• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
High Intensity Focal Ultrasound - HIFU, нова тераписка опција за ран рак на простата

High Intensity Focal Ultrasound (HIFU) е нова тераписка опција за пациенти со унифокален или унилатерален рак на простата. Според тоа, оваа тераписка опција е погодна само за оние пациенти кои имаат еден (солитарен) тумор или неколку тумори, но локализирани само во еден лобус на простатата.

Со HIFU се третира само туморот, а не целата простатична жлезда. Оваа метода користи звучни бранови со висока фрекфенција (ултразвучни бранови), кои преку сонда, која се внесува низ задното црево (ректум), се насочуваат кон туморот. Овој сноп од високофрекфентни звучни бранови, преку sидот на дебелото црево, со голема прецизност, го гори и уништува само туморот во простатичната жлезда.

Целта на оваа тераписка процедура е да го сочува што е можно повеќе останатото нормално ткиво на простатичната жлезда, а селективно да го уништи само туморот.

HIFU тераписката метода може да биде погодна за пациентите со добро и умерено диференциран рак на простата, кои имаат унифокална или унилатерална болест. Доколку со дијагностичките постапки се утврди дека ракот е ограничен само на одредена регија во простатата, тогаш онколозите можат со HIFU да ја третираат само таа регија и понатаму само да го следат пациентот со редовни рутински контроли.

Добрите вести се што со оваа метода се избегнуваат некои несакани ефекти кои се јавуваат како последица на другите поагресивни и помалку прецизни тераписки методи. Така, како последица од оперативниот зафат (радикална простатектомија) или како последица на применетата радиотерапија, може да се јави инконтиненција (неволно мочање, како последица на оштетување на околните мускули) и/или еректилната дисфункција (како последица на оштетување на еректилните нерви). Од друга страна, пак, оваа метода овозможува добра контрола на болеста.

Друга предност на оваа тераписка процедура е што таа трае кратко (околу 20 минути) и обично не бара хоспитализација на пациентот. Пациентот многу побрзо се опоравува. Скоро 100% од пациентите имаат зачувана потенција. Доколку е потребно, целата процедура може да се повтори.

Сите пациенти кои се третирани со оваа тераписка метода се следат на секои три месеци. Следењето се состои во контрола на туморскиот маркер (ПСА).

Доколку туморскиот маркер – простатичниот специфичен антиген (ПСА) почне да расте, тогаш се прават дополнителни дијагностички постапки. Но, приближно 90% од пациентите кои се третираат со HIFU немаат потреба од дополнителен третман. Доколку е потребен понатамошен третман, обично тоа е повторен HIFU третман, иако е можен и било кој друг традиционален третман за рак на простата, како хируршкиот третман и радиотерапијата.

Често постои значителен првичен ентузијазам за новите техники, поради огромниот број на технолошки иновации во медицината денес. Како и да, третманите за локализираниот рак на простата, имаат потреба од 10 годишно следење, за да ја можат да ја покажат својата ефикасност над стандардните техники. Затоа и HIFU тераписката метода сеуште е во фаза на следење, со цел да се утврди нејзината ефикасност над стандардните хируршки техники. Сеште HIFU се спроведува во рамките на клиничките студии, а не како традиционален хируршки третман за рак на простата.