• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Македонски портал за ракот - www.rak.mk Печати

Д-р Лилјана Ацева-АндоноваД-р Лилјана Ацева-Андонова е родена во Скопје, каде ги заврши Медицинскиот факултет и специјализацијата по радиотерапија и онкологија. Работи како специјалист, шеф на отсек на одделот за лекување на урогенитални малигни заболувања во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.

Д-р Ацева е идеен творец на овој портал и активно работи на неговиот развој и усовршување. Зад проектот стои и група на реномирани доктори-онколози но, и специјалисти од другите области на медицината кои своето долгогодишно искуство го преточуваат и пренесуваат на оваа веб страница.

Дали има потреба од постоење на Македонски портал за ракот? Дефинитивно, одговорот е ДА. Постои огромна потреба од една Веб страна на македонски јазик за ракот, а еве и зошто.

Малигните заболувања се наоѓаат на второ место по честота на јавување по кардиоваскуларните болести. Нивната инциденција рапидно се зголемува и постојат големи шанси овие заболувања да избијат на прво место.

За кого е наменет Македонскиот портал за ракот?

1 Прва целна група за која е наменет овој портал е македонскиот човек.

Порталот има за задача да им се обрати на сите граѓани на република Македонија, правејќи ги информациите од онкологијата достапни за сите.

Во светот, а посебно кај нас, на нашиве простори, ракот е сеуште табу тема. Обично, кога ќе се спомне зборот рак или карцином, тој предизвикува вознемиреност, страв, депресија не само кај заболениот, туку и кај членовите на неговото блиско семејство, пријателите и колегите и обично зборот РАК го поистоветуваат со смртта. За малигните заболувања ретко се говори отворено. Кога ќе се спомне зборот РАК, сите замолкнуваат. Неговото име се изговара со специфичен тон. Асоцијацијата на ракот и смртта можеби и била оправдана пред околу 30 и повеќе години, но сега веќе не е така. Ракот денеска многу поуспешно се дијагностицира и лекува, но сепак останува табу-тема. Зошто е тоа така?

Пред се, причината за тоа е во недоволната информираност на македонските граѓани за малигните заболувања. За жал, кај нас сè уште не постојат доволно адекватни советувалишта или други институции кои би се занимавале со едукација за овие чести заболувања, за нивното рано откривање, за начините на лекување и успешноста од терапијата. Исто така, постојат само мал број на пишани материјали на македонски јазик за оваа област од медицината, за онкологијата. Обичниот човек тешко доаѓа до информации за одредени малигни заболувања. Често обичниот човек сакајќи да дознае нешто повеќе за својата болест се користи со странски стручни-медицински списанија или скапи книги, нарачувајќи ги од странство, или пребарувајќи на странските интернет Веб страници. Многуте информации на странските онколошки веб страни се нејасни и конфузни за обичниот читач и можат, напротив, да доведат до уште поголеми заблуди и до погрешни заклучоци.

Затоа овој македонски портал за ракот има за цел да му пружи на македонскиот човек селектирани, претходно обработени, преведени на македоноски јазик информации за тоа што е актуелно на полето на онкологијата, со што му се овозможува брзо да дојде до правата и точната информација од областа на онкологијата која конкретно го интересира. Со подигањето на нивото на медицинската култура и свест кај секој човек се овозможува рано откривање на ракот, а со тоа и негово поуспешно излекување.

Во еволуцијата на овој портал се предвидува и интерактивно учество на сите заинтересирани за оваа област со свои прашања, забелешки, написи, вистински приказни со што ќе се овозможи овој портал да стане и еден вид на форум каде ќе може да се разговара на различни теми од областа на онкологијата.

2 Втора целна група за која е наменет овој портал се лекарите од примарниот сектор на здравство и лекарите специјалисти од различни области.

Лекарите од примарното здравство треба да се добро информирани за начините за превенција, за скрининг процедурите за рано дијагностицирање, за раните симптоми и знаци на малигните заболувања, со цел навремено да ги упатат пациентите на понатамошно испитување, доколку постои и мал сомнеж за постоење на малигни заболување.

Се надеваме дека овој македонски веб портал ќе придонесе за континуирана едукација на здравствените работници во Македонија со постојаното внесување на нови актуелни информации и содржини за медицинските достигнувања во светот од областа на онкологијата. Ќе бидат објавувани оригинални стручни и научни трудови од врвни експерти од светот, како и резултатите од најновите клинички студии. Со тоа ќе се подигне и нивното стручно и научно ниво.

3 Трета целна група за која е наменет овој портал се студентите по медицина.

Македноскиот портал за ракот е наменет и за студентите по медицина кои ќе можат на лесен и брз начин да дојдат до сите потребни иформации од областа на онкологијата, како и за сите актуелности од оваа овласт.

4 Четврта целна група за која е наменет овој портал се сите фармацевтски компании, здравствени организации од јавниот и приватниот сектор.

Веб страната е замислена како интерактивна страна на која фармацевтските компании, здравствените организации од јавниот и приватниот сектор ќе бидат и нејзини читатели, и обратно сите читатели се повикуваат на нивно активно учество со свои коментари на тексотви, со свои сопствени искуства, со свои трудови.

Ги повикуваме и сите фармацевтски компании на соработка. Пораталот им овозможува на врвните фармацевтски компании кај нас да ги презентираат своите нови лекови, како и веќе постоечките, секако, оние кои се покажале, врз основа на бројните мултицентрични студии, како и со нивната долгогодишна примена, ефикасни во лекувањето на различните видови на малигни заболувања.

Водени од идејата да ја направиме медицинската информација достапна до сите, основна цел ни е да се задржиме на медицината базирана на докази. Тоа значи дека на овој македонски портал за ракот ќе бидат презентирани само информации кои се високо стручни, научно засновани и светски признаени.

Информациите кои ќе бидат презентирани претходно ќе бидат внимателно стручно селектирани од страна на специјалисти од областа на онкологијата.