• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Како да ја решам фимозата? Печати

Имам проблем со фимоза кој дури сега се одлучив да го решавам. На вашиот портал најдов навистина голем број на информации и сум импресиониран од оваа можност за online консултации. Па би ве запрашал дали е можно лекување на фимозата без хируршки зафат, бидејќи навистина ми е ризично тоа, а и се работи за осетлив орган кај мажите. Имам сознанија дека може да се избегне хирургија па би ве замоли за ваш совет.

Навистина ме радува што со го пронашол нашиот портал и што си дошол до правата информација за твојот проблем. Како што пишуваш, ти најверојатно си прочитал сè во врска со фимозата. Значи, таа може да биде стекната во текот на животот, како последица од инфекции на глансот и препуциумот или да биде вродена аномалија.

Не наведуваш за каква фимоза се работи кај тебе, дали за вродена или стекната, ниту пак колку години имаш.

Фимозата треба да се реши, бидејќи таа може да биде ризик да покасно во животот се јави рак на пенисот, но е и причина за чести инфекции, доколку не се реши поскоро.

Како што прочита и на порталот, фимозата во некои случаи може да се речи со примена на локални масти и Beaugé-техника (техника на ширење и растегнувње на препуциумот).

Лекувањето со стероидни локални масти

Лекувањето со стероидни локални масти е метода која почнала да се применува во 90-тите години. Стероидните масти го поттикнуваат нормалниот раст и ширење на препуциумот. Оваа метода се покажала доста успешна и довела до излекување на фимозата во околу 90% од случаите. Предноста на лекувањето со локалните стероиди е во избегнувањето на хируршкиот зафат, кој може да доведе до трауми и компликации, како и во зачувувањето на препуциумот и неговата заштитна, ерогена и сексуална функција.

Beaugé-техника (техника на ширење и растегнување на препуциумот)

Оваа техника го добила своето име по авторот, кој прв ја применил кај пациенти со фимоза. Тоа е всушност техника на природно и постепено растегнување на препуциумот. Редовното растегнување на препуциумот доведува до умножување на клетките на кожичката, односно до нејзино проширување. Препорака на оваа техника е да, мажите кои имаат фимоза, почесто ја повлекуваат кожичката на назад, користејќи креми кои помагаат во растегнувањето и омекнувањето на кожичката. Кога ова се изведува во тек на подолго време, кожата на препуциумот постепено почнува да се олабавува и проширува. Третманот не е трауматски и не го оштетува ткивото. Предноста на овој вид на лекување е во зачувувањето на препуциумот и сексуалното чувство. Кај голем број од мажите, веќе по три седмици, се постигнува значително подобрување и корегирање на фимозата.

Друг начин на лекување е хируршкиот. За него сигурно си прочитал во порталот.

Хируршки зафати

Постојат два вида на хируршки интервенции кај фимозата:

Препуциопластика

Ова е поштедна пластична операција во однос на циркумцизијата, која беше до неодамна традиционален метод на лекување на фимозата. При препуциопластиката се рашируваат кожичката и препуциумскиот отвор до потребните димензии, за да може нормално да се повлекува од глансот на пенисот. Предностите на препуциопластиката се: побрзо и побезболно заздравување, помалку несакани компликации и зачувување на препуциумот и неговите функции. Постојат повеќе различни техники со кои се изведува препуциопластиката.

Циркумцизија

Традиционален третман на фимозата била циркумцизијата. Овој хируршки зафат е едноставен и се изведува во амбулантски услови, при што се отстранува дел или целиот препуциум. Но, иако овој пристап е едноставен, сепак тој носи со себе и одредени ризици како: можно оштетување на мочниот канал, крварења, инфекции и слично.Циркумцизијата предизвикува најголемо уништување на функционалното ткиво, најголема траума, најспоро опоравување, најмногу оштетување на нормалната функција и намалено сексуално задоволство. Тоа е и најскапа метода на лекување. Сепак, многу уролози сеуште ја промовираат како метода на избор.

Според тоа, зависно од степенот на фимозата и компликациите кои таа може да ги даде, потребна е консултација со уролог и соодветно лекување. Сеуште често се применува циркумцизијата, при која се отстранува вишокот од препуциумот.

Кај пациенти со присутно воспаление, во првиот акт се прави инцизија на задната страна на препуциумот (дел од препуциумот се засекува и на тој начин се овозможува негово повлекување од глансот, со што се овозможува и одржување на редовна хигиена). Циркумцизијата следи по излекувањето на воспалението.

Треба да се избегнува јако и насилно повлекување на препуциумот на назад, бидејќи тоа може да доведе до оштетување на кожата и до појава на состојба позната како парафимоза.

Значи, те молам, прво и најважно е да се јавиш кај уролог. Не е ништо така хитно во твојот случај, ниту пак комплицирано да се појде на консултација.

Само урологот може, врз основа на преглед, да оцени колкав е степенот на фимозата, и дали таа може да се корегира конзервативно (значи со масти или рачна манипулација) или хируршки.

Немој на своја рака ништо да превземаш, бидејќи може да направиш уште поголем проблем, како на пример да предизвикаш парафимоза, ако нагло го повлекуваш препуциумот на назад.

Хируршката интеревенција е многу едноставна, и не е врзана со компликации. Затоа, ти советувам да отидеш на уролог и да го решиш тоа што поскоро, за да не те мачи ниту психички, а ниту и физички.

Поздрав.

Асс. Д-р Л.Ацева.

Специјалист радиотерапевт и онколог.