• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Helicobacter pylori, мал но опасен потстанар на желудникот Печати

Револуционерното откривање на бактеријата Helicobacter pylori, која е предивикувач на чирот на желудникот и на дуоденумот, како и на ракот на желудникот, овозможило и раното откривање на овие заболувања.

Heliobacter pylori е многу често присутна бактерија. Во светот повеќе од 3 милијарди луѓе се заразени со оваа бактерија. Инфекцијата со бактеријата Heliobacter pylori е почеста во земјите со понизок животен стандард.

Нобеловата награда за физиологија во 2005 година на австралиските лекари Robin Warren и Berry Marshal за објаснувањето на улогата на бактеријата Heliobacter pylori во заболувањето гастрит и чир на желудникот, ја подигна свеста на здравствената јавност ширум светот.

Пред да се докаже влијанието на оваа бактерија во предизвикувањето на гастритот и чирот, се верувало дека чирот бил предизвикан од стрес или зачинета храна и дека треба да се лекува со лекови кои го намалуваат лачењето на желудечната киселина. Овие лекови предизвикувале само привремено олеснување на симптомите.

Оваа ситуација е сменета со откривањето дека гастритот и пептичкиот улкус (чир) се заболувања предизвикани од бактерија (подоцна именувана како Heliobacter pylori)

Некои пептички улкуси се предизвикани од долготрајна употреба да нестероидни антиинфламаторни лекови, како што се аспиринот и ибупрофенот.

Пептичките улкуси кои се предизвикани од H.pylori можат трајно да бидат излечени со антибактериска терапија.

Светската Здравствена Организација (СЗО) ја класифицира бактеријата H.pylori во групата на најјаки канцерогени – I ниво – Група на докажани предизвикувачи на рак на желудник.

Што е Heliobacter pylori?

Heliobacter pylori е грам негативна спирална бактерија која може да живее во слузницата на желудникот. Оваа бактерија е стара колку и човековиот вид, а најстарите примероци се откриени кај египетските мумии. Оваа бактерија може да преживее во силната кисела средина на желудникот. Освен во желудечната слизница, Heliobacter pylori е откриена и во раничките на слузницата на усната празнина, во забните наслаги, во плунката и во столицата на инфицираниот човек.

Како настанува инфекцијата со Heliobacter pylori?

Инфекцијата со Heliobacter pylori се пренесува на 3 главни начини:

  • Желудник - уста, кога повратената содржина од желудникот на заразен човек ќе дојде во допир со устата на здрав човек.
  • Уста - уста, кога од устата на заразениот човек ќе дојде во устата на здрав човек.
  • Столица – уста, кога бактеријата од столицата на заразен човек со нечисти раце ќе се пренесе до устата на здрав човек.

Постои можност и за друг пат на пренос на оваа бактерија, на пример преку загадена вода со Heliobacter pylori.

Кои се симптомите при инфекција со Heliobacter pylori?

Инфекцијата со Heliobacter pylori не зависи единствено од личната хигиена, ниту пак од социо-економскиот статус, туку зависи од колективните услови на живот.

Во САД и во Канада, децата во првите 5 години од својот живот немаат Heliobacter pylori, додека дури 20% од децата во земјите во развој се инфицирани во првите 5 години од својот живот. Инфекцијата го напаѓа младиот организам на детето уште пред истиот да има изграден силен имунитет. Симптомите се акутен гастрит (акутно воспаление на слузницата на желудникот). Тие симптоми се: мачнина, болки во стомакот, губење на апетит, надуеност.

Гастритот претставува воспаление на слузницата на желудникот или на слузницата на дванаестопалечното црево.

Колку често инфекцијата со Heliobacter pylori предизвикува улкус (чир) и рак на желудникот?

По инфекцијата со Heliobacter pylori, кај 90% - 100% од болните се јавува гастрит, кај 20% се развива чир на дванаестопалечното црево (дуоденум) и чир на желудникот, а кај 2% од заразените лица со Heliobacter pylori се развива рак на желудникот.

Докажано е дека 95% од пациентите кои имат развиен чир на дванаестопалечното црево се заразени со Heliobacter pylori.

Како се открива инфекцијата со Heliobacter pylori?

Дијагностичката постапка за откривање на инфекцијата со Heliobacter pylori може да биде инвазивна (испитување со ендоскоп). При оваа постапка т.н гастроскопија може целно да се земе примерок од слузницата на желудникот или дуоденумот (биопсија).

Другата дијагностичка постапка е неинвазивна – преглед без сонда.

Неинвазивните методи за дијагноза на Heliobacter pylori можат да бидат:

  • Со издишување – се докажува активноста на бактеријата со уреа тестот на издушување.
  • Преглед на крвта или плунката – се докажува присутноста на бактеријата преку откривањето на присутните специфични антитела во серумот и/или плунката на заразениот човек (овој дијагностички метод не е добар доколку пациентот земал терапија).
  • Преглед на столицата – бактеријата се докажува преку антигените на ова бактерија кај заразениот пациент.

Најдобар метод е оној со издишување, затоа што ја користи особината на бактеријата да ја разложи уреата.

Постапката се одвива на следниов начин: Се пие мала количина на уреа со обележан изотоп C13 или C14, која се распаѓа од бактеријата Heliobacter pylori за да се ослободи јаглероден диоксид (CO2) во издишаниот воздух. Се споредува содржината од првото издишување и од второто издушување и доколку количината на CO2 е зголемена за 1/3 во второто издишување, резултатот е позитивен. Овој метод е 90% сигурен и не е штетен, ниту инвазивен за пациентот.

Дијагностика преку крв, се користи најчесто како прв тест за испитување, но не и за следење на пациентие кои биле на терапија за лекување на бактеријата.

Колку луѓе во светот се заразени со Heliobacter pylori?

Половината од луѓето во целиот свет ја имат оваа бактерија која не е сапрофита. Карактеристично е што оваа бактерија е распространета во земјите со лоши хигиенски услови, каде честотата на Heliobacter pylori инфекцијата е голема. На пример во Алжир честотата на инфекцијата со Heliobacter pylori изнесува 96%, во Нигерија 85%, во Индија 81%, каде најголем број од децата до својата 5 годишна возраст се заразени.

Вториот облик е карактеристичен за западните развиени земји, каде процентот на заразени деца до петтата година е занемарлив, но кај возрасната популација се забележува пораст на инфекцијата.

По инекцијата кај 100% од пациентите ќе се развие гастрит, кај 20% ќе се развие чир на дванаестопалечното црево (дуоденум) и чир на желудникот, а кај 2% од пациентите ќе се развие рак на желудникот.

Како се лекува инфекцијата со Heliobacter pylori?

Според европскиот консензус за лекување на инфекцијата со Heliobacter pylori, лекувањето трае една седмица, а според американскиот консензус лекувањето трае 10 дена.

Терапијата за третман на оваа бактерија може да биде двојна, тројна или четворна.

Тројната терапија е прифатена и кај нас, во Р. Македонија, во протоколот за лекување на оваа бактерија.