб, кај жолтица, болестите на жолчните патишта, разни труења, како и кај малигните заболувања.

Припрема на пациентот

Како треба пациентот да се припреми?

За да се одредат хепаталните проби, се зема крв од пациентот. Крвта се зема на гладно, односно пациентот не треба да јаде пред земањето на крвта за испитување на хепаталните ензими. Крвта се собира во епрувета без антикоагуланс, бидејќи саканите параметри се одредуваат во серумот.

Колку долго се чека на наодот од хепаталните проби?

Анализата на примерокот од крвта се изведува на автоматски анализатори, кои се високо специфични и сензитивни. Нивната брзина на работа овозможува добивање на резултатите уште истиот ден. Овие испитувања не се вбројуваат во итни лабораториски тестови, освен во случаи кога тоа го бара лекарот.

Што ако се наодите позитивни?

Во случаи на позитивни наоди од хепаталните проби, следат додатни серолошки тестови, со цел да се откријат антителата на антигените на хепатиот (вирусот на хепатит). Ако уште од почеток постои сомневање за хепатит (А, Б или Ц), покрај примерок од крв за хепатални проби, се зема и примерок од крв за серолошки тестови.