• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Данските научници ги дефинирале факторите на ризик за рак на вулва и вагина

Факторите на ризик за настанувањето на инвазивниот рак на плочестите клетки на вулвата и вагината ги вклучуваат: присуство на инфекција со хуманиот папилома вирус (HPV), пушење, консумирање на поголеми количини на алкохол, објавиле данските истражувачи во научниот часопис „International Journal of Cancer“.

Данските истражувачи од „Statens Serum Institut“, Copenhagen, ги истражувале етиолошките фактори кои би можеле да влијаат на ризикот за појава на рак на плочестите клетки на вулвата и вагината.

Во своето испитување тое се обиделе да ги идентификуваат етиолошките разлики помеѓу случаите на рак на плочестите клетки на вулвата и случаите на рак на плочестите клетки на вагината.

Во периодот помеѓу јули 1997 година и јули 2003 година, научниците испитувале:

  • 182 пациентки со инвазивен рак на вулва и на вагина (116 пациентки биле со рак на вулва и 66 пациентки биле со рак на вагина),
  • 164 пациентки биле со рак на телото на матката и
  • 518 испитанички биле од општата популација, кои биле контролна група. Жените од контролната група немале рак.

Кај 78 пациентки (48%) со инвазивен рак на вулвата или вагината била направена ХПВ типизација од ткивен примерок. Примероците биле позитивни на ХПВ вирус со висок ризик кај 54 пациентки (62%), а еден ткивен примерок (1%) бил позитивен на ХПВ вирус со низок ризик. Севкупно, 89% од туморите на пациентките со рак на вагина биле позитивни на хуманиот папилома вирус, во споредба со 50% тумори на пациетнките со рак на вулва.

Студијата покажала дека како статистички значајни фактори на ризик за настанувањето на ракот на вулвата биле: присуството на аногенитални брадавици (кондиломи), брачната состојба, пушењето, консумирањето на алкохол и нивото на образованието.

Статистички значајни фактори на ризик за настанувањето на ракот на вагината се: инфекциите со ХПВ вирусот, преинвазивни или инвазивни лезии на вратот на матката, пушењето и консумирањето на алкохол.

„Резултатите на нашите истражувања јасно укажуваат дека вакцината против ХПВ вирусот веројатно еднакво ефикасно ќе ја намали како честотата од инфекција со ХПБ вирусот, така и честотата на појава на рак на вулвата и вагината“, заклучиле данските научници.

 

Најчитани наслови