• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Причини и ризик фактори за рак на простата Печати

Како и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, така и за ракот на простатата причините за неговото јавување не се познати.

Сеуште не може да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не.

Сепак, некои лица имаат поголем ризик да заболат од оваа болест.

Постојат одредени фактори на ризик кои ја зголемуваат можноста од појава на оваа болест кај некои луѓе. Но, карциномот на простатата никогаш не е последица на малигната дегенерација на бенигната простатична хиперплазија.

Фактори на ризик се:

Возраста

Ова е главен ризик фактор за карциномот на простатата. Болеста ретко се јавува кај мажи помлади од 45 години. Можноста од појава на карциномот на простатата брзо се зголемува со годините.

Така, повеќето пациенти со карцином на простата се на возраст над 65 години.

Која е веројатноста за добивање на рак на простата?

  • за маж на возраст од 40 год. 1 на 1000
  • за маж на возраст од 50 год. 12 на 1000
  • за маж на возраст од 60 год. 45 на 1000
  • за маж на возраст од 70 год. 81 на 1000

Фамилијарната историја на болеста (генетска предиспозиција)

Доколку некојод машките членови од семејството боледува од карцином на простатата, постои поголем ризик и неговите потомци да заболат од оваа болест. Ризикот е поголем доколку од оваа болест е заболен роднина од прв степен (татко или брат). Маж чиј татко или брат имал рак на простата има најмалку два пати поголема шанса да заболи отколку маж без ваква историја. Ризикот е поголем ако повеќе од еден роднина имал рак на простата. Една студија тврди дека маж со двајца роднини од прв степен кои имале рак, има пет пати поголема шанса да добие рак. Затоа, некои стручни лица препорачуваат мажите со вака голем ризик редовно да се проверуваат, почнувајќи од нивната 40-та година.

Расата

Карциномот на простатата почесто се јавува кај црната отколку кај белата раса. Исто така, почесто се јавува кај белците Европјани, отколку кај Кинезите и кај Јапонците (Азијатите).

Тоа е најверојатно поради влијанието на животната средина и на наследените гени, но сеуште не се знае точно која е вистинската причина за негово почесто јавување кај овие раси.

Исхраната

Некои студии укажуваат дека прекумерната телесна тежина и внесувањето на голема количина масти од животинско потекло во исхраната го зголемуваат ризикот за карцином на простатата. Постои теорија која укажува дека мастите ја зголемуваат продукцијата на машкиот полов хормон, тестостерон, кој го потпомага настанувањето на простатичните карциномски клетки.

Утврдено е дека почесто се јавува кај лица кои во својата исхрана внесувале повеќе црвено месо, а малку овошје и зеленчук.

Лица кои во својата исхрана вклучуваат повеќе овошје и зеленчук, а помалку масна храна и црвено месо, имаат помал ризик да заболат.

Високите вредности на тестостерон

Засега со сигурност се знае дека постои зависност помеѓу карциномот на простатата и тестостеронот. Ова го потврдува фактот дека кастрираните мажи не заболуваат од карцином на простатата.

Тестостеронот го стимулира растот на нормалната простатата, но исто така влијае и на растот на карциномот на простатата.

Лицата кои имаат високи вредности на тестостерон во крвта, како и лица кои се на терапија со тестостерон имаат поголем ризик да заболат од карцином на простатата од оние со помало ниво на тестостерон.

Долготрајна терапија со тестостеронот исто така може да предизвика зголемување на про статата, состојба позната како бенигна простатична хиперплазија.

Кај пациенти со веќе присутен карцином на простатата, тестостеронот може да го забрза растот на простатичните карциномски клетки и да ја стимулира болеста.

Сепак, многу лица, кои имаат некои од наведените фактори на ризик, нема и да заболат од карцином на простатата. Од друга страна, пак, често заболуваат и лица кои немаат ниту еден од овие фактори на ризик, освен возраста.